Интервјуа
Зутер Tехада: Започнуваме нова четиригодишна програма за соработка
Сибил Зутер Tехада
Интервју со Сибил Зутер Tехада, aмбасадор на Швајцарија
Швајцарија е голем пријател на Северна Македонија уште од 1992 година, а воедно и најголемиот билатералeн донатор во изминатава деценија. Можете ли да ни посочите што е карактеристично за швајцарскиот пристап кон развојот?
С. Зутер Техада: Швајцарија е искрен и сигурен партнер кој ја поддржува политичката, социјалната и економската транзиција на Република Северна Македонија од 1992 година. Нашата додадена вредност во пристапот кон развојот се заснова на споделување знаења, искуства и успешни примери во различни области. Со нашата Програма за соработка ние имаме долгорочен програмски пристап чиј фокус се, пред сè, системски решенија кои водат кон одржливи резултати. Она што е најважно за нашиот пристап е дека не пресликуваме решенија и добри практики од Швајцарија. Ние го споделуваме швајцарското искуство, а притоа го прилагодуваме на локалниот контекст, како и на потребите на локалните чинители. Соработуваме со различни партнери за да ги зајакнеме државните институции, како и граѓанскиот сектор преку поддршка на реформите кои водат до општествена инклузивна демократија и пазарна економија. Особено внимание посветуваме на градење на системи кои обезбедуваат ефикасно управување со природните ресурси. Изминативе децении, во партнерство со граѓанското општество, приватниот сектор и Владата, помогнавме да се постигнат ефективни резултати и забележителен напредок во многу области. Денес Швајцарија останува посветена на продолжување и на продлабочување на односите со Северна Македонија преку унапредување на дипломатските, развојните и културните активности.
Кои се плановите за идна соработка со Северна Македонија?
С. Зутер Техада: Задоволство ми е да најавам дека оваа година започнуваме нова 4-годишна швајцарска Програма за соработка 2021−2024 година. Нашата програма е усогласена со реформските процеси на Северна Македонија кон продолжување на евроатлантските интеграции и постигнување на целите за одржлив развој. Новата Програма за соработка се фокусира на поддршка на државата во понатамошните реформи во областите на демократија, на економија и на животна средина. Овие реформи водат кон потранспарентно, отчетно и партиципативно политичко и економско управување. Би сакала да истакнам дека не ја менуваме суштината на нашата Програма за соработка на секои четири години бидејќи за креирање на системски решенија и постигнување на долгорочни резултати е потребно време. Токму затоа во новата Програма за соработка, исто како и досега, се надоврзуваме на искуствата и на достигнувањата од минатото.

Можете ли да издвоите некои од најмаркантните достигнувања од изминативе години?
С. Зутер Техада: Швајцарија активно ја поддржува земјата во областите на демократско владеење, одржлив економски развој и животна средина. Постојат голем број примери на кои сме особено горди бидејќи нашиот фокус во сите три области е да ги градиме капацитетите на институциите, а со тоа и да придонесеме кон позитивни системски промени. Пример што би сакала да го посочам е формирањето на Парламентарниот институт кој работи на градење на капацитетите на Парламентот и негово етаблирање како ефикасно, транспарентно и автономно законодавно тело. Успехот на нашиот долгорочен систематски пристап може да се види и во нашата поддршка на стартап заедницата. Имено, изминативе 6 години се фокусираме на градење на силен екосистем за поддршка на стартап компаниите сè со цел тие да имаат можност за континуиран развој и напредок. Одржливото користење и заштита на природните ресурси се уште еден приоритет на кој долгорочно работиме. Меѓу поголемите достигнувања во оваа област би сакала да го истакнам обновувањето на екосистемот на Преспанското Езеро. Долгогодишната работа фундаментално придонесе за подобрување на неговата отпорност на климатски промени. Имаме безброј одлични примери на кои ги темелиме и нашите идни планови и проекти. Сепак, времето со себе носи нови предизвици кои ни налагаат да се прилагодуваме на новите трендови, како во Северна Македонија така и во светот.
Дали може да ни посочите како во новата Програмата за соработка ги инкорпориравте новите трендови?
С. Зутер Техада: Новите предизвици и контекстот во кој работиме налагаат дизајнирање на програми кои ќе се фокусираат на борба против корупцијата и поддршка на новите генерации (млади) политички актери, вклучително и жени лидери. Имено, новите трендови во светот нè поттикна да ја насочиме нашата поддршка кон воведување на дигитализацијата како алатка за постигнување на одржлив економски развој. Секако тоа не е доволно за да се изгради конкурентен приватен сектор, па затоа дел од нашите активности ќе се фокусираат на борба против сивата економија, олеснување на пристап до нови пазари, како и поддршка на приватниот сектор во креирањето на економските политики. Следниов период една од клучните цели ни е преку сите овие активности да поддржиме креирање на квалитетни и достоинствени работни места. Во контекст на тоа ќе продолжиме да работиме со приватниот сектор во негово поактивно вклучување во стручното образование бидејќи само така можеме да придонесеме кон создавање на квалитетни работни места на пазарот на трудот. Би сакала да потенцирам дека поддршката за управување и зачувување на природните ресурси во Северна Македонија е од големо значење и има посебно место во новата Програма за соработка. Тука пред сè би сакала да ставам акцент на поддршката која ја даваме за градење на политики кои водат кон заштита на животната средина и природните ресурси за идните генерации. Тоа секако е невозможно без градење на капацитети на државните институции и граѓанскиот сектор преку обезбедување на техничка помош, но и активно работење на подигање на јавната свест. Во рамките на новата Програма ќе обезбедиме и инвестициски грантови чија цел е подобрување на инфраструктурата, но и ефективноста на работењето на јавните комунални претпријатија преку воведување нови и иновативни технологии.
Швајцарија е позната по успешниот систем на стручно образование, честопати нарекуван златен стандард. Токму овој систем има значителен придонес за економскиот успех на Швајцарија. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за Вашите идни активности во Северна Македонија на ова поле?
С. Зутер Техада Успехот на системот на стручно образование во Швајцарија се должи на активната вклученост на приватниот сектор во образованието. Ние продолжуваме да ја поддржуваме Владата на Република Северна Македонија во спроведување на суштински реформи во системот за развој на стручни вештини преку споделување на добрите практики. Веруваме дека инволвираноста на приватниот сектор во стручното образование е од клучно значење во процесот на креирање на квалитетна и квалификувана работна сила која е потребна на пазарот на трудот. Само преку работна сила која одговара на потребите на приватниот сектор може да се зголеми неговата конкурентност на меѓународниот пазар. Секако, посебно внимание се обрнува на градење на вештините кај младите со цел да ги задржиме во државата, а со тоа и да се осигури нејзиниот економски просперитет.

Изминативе години во рамките на Вашите активности се забележува поголем акцент на социјалната инклузија. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за тоа?
С. Зутер Техада: Универзалните начела по кои се водиме се: „не оставај никој зад себе“ и „не прави штета никому“. Всушност, целата наша Програма за соработка се заснова на овие начела, сè со цел да се изгради инклузивно општество кое нуди еднакви можности за сите. Низ годините увидовме дека е потребно да ставиме поголем акцент на социјалната инклузија како клучен елемент и предуслов за понатамошен инклузивен развој на општеството. Токму затоа новата Програма за соработка продолжува активно да работи на зајакнување на улогата на жените, на младите и на другите ранливи групи во сите сфери од општеството. Секако, најдобро се учи преку конкретни примери и токму затоа во рамките на претходната Програма за соработка 2017−2020 година заедно со Владата спроведовме над 20 инфраструктурни проекти со фокус на социјалната инклузија. Особено важно да се напомене во овој контекст е дека за сите инфраструктурни проекти кои беа финансирани, идеите дојдоа од самите граѓани преку организирање на регионални форуми. Дел од проектите кои беа идентификувани од граѓаните се: воспоставување на центри за рехабилитација на лица со попреченост за да им се овозможи влез на пазарот на трудот, воведување нови социјални услуги насочени кон грижа за стари лица, подобрување на условите за деца со посебни потреби во градинките, градење на капацитети на студентските домови за психосоцијална поддршка на млади и жртви на семејно насилство и сл.
Ја спомнавте дигитализацијата и зголеменото користење на дигиталните технологии како нов приоритет кој го инкорпориравте во Вашата Програма за соработка. Може ли да ни кажете нешто повеќе за тоа?
С. Зутер Техада: Дигитализацијата е нова приоритетна тема во Програмата за соработка 2021−2024 година и таа ќе биде интегрирана во целото портфолио. Она што е важно да се напомене е дека дигитализацијата е алатка која ќе ни помогне поефикасно и поефективно да ги постигнеме целите на Програмата. Со интегрирање на дигитализацијата ќе се работи на подобрување на отчетноста и на транспарентноста во деловното опкружување, зајакнувањето на синџирите на доставувачи, што директно ќе влијае на зголемување на конкурентноста на економијата. Воведувањето на дигитални технологии, дигитализацијата на податоците особено во државните институции, развојот на дигитални вештини се само неколку примери како дигитализацијата како алатка има огромен потенцијал да ја подобри институционалната транспарентност, да овозможи подобар пристап до услуги и да придонесат за зголемена продуктивност и економски раст. Секако, партнерствата со приватниот сектор, граѓанското општество и јавната администрација ќе бидат клучни за да се обезбеди ефикасност и релевантност на новите дигитални инструменти.
Со оглед дека живеете и работите во земјава веќе пет години, кои се според Вас најголемите предизвици со кои се соочува државава?
С. Зутер Техада: Морам да признам дека престојот во Северна Македонија за мене е едно навистина прекрасно искуство. Како голем љубител на природата и активности на отворено, многу од моите искуства тука се пријатни затоа што Северна Македонија навистина има многу што да понуди за вљубениците во природата. Она што лично можам да го посочам како непријатно искуство е проблемот со загадувањето на животната средина, особено несоодветното управување со отпад. Неодговорното однесување на луѓето остава длабоки траги во природата, а притоа земјата ја губи својата привлечност како дестинација за активен туризам. Одговорноста за решавање на овој длабоко вкоренет проблем не е само во рацете на централната и локалната власт, туку и на приватниот сектор и пред сè се должи на однесувањето на самите граѓани. Токму затоа неопходно е сите чинители да преземат одговорност и заедно да се залагаат за заштита на животната средина и на природата бидејќи таа е едно од најголемите богатства на оваа земја.
Корупцијата е уште еден огромен предизвик со кој се соочува Северна Македонија. Како и секој друг сложен проблем длабоко вкоренет во општеството, така и за корупцијата не постои лесно решение. Сепак, би сакала да истакнам дека ова е проблем кој исто така се темели на однесувањето на сите граѓани во Република Северна Македонија. Токму затоа длабоко верувам дека токму тие треба да преземат одговорност и да работат на создавање на општество кое нема да се темели на корупција. Секоја единка во општеството е одговорна за своите постапки, однесувања, дострели и одлуки и треба да вложува лични напори да ја зголеми посветеноста кон општество без корупција.
Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2021г)