Интервјуа
д-р Зејнел: Менаџментот во време на пандемија – лични искуства и поуки!
д-р Сеад Зејнел
Директор на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза
Д-р Зејнел, изминативе 16 месеци ги поминавте на првата борбена линија против ковид-19, најпрво како доктор специјалист, а потоа на челната позиција на ковид центар. Како се справивте со ова унапредување на „бојното поле“?
С. Зејнел: Токму на тоа „бојно поле“, додека ги извршував секојдевните обврски спрема пациентите во мојата матична установа Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија, веќе утредента, на 4 ноември 2020 година, во екот на вториот бран, преземав должност со поинаква природа. Имено, застанав на чело на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза кој веќе неколку дена наназад беше пренаменет и веќе исполнет со пациенти заболени од ковид-19. Менаџерската улога која ми беше доверена од тој момент бараше комплетно поинаков сет на знаења, вештини и ставови, каде што самата итност на ситуацијата бараше поставување во функција на тој сет уште веднаш.
Здравствените установи се најкомплексните организации во поглед на нивното менаџирање. Оттука огромен беше предизвикот да се менаџира ковид центар за време на ковид пандемија.
Денот траеше долго, во постојана и интензивна комуникација и координација со Министерството за здравство и директорите на сите ковид центри во земјава и Службата за итна медицинска помош, сè со цел да се овозможи навремено и непречено згрижување на болните со ковид-19.
Според Вашето мислење, кои карактеристики на еден менаџер се неопходни за успешно да се понесе еден ваков товар?
С. Зејнел: За среќа, работата како доктор специјалист многу придонесе да се стекнам со потребните менаџерски вештини. Како доктори, нашата секојдневна работа, која вклучува донесување одлуки за третманот на пациентите, работа под притисок, водење на дежурниот медицински тим, комуницирање со колегите, менаџирање со нашето време, справување со нашите чувства при секојдневната работа, содржи значајна компонента на лидерство и на менаџерство.
Понатаму, блиската и отворена комуникација, како и мојата деноноќна достапност за мојот медицински, административен и помошно-технички персонал беше од особена важност, кога во тие кризни денови сплотеноста на тимовите беше неопходна како никогаш порано, сè со цел да се овозможи максимална грижа за нашите пациенти. Пристапот кон пациентите и нивните семјества со емпатија беше основен во справувањето со притисокот и стравот наметнат од болеста. Секако, радоста беше неизмерна кога нашите пациенти ќе ја надминеа болеста при што искажаната благодарност за нашата самопрегорна и посветена работа беше главен мотив да работиме со полна пареа.
Според мене, адаптибилноста за оптимална тимска работа беше исто така еден од клучните аспекти за успешното справување со кризата. Имено, сите ние ја чувствуваме удобноста при нашите секојдневни активности кога тие се структурирани. Но, во кризно време, константната промена е новиот стандард, а адаптибилноста е основен механизам за опстанок.
Со оглед на тоа што во претходните парламентарни избори бевте кандидат за пратеник предложен од Демократската унија за интеграција (ДУИ), кој е Вашиот коментар за вклучувањето на лекарите во политиката.
С. Зејнел: Работата со пациенти е всушност местото каде што се наоѓа реалноста со која треба да се соочи политиката. Непосредниот контакт со пациентите овозможува директен увид не само во индивидуалната мака и болка туку и за социјалниот момент, овозможува сознание за неповолните услови и фактори на средината од која доаѓа пациентот, кои всушност придонеле за стекнување на болеста. Длабоко верувам дека за да се подобри состојбата на пациентите, покрај индивидуалниот пристап, треба да се земат предвид и социјалните детерминанти на здравјето и да се дејствува на нив, а тоа е токму работа на политиката. Фактот што сум лекар по професија ми овозможува непосредно да го чувствувам пулсот на народот и нивните потреби. Токму поради тоа сметам дека вклучувањата на членовите од лекарската фела во политиката е добредојдено за општеството, како што и секогаш било.
Со оглед на тоа дека актуелната пандемија стивнува, дали сме подготвени за следната глобална закана? Што научивме и кои се идните планови?
С. Зејнел: Не знаеме кога ќе се појави следната пандемија, но знаеме дека на сите ни треба здравствен систем. Здравството и инфраструктурата врз која се потпира тоа можеме да ги направиме подобри, посилни и поиздржливи. За да го постигнеме тоа, како што научивме последниве 16 месеци, потребно е подеднакво да ги вреднуваме сите чинители на здравството (лекарите, медицинските сестри, хроничните болни, менаџерите итн.). Како што ќе се опоравуваме од кризата и ќе чекориме напред, потребно е сето ова стекнато знаење и искуство да се искористи за да изградме еден здравствен систем кој го заслужуваме.
Иако лузните предизвикани од пандемијата ќе бидат трајни, таа беше катализатор на многу иновации во науката и здравствената заштита. Пандемијата нè поттикна да возвратиме на напливот на дезинформации, го крена здравјето високо во глобалните и националните агенди и даде нова надеж за здравството. Од секоја криза произлегува можност за подобрување.
Пандемијата му одржа на човештвото многу лекции кои треба да ги запаметиме и без многу одложување, со храбри и енергични чекори, треба да се работи на нив.
Со оглед на тоа што сум на чело на институција која болнички и превентивно се занимава со контрола на туберкулозата, еден од следните предизвици го гледам во справувањето со стариот непријател, туберкулозата, која сè уште претставува потенцијална јавно-здравствена опасност. Како што ќе одминува пандемијата, со мојата менаџерска улога сакам да придонесам во развојот на Институтот кој ќе одговори на предизвиците на постковидниот период на најдобар можен начин, како и да прерасне во еден респектабилен центар за белодробни заболувања во земјава и регионот.
(Економија и бизнис, печатено издание, јули-август 2021г.)