Интервјуа
Младеновска Јеленковиќ: Потребна е реорганизација на образовниот систем кој ќе биде прилагоден на потребите на реалниот сектор
Елена Младеновска Јеленковиќ
Главен извршен директор на М6 Едукативен центар
Според Бил Гејтс, на долг рок човечкиот капитал е главната основа на конкурентноста. Тој вели дека водечки индикатор за тоа каде ќе бидете за 20 години е тоа колку ви е добар едукативниот систем. Како се вклопува едукацијата на компаниско ниво во нашава земја во оваа приказна?
Е. Младеновска Јеленковиќ: Еден од главните предизвици на денешницата, и тоа не само во нашава земја, е секако привлекување и задржување на квалитетен кадар. За жал, државава многу малку инвестира во образование и наука за да може да се „произведат“ кадри кои се подготвени за брзо вклопување кон потребите на компаниите. Од друга страна, компаниите се принудени да инвестираат во нови технологии и развој, перманентно вложуваат за да може да бидат конкурентни на пазарите на кои дејствуваат.
Затоа едукацијата на компаниско ниво е онаа која може да направи разлика и да помогне новите вработени да се прилагодат на потребите на компаниите, а постоечките вработени да излезат од одредена стагнација и еднолична работа, но и да сe прилагодат кон новите потреби на компаниите. Многу е важно да им се даде можност на луѓето да се развиваат во насока во која и самите гледаат потенцијал. Ова може да вклучи тренинзи за континуиран личен и професионален развој на кадарот, како и дополнителна едукација за некоја нова позиција во компаниите за која се потребни поинакви знаења и вештини.
Потребна е и реорганизација на образовниот систем кој ќе биде прилагоден на потребите на реалниот сектор. Големи се очекувањата за плати и бенефиции, а од друга страна продуктивноста е на ниско ниво. Она што е потребно кај нас е да се сменат менталитетот и однесувањето кај поединците, да не мора секогаш да чекаат компанијата да организира доедукација, туку и самите да се свесни за потребата од сопствен развој и надоградба со цел да бидат поконкурентни на пазарот на труд.
Како главен извршен директор, како би го претставиле М6 Едукативниот центар?
Е. Младеновска Јеленковиќ: M6 Едукативниот центар е институција која претставува лидер на полето на општествен развој и трансформација на општеството. Служи како постојан извор и поттик за понатамошна едукација, иновации и креативност кај индивидуите, компаниите и институциите.
На листата со приоритети највисоко ги позиционираме нашите клиенти, односно сите наши стејкхолдери притоа фокусирајќи се на задоволството и на вредноста која ја нудиме за нив.
Се издвојуваме со нашата постојана упорност да обезбедиме предизвици за развој и за промени со што ќе постигнеме извонредност во нашето работење, а со тоа и на сите учесници во приказната М6 Едукативен центар.
М6 е единствениот центар за едукација во земјава кој има целосна опременост за организирање на бизнис-обуки, настани, конференции на највисоко ниво. Располагаме со два амфитеатри со капацитет од по 110 седишта, четири опремени училници во кои се организираат предавањата и конференциите, голем хол и тераса наменети за организирање различни настани.
Една од предностите на центарот е големата локална, регионална и интернационална мрежа која е достапна преку М6 Инвестициската група која е сопственик на центарот.
Која е конкретната, опиплива вредност што една компанија може да ја добие од М6 Едукативниот центар?
Е. Младеновска Јеленковиќ: Постојана, интензивна поддршка, и тоа не само во полето на доедукција и развој туку и во решавање на проблеми и предизвици со кои компаниите се соочуваат на дневна база, вмрежување и поврзување со точните луѓе, со што стануваме еден од најфункционалните „мостови“ меѓу различните заедници во општествово.
Нашата цел е М6 Едукативниот центар да стане успешен „бленд“ на сите влијателни заедници во општествово: бизнис-заедницата, академската заедница, стартап и невладиниот сектор. Бизнис-заедницата, од една страна ќе добие можност за полесен пристап до новата потенцијална работна сила преку директната врска на центарот со академската заедница (најголемите универзитети во државава со кои имаме склучено меморандуми за соработка), додека од друга страна ќе се најдат студентите заинтересирани за практична работа или ново вработување. Така сметаме дека најмногу ќе придонесме кон спречувањето на иселувањето на младите од земјава. Стартап заедницата во нашава држава има огромен потенцијал, особено кога тој ќе се спои со работата и побарувањата на македонските компании кои наместо да инвестираат во развој во странство можат тоа да го направат преку некоја иновативна идеја на наш старап. Задоволството е многу поголемо кога домашните иновации ќе се применат во македонски компании. Преку иницирање на проекти и теми поврзани со остварување на Целите за одржлив развој на Обединетите Нации го вклучуваме и невладиниот сектор.

Кои обуки досега привлекле најголем интерес кај компаниите?
Е. Младеновска Јеленковиќ: Кај компаниите, но и кај младите најголем интерес вообичаено привлекуваат обуките кои се однесуваат на проблеми/прашања со кои компаниите или поединците реално се соочуваат во секојдневното работење. Ако ја искомбинираме таа тема заедно со искусен експерт, тоа е секогаш формула за обука/настан со огромен интерес. Оваа година во рамките на Програмата за лидерство наменета за нашите членки во Одборот на старатели на М6 дефиниравме теми кои се релевантни за предизвиците со кои се соочуваат компаниите како што се Resilience, Design thinking, продажба, менаџирање и лидерство во време на криза, искуство на потрошувачите кое е најбитен фактор за одржлив и успешен бизнис и сл. Во оваа програма најголем дел од предавачите се значајни експерти од својата област и доаѓаат од сите краеви на светот.
Темите за обуките секогаш ги креираме заедно со компаниите членки во Одборот на старатели, но тие се и комерцијално достапни за сите заинтересирани. Со оглед на тоа што се трудиме да бидеме максимално флексибилни и секогаш да понудиме релевантни содржини, оваа година ангажиравме светски познати предавачи од соодветните специјалности и дел од програмата ја посветивме на ковид-19 кризата и начините како „најбезболно“ да се справиме со неа. Но, важно е да не ги испуштиме и сите оние проблеми со кои компаниите и индивидуалците се соочуваат во бизнис-секојдневието, а кои не се предизвикани од пандемијата.
Ако треба да издвојам неколку само од минатата година, тогаш тоа би биле „Менаџирање во време на криза“ со д-р Адижес, „Пребродување на стравот од неизвесноста“ со г. Светозар Јаневски, обуката на тема „Развој на нови производи“ со д-р Димитриос Николаидис, „Невромаркетинг“ со Николаос Димитриадис.
Што е актуелно во моментов од обуки, настани и активности во М6?
Е. Младеновска Јеленковиќ: Во моментов најактуелни се обуките од Leadership-програмата за Одборот на старатели каде што членки и дел од семејството ни се едни од најголемите и најбитни компании во државава како Триглав, Алкалоид, Тиквеш, ЕВН, Нептун, НЛБ Банка, Аутомакедонија, АМСМ, Кабтел, Дуна, Ам Брокер и АМ Церт. Тоа се компании кои се навистина посветени за развој на своите вработени и се свесни дека е потребно континуирано вложување во развој на човечкиот капитал. Има една анегдота. Финансов директор загрижен за буџетите му се обратил на генералниот директор: „Што ќе се случи ако инвестираме во развој на нашите луѓе и тие си заминат по две години?“, на што добил одговор „A што ќе се случи ако не инвестираме и тие останат?“
Минатата година дизајнирани беа посебни програми за развој на дигитални вештини и тие наоѓаат интерес кај посетителите, а тоа се Дигитален маркетинг, Сајбер безбедност, организирање на онлајн настани и практичен Аутокад. Тоа се модули во кои своето знаење го пренесуваат луѓе од пракса од компании кои се тренд сетери во својата област и кои се во потрага по квалитетни кадри.
М6 континуирано остварува соработка со значајни светски институции и програми за развој како што се Mindvalley за кои сме застапник за регионот, Универзитетот Тампере од Финска, Бледската школа за менаџмент, Љубљанскиот универзитет, шведската Школа за вештачка интелигенција и други.
М6 располага со голема база на консултанти и нудиме поддршка на голем број македонски компании, но и учествуваме на различни проекти и истражувања кои имаат влијание на напредокот на економијата во земјава.
Колку пандемијата влијаеше на едукацијата и на работата на М6 Едукативниот центар?
Е. Младеновска Јеленковиќ: Општ заклучок е дека во услови на криза најпрво се кратат буџетите за маркетинг и за тренинзи. Се надевам и дека сè повеќе компании и поединци ќе сфатат дека е час поскоро неопходно да стекнуваат нови знаења и да развиваат нови вештини кои им се потребни на работодавачите или пак да стекнат знаење кое ќе им помогне да развијат свој бизнис. Од оваа криза може да заклучиме дека светот се дигитализира и некои работни места ќе бидат излишни, работниците имаат флексибилно време и место што некогаш е предност, но најчесто ги дистанцира и отуѓува, па сè повеќе се сретнуваат примери на потреба од психичка поддршка. Верувам дека во наредниот период секторите за човечки ресурси ќе имаат поинакво и побитно значење во организациите бидејќи ќе се грижат за мотивација и развој на најбитниот ресурс на секоја компанија.
Во М6 пандемијата нè предизвика да размислуваме неконвенционално и брзо да се прилагодиме на новите услови. Веќе цела година функционираме виртуелно и содржината и квалитетот на обуките никогаш не беа доведени во прашање. Поради капацитетот и условите со кои располагаме можеме и одржуваме хибридни настани во периодите кога нема ограничувања. Така во последната година организиравме и важни хибридни настани на организации, на амбасади и на компании. Од еден аспект за нашата област ова е предност, имајќи предвид дека сега може да вклучиме предавачи од која било земја во светот и целиот процес на организација да трае многу кратко.
Сепак, контактот во живо, дискусиите кои се развиваат на одредени тренинзи, како и вмрежувањето не можат да се заменат на овој начин и со нетрпение чекаме и се надеваме оваа криза да помине.
Какви се плановите за иднината на М6 Едукативниот центар?
Е. Младеновска Јеленковиќ: Слоганот „Гледаме подалеку“ во М6 се проткајува во секоја идеја, активност и проект. Сметам дека е особено важно да се предизвикуваме самите себеси, но и целото општество во кое дејствуваме за да може да одиме напред. Многу често ваквата ситуација прави да имаме нови дострели и ни се отвораат нови хоризонти.
Имаме простор за проширување на моменталното портфолио. Потенцијални сектори каде што оценивме дека има голема потреба и можност за наш придонес се туризмот, екологијата, земјоделството и производството на храна, логистика и малопродажба, за што во периодот кој следува ќе развиваме посебни програми за развој на компаниите и на вработените.
Планираме да отвориме и да разработиме теми кои се потребни за развој на компаниите преку организирање на неколку регионални конференции.
Нашата соработка со меѓународните и домашните компании и институции ќе придонесе за остварување на визијата и поставените цели − М6 Едукативниот центар како лидер во неформалното образование да е центар кој ќе служи за пример за општествена трансформација.
Ви благодарам за интервјуто.
Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2021г.)