Убава Македонија

ЕВЛА

Затвореноста на границите создаде шанса повторно да се вратиме кон македонските убавини. Околината на селото Евла во близина на Ресен повторно ја потврдува тезата дека Македонија има премногу убавини непознати за мнозинството население, кои многу нудат и заслужуваат многу посилна промоција. Оние кои шетале низ Света Гора со право патеката од селото Евла до манастирот Свети Спас ја споредуваат со тамошните копнени патеки. Движење низ богата шума, река и патека која завршува кон мистична карпа со монашки ќелии и прекрасна панорама.


Според преданието името на селото се поврзува со дрвото евла, листопадно растение од семејството брези. И навистина, по течението на Елска Река веднаш ќе го забележите ова убаво дрво. Интересно е што евла е видот на дрвото на кое е изградена Венеција. Станува збор за растение од семејството брези, а според некои стари извори во изградбата се искористени над милион дрвени колци секој со должина од 4 метри претходно донесени од Словенија, Хрватска и Црна Гора. По слична техника е граден и Амстердам во Холандија.
Почетокот на патеката е од црквата „Успение Богородично“. Изградена е во 1848 година. Не пропуштајте на западната страна да ја погледнете вградената мермерна плоча со три интересни ликови. Очигледно е дека датира од многу порано, доказ дека овој крај имал континуитет во живеењето.


Патеката води покрај Елска Река и постојано ве следи свежината која ја шири чистата планинска река. Започнува од Центарот за огледување дивеч и застрел. Може да се пристапи до манастирот и со возило со оглед на одличната состојба на патот, но ако не ви е проблем да испешачите 3,5 км во правец, со скромни 250 метри висинска разлика, тогаш препораката е да се движите пеш. Мора да се има предвид дека движењето треба да се пријави со оглед на тоа што станува збор за резерват во кој се врши и отстрел на дивеч. Ловиштето е оградено. Доколку се движите пешки има голема шанса да забележите и дивеч, најчесто диви свињи. Уникатни средби со дивите свињи кои од жуборот на реката може и да не го осетат вашето присуство. Во движењето од еден час може да сретнете и преку триесетина, дел во заграденото ловиште, а дел и на патот на кој се движите.
Црквата на Вознесението Христово или Свети Спас е лоцирана на нешто повеќе од три километри од селото. Сѐ уште се раскажува легендата според која црквата претходно била лоцирана на друго место (Стара Спаса), но подоцна иконата е преместена на денешната локација каде што е изградена средновековната пештерна црква. Овој културно-историски раритет во оваа импресивна карпа датира од среден век. И денес во природниот засек се препознаваат старите фрески. И топонимот „Калуѓерска краста“ укажува на историската заднина на локалитетот. Покрај неспорното духовно значење на областа, овој топоним, како и над сто и дваесет други топоними во државава го содржат зборот „краста“ (од кои најголем дел во Западна Македонија). Дури 85 % од сите се директно поврзани со карстни терени, терени кои се формирани од силно растворливи и испукани карпи. Оттука заклучокот на стручната јавност е дека етимолошкото значење на зборот „краста“ е аналоген збор за „карст“, односно ‘голо каменливо место’.


Веднаш над црквата се наоѓаат поставени два крста, а од горе погледот е воодушевувачки. Планините создаваат бариери за непречен поглед кон Преспанското Езеро, но шумата, погледот кон масивот на Баба Планина и Галичица ќе ве остави без зборови. Локалитетот со сите свои содржини (летниковци, извор и слично) нуди одлична опција за еднодневен престој во природа на над 1 200 м н. в.
Во книгата „Преспа“ од 1923 година, авторот Георги Трајчев опишува и месност над селото позната како „влашки колиби“, живеалиште на Каракачаните кои на падините на планината ги напасувале стадата овци. Во близина на селото за време на Илинденското востание се води и битка меѓу 250 востаници и 2000 аскер. Селото уште во периодот на почетокот на XX век е под силен бран на иселувања, па дел од населението се преселува во Америка, а дел во Бугарија и Цариград.

Александар Матески
(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано