Финансии / Банкарство

Поповски: Со јавен долг од околу 64 отсто од БДП и што е брзорастечки, Македонија нема да може долго да издржи без економски и општествени последици

Никола Поповски, член на Советот на Народна банка

Кои се новите членови на Советот на Народна банка?

Една од клучните работи во животот е да се сочува и постојано да се зголемува сопствената куповна моќ. Но, тоа не зависи само од тоа колку заработуваме, туку и од тоа дали парите што ги заработуваме ја одржуваат или губат сопствената вредност. Народна банка, како централна банка, ја има законски утврдената цел за одржување на ценовната стабилност и одржување на стабилноста на финансискиот систем. Имајќи ја предвид сериозноста на овие цели, суштински е важно, во интерес на сите граѓани, државата да обезбеди врвен кадровски квалитет на сите пунктови каде што се носат одлуки поврзани со овие прашања.
Советот е највисокиот орган што управува со Народна банка. Од една страна, тој ги дефинира и ги формулира политиките што ги реализира банката. Такви се монетарната политика, режимот и политиката на девизен курс, со сè што тие опфаќаат. Но, истовремено, Советот е задолжен и за надзор на работењето на Народна банка.
Советот има девет членови. Од нив, четворица се извршни членови, лица вработени во Народна банка, гувернерот и тројцата вицегувернери. Останатите пет, значи мнозинството членови, се надворешни (неизвршни) членови. Со Советот претседава гувернерот, а секој член има еден глас. Должината на мандатот на членовите на Советот е седум години.
Неодамна, по предлог на Владата, Собранието изгласа три нови членови на Советот на Народна банка со што се пополнија местата испразнети по истекот на мандатот на претходните членови. Новите членови се врвни професионалци во своите области. Со секого од нив поразговаравме за важни прашања, директно и индиректно поврзани со работењето на Народна банка.


Господине Поповски, како поранешен министер за финансии, каква е Вашата оценка за досегашната координација на фискалната и монетарната политика во земјава. Имајќи ги предвид евентуалните случувања во иднина, дали нешто ќе треба да се менува во наредниов период?

Н. Поповски: Успешната и ефикасна координација на овие политики е клучна за економската политика во сите пазарни економии. Овој процес кај нас во минатите три децении помина низ различни, повеќе или помалку успешни циклуси. Централната банка низ тие процеси успеа да ги оствари своите главни цели: стабилноста на цените и на денарот, што е многу важно, иако понекогаш тоа беше врз грбот на економскиот раст и невработеноста во економијата за што мора да се знае дека поголемиот товар, во принцип, го носи фискалната политика. Денес координацијата е многу повисока и соодветно институционализирана, што дава подобри резултати ако прифатиме дека макроекономската стабилност и фиксниот курс на денарот во наши услови се кондицио сине ква нон (conditio sine qua non). Проблемите произлегуваат од фактот што целата светска економија, па и нашава, повеќе од една деценија се борат со различни рецесиски и кризни удари и таа состојба нема брзо да исчезне. Многу сегашни предизвици ќе останат на подолг рок, а ќе се појават и нови, па координацијата ќе треба да е поинтензивна, поефикасна и подиректна. Монетарната политика може многу да придонесе за ефикасноста на антицикличната политика, но секако во тој процес треба да е јасно дека споменатите нејзини главни цели не можат да се жртвуваат.

Неодамна се произнесовте за потребата од внимателност во однос на висината на јавниот долг на земјава. Какви се можните импликации од висината на јавниот долг врз макроекономските политики, а особено врз монетарната политика на Народна банка?

Н. Поповски: По финансиската криза од 2008 година, јавниот долг стана една од болните точки на многу економии во светот. Пандемиската криза тие проблеми ги доведе до екстрем. Со јавен долг од околу 64 отсто од БДП и што е брзорастечки, Македонија нема да може долго да издржи без економски и општествени последици. Тој не смее да ги надминува границите од 45 до 50 отсто од БДП и затоа сегашнава состојба не е ветувачка. Импликациите можат да бидат сериозни не само врз пазарот на капитал и идното ниво на даноците, но и врз нивото на штедењето, инвестициите и идниот економски раст. Доколку импликациите евентуално се закануваат да се префрлат и врз платниот биланс, особено врз тековната сметка на земјава или врз нивото на девизните резерви и стабилноста на денарот, одговорот на монетарната политика ќе мора да е соодветен и одлучен во рамките на инструментите со кои располага централната банка. Најдобро е фискалната политика да направи сè до тоа воопшто да не дојде.


Марјан Петрески, член на Советот на Народна банка
Борче Треновски, член на Советот на Народна банка

 

ПРЕПОРАЧАНО