Интервјуа
Ивановска: Назадувањето во рангирањето укажува дека постојат сериозни пречки во функционирањето на системот во целина
Интервју со Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата
Корупцијата е канцер за една земја. Таа ја поткопува довербата во институциите и во државата во целина и негативно влијае на бизнис-климата. Нашава земја отсекогаш имала проблем со корупцијата. Тој проблем повторно се актуелизираше и се интензивираше со неодамнешното објавување на најновиот извештај на Транспаренси интернешнл за перцепцијата за корупција во 180 земји во светот, но за тоа подоцна. Да почнеме од почеток. Согласно регулативата според која работите, што се дефинира како корупција, дали одговараат двете страни, и тој што зема мито, но и тој што нуди мито, и какви се казните?
Б. Ивановска: Новиот Закон за спречување корупција и судир на интереси ги постави законските основи за примена на препораките дадени во Извештајот на ЕК за напредокот, Извештајот на Прибе, како и забелешките на ГРЕКО од четвртиот круг на оценка на Македонија и е усогласен со правото на ЕУ во областа на правосудството и фундаменталните права, односно со правната рамка на Европската Унија.
Корупцијата во овој Закон се дефинира на ист начин како што е дефинирана во директивата на ЕУ за борба против измами во финансиските интереси, каде што во дефиницијата за корупција се вклучени давањето и земањето поткуп, односно активната и пасивната корупција кои претставуваат кривично дело доколку се направени намерно.
Имено, под корупција, во смисла на ЗСКСИ, се подразбира злоупотреба на функцијата, јавното овластување, службената должност или положба за остварување корист, директно или преку посредник, за себе или за друг.
Поимот корупција ги опфаќа поимите: пасивна корупција – во случај кога службеното лице дејствува намерно, директно или преку посредник, бара или прима корист од каков било вид, за себе или за трето лице, или прифаќа ветување за корист, со цел да дејствува или да се воздржува од дејствување спротивно на службените обврски; и активна корупција – што подразбира намерно дејствување на кое било лице кое директно или преку посредник ветува или дава корист од каков било вид на службено лице, за него или за трето лице, со цел да дејствува или да се воздржува од дејствување спротивно на службените обврски.
Во Кривичниот законик се утврдени кривичните дела примање поткуп, член 357 и давање поткуп, член 358, каде што се определени и казните.
Како е системски, институционално, поставена борбата на државата против корупцијата? Постои специјална државна комисија, таа што Вие ја раководите, но од неодамна е креиран и нов субјект, заменик-претседател на Владата за борба против корупцијата, за одржлив развој и човечки ресурси. Дали се јасно разграничени надлежностите и одговорностите во системот во однос на борбата против корупцијата? Дали има координација или преклопување?
Б. Ивановска: ДКСК е независно тело и е надлежна и одговорна за примена на мерките и активностите дефинирани во Законот за спречување корупција и судир на интереси, кои се однесуваат на спречување на корупцијата во вршењето на власта, јавните овластувања, службената должност и политиката; спречување на судирот на интереси; спречување на корупцијата при вршењето работи од јавен интерес на правните лица поврзани со остварувањето на јавните овластувања.
Освен одредбите од Законот за Владата на Република Северна Македонија со кои генерално е утврдено правото на претседателот на Владата да им довери на своите заменици вршење на одделни работи што произлегуваат од неговите права и должности, како и одговорноста што сите членови на Владата ја имаат пред Собранието на РСМ, други поконкретни надлежности на вицепремиерот за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси не се дел од законско решение. Од досегашното презентирање на вицепремиерот може да се подразбере дека неговата улога е повеќе кооординативна во насока на забрзување на процесите кај институциите. Инаку, тој е запознаен со нашата работа, со предизвиците и проблемите со кои се соочуваме, а во насока на подобро меѓусебно информирање одржуваме редовни онлајн средби двапати месечно.
Како оди постапката кога Вашата комисија има наод за откриена корупција?
Б. Ивановска: Државната комисија има законска можност да постапува по сопствена иницијатива или врз основа на добиени пријави од физички и правни лица за сомнежи за корупција и судир на интереси. По целосното утврдување на фактичката состојба, врз основа на добиени податоци и информации од надлежни институции, правни и физички лица, Државната комисија во зависност од противзаконското дејствие на пријавеното службено лице покренува иницијатива пред надлежните органи за поведување постапка за утврдување на одговорност на пријавеното службено лице или покренува иницијатива пред ЈО за поведување постапка за кривично гонење.

Што сметате дека е најголем успех на досегашната работа на Вашата комисија?
Б. Ивановска: Најголем успех на Комисијата е што успеа со својот транспарентен професионален и неселективен пристап да биде препознаена од страна на ЕК и во последниот извештај за напредокот на земјава да биде оценета како особено проактивна во превенција на корупцијата и отворање на голем број предмети, вклучително и оние кои се однесуваат на високо ниво на службеници низ политичкиот спектар. Ова е особено важно ако се земат предвид извештаите на ЕК во претходните години (2015 год., 2016 год.) во кои беше истакнато дека во услови на функционална зависност постои селективна пасивност и недостасува волја кај членовите на Комисијата за борба против корупцијата на проактивен, независен и неселективен начин. Во извештајот од 2017 година изразено е мислење дека ДКСК не е во состојба да го исполни својот мандат.
Во текот на изминативе две години, работејќи по предмети оформени по пријави од граѓани или по сопствена иницијатива, утврдивме повеќе системски слабости и дадовме препораки за нивно надминување.
Во споменатиов период од две години, Комисијата покрена и над 340 постапки по сопствена иницијатива, а истовремено прими и разгледа и близу 1 700 пријави од граѓани, организации и институции со сомневање за постоење на корупција, на злоупотреба и на судир на интерес.
Дополнително е извршена и антикорупциска проверка на 16 закони, а благодарение на одличната соработка со државните институции и граѓанските организации донесена е и новата петгодишна стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со ревидиран план на активности до крајот на 2025 година.
Во изминатиов период проследивме два изборни процеси, претседателски и локални избори во 2019 година и парламентарни избори во 2020 година, а за секој изборен процес до Собранието доставиме Посебен извештај за утврдени состојби во финансирањето на изборната кампања во кој се нотирани сите активности кои ги презеде ДКСК во изборниот период, но и мерките на Владата преземени во изборниот период кои не беа спротивни на Изборниот законик, но не беа ни во духот на добро владеење за што ДКСК даде и соодветни препораки.
Особено внимание посветивме на бројни предмети поврзани со непотизам, односно со вработувања на блиски лица на поранешни и сегашни функционери и во најголем број случаи утврдивме дека се злоупотребува дискреционото овластување без притоа да се земат предвид сите околности, квалитети и компетенции на кандидатите. Со изборот преку влијание и злоупотреба на дискреционите овластувања се руши и системот на вредности при вработувањата, се поткопува желбата и мотивацијата кај стручните и квалитетните лица за поголеми достигнувања, но и вербата на јавноста во постоење фер и праведен институционален систем заснован на вредности, достапен за сите граѓани подеднакво.
ДКСК ги објави резултатите од предметите поврзани со непотизам и побара од надлежните УО и НО да ја преиспитаат одговорноста на раководните органи, но за жал тие не постапија по нашите барања.
Со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија и Транспаренси интернешнл се подготви Анализа за ранливоста од корупцијата − Проценка на политиките и процедурите за вработување, со посебен фокус на непотизам, кронизам и клиентелизам. Со анализата се нотираа и истакнаа проблемите или „точките на ранливост“ во постапките за вработување на административните службеници, јавните службеници, како и за постапките за избор и именување директори, претседатели и членови на комисии. Извршена е анализа на вкупно 19 закони, два подзаконски акти и анализа на Годишниот извештај од Регистарот за вработените во јавниот сектор. Наодите и препораките кои произлегоа од Извештајот од оваа анализа се добра основа за постапување на Владата и надлежните институции од кои се очекува да направат измени во законската регулатива.
Утврдивме дека функцијата в. д. директор не се користи за надминување на непредвидена состојба до пополнување на раководните места со распишување на јавен конкурс, како што е предвидено во материјалните закони, туку се користи редовно како да е тоа единствен начин за поставување директори. Така, во отсуство на почитување на материјалните закони за избор на директори по пат на конкурс и обезбедување фер конкуренција, се применува начин на работа кој со години се гради во нашево општество и остава простор за постоење на висок ризик од политичко влијание што доведува до разградување на системот на вредности, на професионализмот, но и до преселување на квалитетен кадар во чие образование се вложувало во оваа држава.
Подготвивме и Анализа за непродуктивните буџетски трошоци со која ги опфативме трошоците за сместување и патните трошоци, трошоците за апанажа на избрани и именувани лица, трошоците за користење службени возила, трошоците за репрезентација, како и трошоците за користење платежни картички во странство. Анализата укажува на потребата од допрецизирање на законската и подзаконската регулатива и намалување на овие трошоци.
Во овој период издадовме повеќе мислења, јавни опомени и укажувања за постоење судир на интереси во извршната и локалната власт.
Ние сме задоволни од постигнатото бидејќи со непроменети услови за работа (просторни, материјално-технички и човечки ресурси) успеавме да испорачаме потполно различни резултати во споредба со претходните комисии. Сепак, треба да се има предвид дека ДКСК дејствува превентивно и претставува само една алка на системот. За успешно функционирање на целиот систем и зголемување на крајниот ефект потребно е почитување и прифаќање на препораките и иницијативите за покренување одговорност упатени од страна на ДКСК до повеќе институции, како и заложба на сите чинители за спротивставување на незаконските дејствија на поединци и институции, но и на оние законски решенија кои предизвикуваат разорувачки ефекти за општеството.
Што е најголемиот оперативен предизвик за работата на Комисијата? Каква ќе биде разврската за работните простории? Ви беa ветени нови простории, но ништо од тоа. Зошто? Што сега?
Б. Ивановска: Проблемот со несоодветен работен простор, а особено простор за сместување на серверите постои уште пред изборот на последниот состав на Комисијата, односно уште од март 2018 година кога институцијата ја добила оваа опрема преку ИПА-проект. По изборот во 2019 година, 10 месеци бевме целосно посветени кон надминување на сите законски и процедурални пречки со цел што побрзо да се преселиме. На почетокот на 2020 година, Владата на РСМ донесе и Одлука за купување на веќе определениот простор (за ДКСК еден кат од зградата на ЈПССДП), но поради пандемијата неопходно беше пренамена на средствата за здравствени цели. Оттогаш почнавме да размислуваме за алтернативни решенија, извршивме консултации со надлежните министри и одлучивме да направиме реконструкција на постојните простории за што добивме согласност од Владата и ги започнавме активностите. Но, во меѓувреме Владата издвои средства и ја купи целата зграда на ЈПССДП, но не за ДКСК што предизвика големо разочарување и реакции од наша страна.
Неодамна добивме понуда да се преселиме во други нови простории кои биле изградени за Факултетот за драмски уметности. Во тек се консултации со архитектите од СОЗР за можностите за адаптација на просториите спрема нашите потреби. Очекувам дека во текот на месец март ќе го затвориме проблемот со просторот.
Во меѓувреме распишан е меѓународен тендер за изработка на софтверско решение со кое треба да се овозможи исполнување на законските обврски за системски пристап за поднесување на изјавите за имотна состојба и интереси, електронско поврзување со повеќе институции за размена на податоци заради проверка на имотната состојба и интересите, понатаму за следење на законитоста на финансирањето на политичките партии и изборни кампањи, воспоставување на повеќе регистри и сл. и треба да придонесе за зголемување на ефикасноста и ефективноста на работењето на Комисија.
Оваа година е исто така важна и од аспект на доекипирање на институцијата за што во Буџетот делумно се предвидени средства.
Се надеваме до крајот на годинава ќе се обезбедат неопходните услови за нормално функционирање на институцијата што, всушност, е и една од препораките на ЕК во извештајот за напредокот на земјава.
Како оди соработката на Комисијата со останатите институции во системот? Имате ли притисоци врз Вашата работа, директни или индиректни, од која било страна, од институциите или надвор од нив?
Б. Ивановска: Иако имаме добра соработка со институциите, со мали исклучоци од неколку институции кои ни со ургенција не ни доставуваат документи, сметам дека со поголема дигитализација работата ќе биде поефикасна, а ефектот поголем.
Директни притисоци нема, но се чувствуваат индиректните, особено оние кои се резултат на влијанието на одредени деструктивни сили што успеваат да се доближат до секоја власт.
Сметам дека и бавното справување на властите со проблемите поврзани со условите за нашето работење со кои сме соочени уште од првиот ден по нашиот избор е своевиден притисок бидејќи ни ја отежнува работата, но и го намалува ефектот.

Неодамна објавениот извештај на Транспаренси интернешнл за перцепцијата за корупција за 2020 година ја рангира РС Македонија дури на 111. место од вкупно 180 земји. Ова е големо влошување со оглед на тоа што пред 10 години сме биле на 67. место, a пред 5 години на 66. место. Пред нас се сите од регионов, Косово, Албанија, Србија, Турција, Бугарија, Романија, Црна Гора, Хрватска, Грција и Словенија. Следуваше и остра, недвосмислена критика од меѓународната заедница. Како гледате Вие на сето ова?
Б. Ивановска: Ова не е ниту прва ниту неочекувана критика од меѓународната заедница. Во сите извештаи кои се однесуваат на состојбите со корупцијата во нашава држава постојано ни се укажува на слабостите и на потребата од системско справување со корупцијата.
Конкретно во извештајот на Транспаренси забелешките за нашава држава се однесуваат на високо ниво на политичкото влијание, владеење на правото и состојбата во судството, недоволна транспарентност во работењето на јавниот сектор и управувањето со судирот на интереси, како и непочитување на антикорупциските препораки од независните регулаторни тела.
Исто така сакам да посочам дека и во Националната стратегија за борба против корупција како највисоки ризици од корупција се детектирани: политичкото влијание, владеењето на правото (неказнивоста), интегритетот и (не)транспарентноста.
Назадувањето во рангирањето укажува дека постојат сериозни пречки во функционирањето на системот во целина, а ефектите од антикорупциските напори сè уште не се остваруваат поради силно влијание на политиката, несоодветен однос кон работата на независните тела и непостапување по нивните препораки.
Како Ви оди соработката со слични институции во други земји? Што можеме да научиме од нив?
Б. Ивановска: ДКСК има воспоставено билатерална соработка со соодветните институции од други земји и по потреба контактираме и остваруваме размена на искуства во конкретни области, пред сè од сферата на развивање и на реализирање на превентивни механизми и алатки. Законската и институционалната структура во која дејствуваат овие тела од регионот во голема мерка е слична со нашата, се разбира со одредени специфики зависно од контекстот и расположението на политиките во овие земји. Генерално може да се оцени дека иако и тие се соочуваат со слични предизвици како и ние, улогата на овие тела зајакнува низ годините, што е резултат и на новите стандарди за превенција на корупцијата што се воспоставуваат на меѓународно ниво, особено одредбите од Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата, потоа препораките на ГРЕКО на Советот на Европа, но и на други меѓународни организации како ОЕЦД, ОБСЕ, Светската банка итн. На мултилатерално ниво, членуваме во повеќе антикорупциски мрежи во кои активно дејствуваме. Следниот месец треба да се случи потпишувањето на Меѓународен договор за размена на податоци за имотна состојба и интереси меѓу надлежните тела за интегритет во кои според законската поставеност спаѓа и ДКСК. Оваа иницијатива е покрената од страна на Регионалната антикорупциска иницијатива со седиште во Сараево, а ДКСК беше исклучително активна во развивањето на овој договор.
Кога сè ќе се земе во целина, што мислите дека треба да се направи за навистина да започне суштински да се искоренува корупцијата во земјава? Имаше Ваша изјава дека досега, условно речено, работата на Вашата Комисија повеќе се однесувала на релативно „поситни“ случаи, но дека во иднина ќе се фокусирате на „покрупни“ случаи. Дали е тоа решението, што да очекуваме наскоро?
Б. Ивановска: Сметам дека оваа состојба може да се надмине единствено со висока свест, интегритет и професионализам во сите сфери на општествениот живот.
Антикорупциската комисија е една алка во системот, институција со превентивна улога која во изминатиов период укажа на многубројни системски слабости и предложи препораки за нивно надминување.
Во функција на постигнување поголема ефективност во работењето, а во услови на голем број пријави, но со сè уште ограничените ресурси, ДКСК ќе пристапи кон рангирање на предметите, односно кон определување приоритети врз основа на објективни критериуми, со што фокусот ќе биде насочен кон предмети кои се однесуваат на високи функционери и на прашања од поширок јавен интерес.
За крај на ова интервју можам само да ве охрабрам како Државна комисија да ги интензивирате напорите и да опстоите на принципите на чесноста, на правичноста и на професионалноста. Верувајте дека очите на јавноста се свртени кон Вас, очекувањата се големи и многумина млади и талентирани ќе останат во земјава ако ги исполните тие очекувања. Ви благодарам за интервјуто.
Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, март 2021г.)