Интервјуа

Проект на зелена економија во Ветекс А.Д. поддржан од ЕБОР и од ЕУ

Интервју со Митев Ѓоше, комерцијален директор во Ветекс А.Д.

Компанијата Ветекс неодамна инвестираше во опрема за искористување на топлинската енергија од отпадните води која намалува користење фосилни горива и генерира финансиски заштеди. Оваа инвестиција понатаму ги унапредува севкупните резултати на компанијата преку усогласување со ЕУ-стандардите за заштита на животната околина по пат на намалување на температурата од отпадните индустриски води. За придобивките од учеството во оваа „зелена успешна приказна“ финансирана од  ЕБОР и од ЕУ, Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП во Северна Македонија, разговаравме со г. Митев Ѓоше, комерцијален директор во Ветекс.


Кои се спецификите на проектот и како беа пресретнати стратегиските правци за развој во енергетската ефикасност на друштвото со параметрите за подобност за учество во Програмата?

М. Ѓоше: Овој проект подолго време наназад беше битен составен дел во циклусот на деловно планирање и развој на Ветекс. Сепак, целосна реализација се овозможи сега, токму преку Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП на ЕБОР и на ЕУ. Проектот беше подобен за финансирање во рамките на Програмата поради тоа што ги пресретнува ЕУ-директивите за животна средина – главно за проекти во зелена економија и поради големината на нашето претпријатие. Можноста за поврат од 15 % како неповратен грант од вкупната сума на инвестицијата и техничката поддршка, двете финансирани од ЕУ, ја поттикнаа понатаму нашата одлука за финална имплементација на овој проект. Тоа сè се совпадна во втората половина на 2019 година, па нашата инвестиција е сега веќе реалност.
Се работи за инвестиција во систем кој ја искористува енергијата од отпадните води во производствениот процес и врши поврат на енергијата во системот. Овие температури од 40 С до 95 С сега се искористуваат за греење свежа вода која се носи во производството. Ова понатаму има и влијание врз квалитетот во производството. Имено, сега е овозможено постојано внесување греена вода со што се елиминираат температурните шокови кои се јавуваат кога директно се внесува студена вода. Сето ова овозможува подобар и постабилен квалитет на готовиот производ.
Проектот е така дизајниран да го унапреди усогласувањето на нашата компанија со директивите на ЕУ за заштита на животната средина. Со инвестицијата, Ветекс ја намали употребата на фосилно гориво за греење вода, на тој начин намалувајќи ја емисијата на ГХГ. Така придонесуваме за глобалните напори за намалување на емисиите на СО2. Многу значајно за нашата локална заедница е дека со проектот успеавме да ја намалиме температурата на отпадните води.
На овој начин, Ветекс ја потврди својата заложба за намалување на влијанието врз животната средина кон локалните и меѓународни корисници и тој станува уште повеќе конкурентен на европските пазари каде што веќе е присутен со најголемиот дел од својот производствен асортиман.
Вкупната инвестиција во проектот изнесува над 180 000 евра. Покрај сопственото учество, поголем дел од инвестицијата е кредитиран од Охридска банка, сега веќе дел од Шпаркасе банка Македонија, исплатен од Програмата за поддршка на конкурентноста во Северна Македонија на ЕБОР и на ЕУ. По целосната имплементација и успешната верификација на проектот добивме 15 % грант како поврат на подобниот дел од кредитот, финансиран од ЕУ.

Како го оценувате севкупното искуство во учеството на Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП?

М. Ѓоше: Најпрвин се обративме кај Охридска банка, една од банките учеснички во Програмата, од која добивме одлична поддршка. Низ процесот на проектно планирање бевме водени од страна на искусен тим консултанти во Програмата, финансирани од ЕУ. Се чувствувавме сигурни на тој пат. За сите наши прашања ги ползувавме советите на тимот. Фазите во проектот течеа мазно, од поднесувањето на пријавата до верификацијата, и сите пречки ги надминавме брзо со помошта на интернационалниот тим на советници кој ни беше на располагање. Секако, грантот финансиран од ЕУ, во вредност од над 27 000 евра, беше силен поттик кој влијаеше во голема мера на нашата одлука за учество во оваа Програма.
Сега ja гледаме реално користа од проектот, особено финансиската. Веднаш по започнувањето на работата на опремата веќе следиме заштеда на енергија во просек од 32 %, токму како што предвидовме. Пресметаната заштеда на фосилно гориво изнесува 288 тони на годишно ниво.
Сметам дека доказ дека сме задоволни од искуството во овој проект е и нашата пријава за учество во следен инвестициски проект во ЕБОР и во ЕУ преку Програмата за поддршка на конкурентноста. Во моментов инвестираме во изградба и инсталација на фотоволтаична централа која очекуваме да се комплетира во почетокот на следната година. Со ова нашиот инвестициски циклус во одржлива енергија продолжува.

Придобивките во заштита на околината од учеството во Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП на ЕБОР и на ЕУ се подеднакво значајни. Како ги оценувате?

М. Ѓоше: Тоа е точно. Очекуваната заштеда на енергија од фосилно гориво изнесува меѓу 25 % и 28 %. Така, базирано на просечните очекувани заштеди од 32 % и намалување на емисија на ГХГ, со фактор на емисија од 3,17 кг CO2/кг сурова нафта, пресметано е дека емисиите на стакленички гасови изнесуваат 288 тони годишно.

Ветекс има долга историја од без малку 50 години како производствена компанија за предивно влакно. Компанијата е горда на сопствениот континуиран развој кој се должи, пред сѐ, на заложбите за висок квалитет, а зад тоа стојат работната етика, меѓусебната доверба и долгите врски со корисниците и во рамките на тимот, креативноста и иновативноста на луѓето кои го носат обележјето на Ветекс. Накусо, што би издвоиле во развојниот пат низ децениите?

М. Ѓоше: Ветекс, како фабрика за предива и конец, e формиранa во 1973 година од поранешниот Тутунски комбинат, а како производ на тогашните иницијативи за диверзификација на големите производствени капацитети, особено тутунските комбинати. Пресвртници во развојот беа 1989 и 1991 година кога настана сопственичкото преструктурирање, односно формирањето на акционерско друштво. Од 2002 година наваму, Ветекс се котира на Македонската берза.
Свесни сме дека луѓето се клучни и ја прават разликата кога станува збор за успешноста на компанијата. Групацијата Ветекс сега вработува околу 190 луѓе во двете компании. Една од нив е и заштитно друштво и вработува и интегрира инвалидни лица. Се грижиме за нашите луѓе: ги слушаме нивните потреби, ја усогласуваме деловната стратегија со вработените.
Дефинирачки момент во историјата беше и наследувањето во водството на компанијата. И оваа фаза на наследување во втората генерација на водство се случуваше во òд, низ балансирање на многу нивоа на задачи и потреби на компанијата. Го направивме трансферот во синергија, прегрнувајќи ги вредностите од претходната генерација водачи во наши сопствени силни страни. Ги вградивме и сопствените различности, ја креиравме визијата на Ветекс и продолживме да се стремиме за повисоки остварувања.

Квалитетот е одлучувачки во Ветекс. Велите тука нема компромис. Колку е изводлива оваа мисија на компанијата?

М. Ѓоше: Тоа е токму така. Суштинска вредност на Ветекс на која бескомпромисно работиме е квалитетот на нашиот производ. Производната линија на конец е долга, производот е сензитивен, што заедно е предизвик за квалитетот. Затоа одлуката во минатото да се сертифицираме со системите за квалитет била пресудна за нашиот натамошен развој. Веќе 20 години црпиме придобивки од работењето согласно ИСО-стандардите.
Компанијата е усогласена и со барањата на националната регулатива за OHSAS, за заштита на околината и квалитет и безбедност на производот. Понатаму, Ветекс е сертифициан според стандардите на OEKO-TEX® 100 кој обезбедува тестирање на текстилот за штетни супстанции и висока безбедност на производот.
Нашите европски партнери, како синџирот на малопродажба Алди, на пример, бараат наше BSCI сертифицирање кое ги наградува друштвата за социјална усогласеност – посветеност за унапредување на работните услови во глобалниот синџир на набавка.
Вложуваме многу во квалитетот бидејќи партнерите во Европа ги бараат, ги препознаваат и ги наградуваат таквите заложби врз чија основа е изградена меѓусебната доверба како клуч за лојалноста од купувачите.

Развојот на друштвото е континуиран, па и во услови на пандемијата од ковид-19. Кое е вашето искуство од пандемијата?

М. Ѓоше: Вистина е дека нашиот инвестициски проект финансиран од Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП на ЕБОР и на ЕУ се имплементираше во услови на пандемија. Немаше последици по квалитетот и незначително беше одложувањето на спроведувањето на проектот поради рестрикциите предизвикани од ковид-19.
Почетокот на пандемијата доведе и до едно специфично искуство во побарувачката на нашиот производ. Имено, нашите производи, особено во фазите на применетите мерки на земјите на ЕУ за затворање, беа со зголемена побарувачка. Овојпат, во услови на пандемија, во маркетите во Германија, на пример, се зголеми побарувачката од крајните купувачи. Од друга страна, настана пораст на цената на суровината и на енергенсите во постпандемискиот период.
Затоа беше многу значајно добро да балансираме меѓу зголемената побарувачка од нашите лојални и големи партнери од ЕУ (таа порасна за 40 % во споредба со претходниот период) и зголемената цена на суровината . Испорачавме успешно, со незначително доцнење. И успеавме тоа да го направиме без да ја зголемиме цената на нашиот производ. Повторно покажавме пред нашите партнери, а и пред нас самите, дека знаеме да го реализираме најдоброто од себе во услови на притисок.

Стратегиски набљудувано која е визијата на Ветекс и како ја исцртувате патеката во нејзиното остварување?

М. Ѓоше: Планираме да продолжиме и да бидеме доследни на сопствениот континуиран развој. Ги следиме развојните трендови во индустријата, внимателно го слушаме пазарот, постојано бараме повратна информација од нашите корисници, присутни сме на клучните саеми во светот, па на листата на приоритети наскоро планираме инвестиција во срцето на производството – во технолошката линија за предење. Наша цел и во иднина е да ги следиме донаторските програми за поддршка на приватниот сектор. Процесот на автоматизација, повторно, силно ќе влијае на квалитетот на производот. Воедно и ќе го намали притисокот од потребата за бројна работна сила. Кога говориме за вработените − и во иднина продолжуваме со нивниот развој. Ги подобруваме практиките за управување за подобрување на показателите кои ги следиме.
Анаеробна прочистителна станица, како следна инвестиција, треба понатаму дополнително да го унапреди учинокот на фабриката за заштита на животната околина.
А сите планирани заложби заедно ќе обезбедат одржлив развој на Ветекс.


(Економија и бизнис, печатено издание, декември2021/јануари 2022г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО