Финансии / Банкарство

Петрески: Фиксниот девизен курс за еврото е тековно најсоодветна монетарна стратегија

Марјан Петрески, член на Советот на Народна банка

Кои се новите членови на Советот на Народна банка?

Една од клучните работи во животот е да се сочува и постојано да се зголемува сопствената куповна моќ. Но, тоа не зависи само од тоа колку заработуваме, туку и од тоа дали парите што ги заработуваме ја одржуваат или губат сопствената вредност. Народна банка, како централна банка, ја има законски утврдената цел за одржување на ценовната стабилност и одржување на стабилноста на финансискиот систем. Имајќи ја предвид сериозноста на овие цели, суштински е важно, во интерес на сите граѓани, државата да обезбеди врвен кадровски квалитет на сите пунктови каде што се носат одлуки поврзани со овие прашања.
Советот е највисокиот орган што управува со Народна банка. Од една страна, тој ги дефинира и ги формулира политиките што ги реализира банката. Такви се монетарната политика, режимот и политиката на девизен курс, со сè што тие опфаќаат. Но, истовремено, Советот е задолжен и за надзор на работењето на Народна банка.
Советот има девет членови. Од нив, четворица се извршни членови, лица вработени во Народна банка, гувернерот и тројцата вицегувернери. Останатите пет, значи мнозинството членови, се надворешни (неизвршни) членови. Со Советот претседава гувернерот, а секој член има еден глас. Должината на мандатот на членовите на Советот е седум години.
Неодамна, по предлог на Владата, Собранието изгласа три нови членови на Советот на Народна банка со што се пополнија местата испразнети по истекот на мандатот на претходните членови. Новите членови се врвни професионалци во своите области. Со секого од нив поразговаравме за важни прашања, директно и индиректно поврзани со работењето на Народна банка.


Господине Петрески, по подолг период инфлацијата повторно стана една од централните теми на светската економија достигнувајќи нивоа што не сме ги виделе со децении наназад. Каква е Вашата оценка за идното движење на инфлацијата и во тој контекст опасноста за македонската економија?

М. Петрески: Намалувањето на интензитетот на пандемијата и релаксирањето на ограничувањата од вториот квартал годинава предизвика значителен пораст на побарувачката за многу добра и услуги на глобалниот пазар при што во многу сегменти понудата не можеше соодветно да одговори. Тоа предизвика пораст на цените, поголем од првичните очекувања. Според моменталните информации, ваквите турбуленции се од времен карактер, иако тој период може да потрае најмалку до крајот на годинава и во текот на 2022 година. Сепак, да земеме предвид дека постојат и спротивни сили кои би го намалиле евентуалниот потраен ефект од порастот на цените; првенствено, делумните рестрикции (на потрошувачката) кои започнуваат овој период за да се справат со новиот бран од корона вирусот, а секако и тоа како владите ќе реагираат во смисла на повлекувањето на стимулансот на економијата како што се движиме по патеката на закрепнувањето. Во таа смисла, 2021 година во Македонија веројатно ќе ја завршиме со нешто повисока инфлација од првично очекуваната како последица на ваквата констелација на глобалниот пазар, но очекувам дека од 2022 година ќе имаме стабилна патека на цените која ќе го поддржува постпандемиското закрепнување.

Своевремено се залагавте за монетарна стратегија на таргетирање на инфлацијата во водењето на монетарната политика. Каков е Вашиот став за монетарната стратегија на таргетирање на девизниот курс на денарот во однос на еврото што сега ја применува Народна банка? Дали во иднина ќе има потреба нешто да се менува?

М. Петрески: Таргетирањето на инфлацијата има цел да испорача ниска, стабилна и предвидлива инфлација исто како и целта на фиксирањето на девизниот курс; разликата се состои во инструментариумот што ќе се употреби за постигнување на целта. Предност на таргетирањето на инфлацијата е што во услови на шокови товарот не паѓа само на каматната стапка. Но, она што ковид кризата го постави како клучно прашање сврзано со таргетирањето на инфлацијата е дали централните банки треба многу повеќе во своите мандати да ги имаат како цел производството и невработеноста како што, на пример, ФЕД ги има од порано, иако ФЕД не е експлицитен таргетер на инфлацијата. Мноштвото аргументи за оваа теза ја намалија важноста на стриктното таргетирање на инфлацијата како монетарна стратегија во период од деценија или две. За економии како нашава, кои се многу мали и зависни од глобалниот и посебно европскиот пазар, адекватноста на таргетирањето на девизниот курс најмногу за стабилизирање на очекувањата стои многу повисоко од какви било алтернативи директно да се влијае врз аутпутот, што треба да се остави на фискалната политика, и оттука фиксниот девизен курс за еврото е тековно најсоодветна монетарна стратегија. Но, растот на доходот и на животниот стандард во следниве една до две децении, понатамошната диверзификација на трговијата, комбинирани со расчистувањето на изгледите дали ќе дојдеме во точка да го прифаќаме еврото како членка на ЕУ, треба да нè држи подготвени да дебатираме отворено за алтернативи на долг рок.


Никола Поповски, член на Советот на Народна банка
Борче Треновски, член на Советот на Народна банка

 

ПРЕПОРАЧАНО