Финансии / Банкарство

Треновски: Најодговорно да ја чуваме монетарната и економската стабилност на земјава и на граѓаните

Борче Треновски, член на Советот на Народна банка

Кои се новите членови на Советот на Народна банка?

Една од клучните работи во животот е да се сочува и постојано да се зголемува сопствената куповна моќ. Но, тоа не зависи само од тоа колку заработуваме, туку и од тоа дали парите што ги заработуваме ја одржуваат или губат сопствената вредност. Народна банка, како централна банка, ја има законски утврдената цел за одржување на ценовната стабилност и одржување на стабилноста на финансискиот систем. Имајќи ја предвид сериозноста на овие цели, суштински е важно, во интерес на сите граѓани, државата да обезбеди врвен кадровски квалитет на сите пунктови каде што се носат одлуки поврзани со овие прашања.
Советот е највисокиот орган што управува со Народна банка. Од една страна, тој ги дефинира и ги формулира политиките што ги реализира банката. Такви се монетарната политика, режимот и политиката на девизен курс, со сè што тие опфаќаат. Но, истовремено, Советот е задолжен и за надзор на работењето на Народна банка.
Советот има девет членови. Од нив, четворица се извршни членови, лица вработени во Народна банка, гувернерот и тројцата вицегувернери. Останатите пет, значи мнозинството членови, се надворешни (неизвршни) членови. Со Советот претседава гувернерот, а секој член има еден глас. Должината на мандатот на членовите на Советот е седум години.
Неодамна, по предлог на Владата, Собранието изгласа три нови членови на Советот на Народна банка со што се пополнија местата испразнети по истекот на мандатот на претходните членови. Новите членови се врвни професионалци во своите области. Со секого од нив поразговаравме за важни прашања, директно и индиректно поврзани со работењето на Народна банка.


Господине Треновски, каматните стапки во земјава се на историски најниски нивоа веќе подолг временски период. До кога очекувате да се задржи ваквата состојба? Дали очекуваното заздравување на глобалната, а во тие рамки и на македонската економија ќе има последици врз монетарната политика, а во тој контекст и врз нивото на каматните стапки?

Б.Треновски: Каматните стапки имаат тренд на намалување веќе подолг временски период, во голем дел и како резултат на прудентната монетарна политика која континуирано ја води НБРСМ – стабилен девизен курс, стабилен банкарски сектор, високото ниво на ликвидност во банкарскиот сектор, стабилната макроекономска состојба во земјава. Претходно наведеново овозможи и во услови на пандемија од ковид-19 Народната банка преку своите инструменти да продолжи со одржување на ниски каматни стапки, како и да презема други мерки за заштита на стабилноста на банкарскиот сектор, враќање на довербата кај економските субјекти, ослободување дополнителна ликвидност кај банките за поддршка/заздравување на бизнис-секторот и олеснување на состојбата на граѓаните. Со новите случувања повторно се продолжува неизвесноста и времето на заздравување на економијата − што не треба да се занемари од креаторите на политиките. Во моментов ликвидноста на меѓународните пазари е висока како резултат на фискалните мерки за поддршка на економиите и експанзивноста на политики кај најголем дел од централните банки − што има свое влијание на меѓународната цена на капиталот и на каматните стапки. Меѓутоа, ова не значи дека претходно кажаното не може набргу да се промени доколку се промени курсот на централните банки, се материјализираат некои од инфлаторните сценарија (цените на нафтата/храната) или пандемијата повторно го промени текот. Оттука неопходна е особена внимателност во креирање на политиките, како од монетарната така и од фискалната политика, што е неопходен услов за стабилност посебно во малите и отворени економии со де факто фиксен девизен курс како нашава.

Своевремено, пред да станете дел од академската фела, својата професионална кариера ја започнавте како аналитичар во Народна банка. Какво е чувството сега да се вратите во Народна банка, но во улога на член на Советот? Каква соработка очекувате во наредниот период со Вашите поранешни колеги?

Б.Треновски: Особено задоволство е да се вратите на некој начин во институцијата каде што ја имате започнато својата кариера. Поради допирните точки на нашите професии со дел од вработените во Народната банка, контактите и соработката никогаш не беа прекинати. Народната банка има исклучителен, квалитетен и добро организиран тим на професионалци. Она што е најважно за мене е што колегите од Народната банка се исклучително отворени за споделување на сите информации, податоци и полемизирање за сите клучни прашања од интерес за монетарната економија. Од друга страна, сега имаме и комплетиран, оперативен и стручен Совет на НБРСМ, што наједноставно се гледа по бројните повеќечасовни редовни/тематски седници кои често ги имаме, на кои отворено и критички се анализираат, се елаборираат и се решаваат сите дилеми и предизвици – почнувајќи од ефектите на ковид-19, структурата, стабилноста и здравјето на банкарскиот сектор, очекуваните ризици за финансискиот сектор и економијата итн. Моите очекувања од поранешните колеги во НБРСМ се како и досега − без пардон да ги отвораме сите дилеми и прашања, да учиме едни од други, своите ставови/анализи без никаква задршка да ги соочуваме, транспарентно да ја информираме јавноста за нашата работа и најодговорно да ја чуваме монетарната и економската стабилност на земјава и на граѓаните.


Никола Поповски, член на Советот на Народна банка
Марјан Петрески, член на Советот на Народна банка

 

ПРЕПОРАЧАНО