Интервјуа
Кучера Илиевска: Технолошкиот развој води до ремикс на деловните приоритети
Мери Кучера Илиевска
Директор на канцеларијата на Оракл во РСМ
И бизнисите и владите се под притисок да го трансформираат начинот на своето работење. Ова е глобаен случај, вклучително и во нашиот поширок регион на Централна и Источна Европа. Зошто?
М. Кучера Илиевска: Централна и Источна Европа (ЦИЕ) во моментов се соочува со уникатни предизвици што претставуваат ризик за конкурентноста на регионот. До денес ЦИЕ имаше големи придобивки од својата индустриска основа и пристапот кон финансирањето од Европската Унија (ЕУ). Но, појавата на глобалната дигитална економија ја изложува локалната индустрија на нови компетитивни закани. А, згора на тоа, приоритетите на ЕУ се менуваат, што поставува ограничувања во однос на фондовите што ќе бидат достапни за регионот во иднина.
Со цел да се адаптираат на овие поинакви ветришта, организациите и од комерцијалниот и од јавниот сектор во ЦИЕ ќе мора да го сменат начинот на кој гo менаџираат своето работење. Тие ќе мора да бидат иновативни со цел да обезбедат долгорочна одржливост. Важен дел од оваа трансформација ќе зависи од тоа како тие ја користат информатичката технологија (ИТ). Ова се однесува не само на начинот на кој ја користат технологијата за да управуваат со нивните интерни процеси туку важи и за тоа како тие ги дигитализираат своите бизниси и модели на услуги со цел да обезбедат раст во дигиталната економија.
Годинава беше објавено истражување на ИДК (IDC International Data Corporation), реализирано за потребите на Оракл. Истражувањето се однесува на вредноста на дигиталните инвестиции, насочени и кон обезбедувањето на деловниот континуитет во тек на сегашната нестабилна клима и кон јакнењето на конкурентноста во дигиталната економија во претстојните години. Притоа беа опфатени мислењата на носителите на одлуките од ИТ и од поодделните бизнис-линии во средните и големите корпоративни и владини организации во осум земји од Централна и Источна Европа. Кои беа клучните наоди и препораки од ова истражување?
М. Кучера Илиевска: Клучни наоди се следниве:
Делотворното користење на податоците е од клучна важност за остварување на деловните цели и приоритети
Решенијата за управување со податоци беа рангирани како фактор број еден, посочен од страна на испитаниците во ЦИЕ, запрашани да идентификуваат кои технологии можат да им помогнат во исполнување на нивните приоритети во 2020 година. Организациите што ги ставаат податоците во центарот на своите операции и менаџерски одлуки можат поделотворно да ги балансираат процесите, инфраструктурата и колаборацијата. Сепак, многу организации ги наведоа неефикасните или рачни процеси и застарени технологии како клучни бариери што се препрека за да остварат поголема вредност на бизнисот. Ова посочува дека сè уште постои јаз меѓу ИТ и нејзината способност да ги поддржи пошироките деловни и стратешки цели на организациите.
Инфрастуктурата во облак обезбедува поагилна и посигурна организација
Реализирањето на долгорочни ИТ-инвестиции кои бараат големи капитални расходи во денешната нестабилна економска клима е многу ризично. Инфраструктурата во облак како услуга (Infrastructure as a service, IaaS) и платформата во облак како услуга (Platform as a service, PaaS), сепак, им даваат на организациите агилност и скалабилност што се потребни за нивната ИТ-инфраструктура да се адаптира и да расте во согласност со подемите и падовите на економските циклуси. Тоа е причината што организациите во ЦИЕ сè повеќе и повеќе ја пренесуваат својата ИТ-инфраструктура во облак.
Напредната аналитика го зајакнува донесувањето одлуки од страна на извршните менаџери
Организациите во ЦИЕ сè уште се борат да ја исползуваат моќта на податоците што ги собираат. Испитаниците во истражувањето наведоа недостиг на релевантни вештини и неефикасност што се должи на складираните податоци како клучни бариери за да се добие поголема вредност од анализата на податоците. Некои организации се толку преоптоварени со количеството податоци со кои мораат да управуваат, што едноставно не можат истите да ги искористат. Сепак, напредокот на вештачката интелигенција (AI) и машинското учење им помага на носителите на извршни одлуки подобро да ги искористат податоците и со тоа се намалува потребата од големи (и гломазни) административни тимови што би биле чувари на податоците.
Дигитална трансформација се постигнува кога организациите функционираат како платформа
ИT-инфраструктурата треба да овозможи брзо и едноставно креирање или подобрување на дигиталните продукти, услуги и искуства ориентирани кон надворешниот свет. Ваквите способности им помагаат на организациите да бидат поконкурентни, пореспонзивни на пазарните и корисничките трендови и да стекнат вистинска деловна вредност од нивните ИТ-инвестиции. Клучна цел е да се обезбеди ИТ-инфраструктурата да го поддржува екосистемот на поврзани клиенти, партнери и доставувачи што може да комуницираат и да споделуваат податоци меѓу себе.

Кои се врвните приоритети за бизнисите и властите според ова истражување?
М. Кучера Илиевска: Истражувањето откри дека „подобрувањето на деловните перформанси“, „намалувањето на трошоците“ и „подоброто задоволување на потребите на клиентите“ се врвните три деловни приоритети кај испитаниците. Испитаниците на секоја од овие цели ѝ дадоа речиси еднакво ниво на важност. Ова ги илустрира критичните компромиси што мора да ги направат носителите на извршните одлуки во регионот, што често може да ја определи како приоритет потребата од заштитата на кратокорочната профитабилност наспроти инвестициите што би ја поддржале долгорочната добробит на организацијата.
Стратегиите за дигитална трансформација (DX) на организациите во последниве години ја ставија ИТ во средиштето на операциите, продуктите и услугите. Но, користењето на силата на дигиталната трансформација за иновирање и обезбедувањето поврат на инвестициите не се постигнува лесно.
Каква е улогата на дигиталните платформи во овој контекст?
М. Кучера Илиевска: Дигиталните платформи се наредната еволуција.
Една дигитална платформа е збир на технологии, процеси и податоци врз чија основа функционираат дигитално оспособените бизниси. Платформата за дигитална трансформација е идна технолошка архитектура што ги забрзува иницијативите за дигитална трансформација и овозможува брзо создавање на дигитални продукти, услуги и искуства ориентирани кон надворешниот свет. Паралелно со ова, дигиталната платформа агресивно го модернизира интерното ИТ-опкружување во насока на „интелигентно јадро“.
Организациите што можат скалабилно да се реструктурираат со користење на пристап на дигитална платформа се оние за кои е најверојатно да се трансформираат дигитално и да се појават како претпријатија што зборуваат дигитален „мајчин јазик“, за кои дигиталниот пристап е природен во наредните 3–5 години. Дигиталните платформи овозможуваат сегашни и идни ИТ-способности (и деловни резултати) и им овозможуваат на компаниите да ги отплаќаат своите технолошки „долгови“.
Платформата е клучна за скалабилност при дигитална трансформација. Тоа е котвата на идните претпријатија и на развивањето и одржувањето дигитални деловни екосистеми. Забрзувањето на сите аспекти на деловното работење, стремејќи се кон оваа цел, треба да биде клучна организациска заложба што ја преземаат компаниите во наредната деценија.
Како функционира ова во пракса?
М. Кучера Илиевска: Трансформирањето на традиционалното претпријатие во организација за која дигиталниот пристап е природен е полесно да се каже отколку да се направи. Но, некои области може да се приоритет за да се обезбеди понепречена транзиција.
Интелигентното јадро е основа на платформата за дигитална трансформација. Тоа е чувар на алгоритмите, кодот и моделите што им овозможуваат на организациите да ги користат придобивките од податоците што ги генерираат и ги собираат.
Менаџерите на бизнисите се под сè поголем притисок да покажат јасна линија меѓу дигиталните инвестиции што ги прават и деловната вредност што од нив ја добиваат за организацијата. Во ваква клима важно е стратегиите за дигитална трансформација да им помагаат на организациите за подобро да ги менаџираат компромисите што треба да ги направат, балансирајќи ја потребата да инвестираат во квалитет и ефикасност со потребата да ја заштитат профитабилноста, клучни столбови што треба да ги земат предвид организациите за да ја кренат вредноста на бизнисот.
За да се оствари ова, иницијативите за дигитална трансформација бараат координиран и посветен мултифункционален и мултидисциплинарен пристап на ниво на целата компанија. За да станат дигитално моќни, компаниите треба да ја намалат конкуренцијата меѓу деловните единици и да се стремат кон похолистички пристап во кој дигиталните решенија се користат за да ја поддржат целокупната организација, и оперативно и во смисла на нејзините бизнис-модели, продукти и услуги.
Организациите инвестираат во модели на дигитална трансформација што се осмислени не само да ги олеснат или поддржат постојните процеси и деловни модели, туку првенствено за да им помогнат да развијат целосно нови процеси, менаџерски практики и деловни модели.

Како да се надминат бариерите во процесот?
М. Кучера Илиевска: Иновацијата во организациите често треба да е водена од врвот надолу. Ова на носителите на извршните одлуки во ЦИЕ им ја наложува обврската да имаат визија и стратегиско размислување за тоа како треба да се трансформираат нивните организации и да ги направат функционални учесници во дигиталната економија. Сепак, постои јаз меѓу целите и приоритетите на организациите во регионот и улогата што ИТ ја игра за да им помогне да ги поддржат тие цели. Наследената инфраструктура, складираните податоци и неефикасните/мануелни процеси се пречка за иновациите.
За да се надминат овие предизвици со кои се соочува ЦИЕ и за да се подобри подготвеноста за сите евентуални идни шокови, носителите на извршни одлуки во ЦИЕ може да размислат за следниве чекори:
• Обмислете ја вашата улога во економијата на платформа. Платформите ќе станат норма како што организациите се адаптираат на екосистем што е повеќе поврзан, составен од партнери, доставувачи, клиенти и технологија, кои функционираат заедно за да обезбедат персонализирани продукти и услуги. Економијата на платформи исто така им овозможува на организациите да ги надминуваат географските граници во глобални размери.
• Ставете го намалувањето на технолошкиот долг близу до врвот на агендата. Каматата на техничкиот долг може да биде закана за постигнувањето на посакуваните деловни исходи, што прави целата организација да е ранлива. Техничкиот долг треба да се декларира како стратешки приоритет за организацијата и да го добие вниманието од извршното ниво.
• Работете насочени кон интелигентно јадро. Градбата на интелигентното јадро ќе ги определи текот на трансформацијата и исполнувањето на мисијата. Интелигентното јадро треба да биде динамичко, да додава вредност и да ги користи технологиите за интеграција и за машинско учење. Тоа мора да овозможи вградување сеопфатни информации во јадрото на организацијата. Начинот како компаниите ги користат податоците ќе биде решавачки за тоа дали ќе водат стабилен бизнис во претстојните години.
• Поедноставете ја модернизацијата на процесот за да ја имате под контрола комплексноста. Исцртајте ги способностите и можностите што ѝ се потребни на организацијата за да ги исполни своите идни бизнис-цели. Создавањето вакви способности и можности треба да е двигател на ремоделирањето на организацијата (наспроти постојаното адаптирање на процесите во однос на променливите барања).
• Имплементирајте инфраструктура што ја пресликува деловната динамика. Инфраструктурата треба да се набљудува како деловна способност – не само како техничка способност. Дигиталното се проширува во секој аспект на организацијата, а инфраструктурата мора да е подготвена да се адаптира. Од врвна важност е компаниите да ги земат предвид комплексностите на опциите за воведување и да донесат одлуки што даваат флексибилност во третманот на нови клиенти, услуги и партнери.
• Нагласете ја важноста на довербата. Компаниите во ЦИЕ разбираат дека довербата опфаќа многу повеќе од превенција на упадите во сајбер-просторот. Управувањето со ризикот, регулаторната усогласеност и деловната етика се поврзани со позитивни деловни резултати. Како прв слој што имплементира контроли на довербата, инфраструктурата треба да ги употреби напредните безбедносни функции.
• Аналитиката нека биде дел од донесувањето одлуки на сите нивоа. Усвојувањето на технологиите како вештачката интелигенција, роботиката и интелигентната автоматизација на процесите се потпира на вработените вешти во толкувањето податоци, визуелизацијата и користењето. Успешната имплементација исто така значи и да се постигне за вработените да е лесно да ја користат аналитиката. Исходите водени од податоци бараат организациска култура што ги наградува постапките водени од податоци како одговор на пазарните промени.
Што е она што им го нуди Оракл на своите клиенти?
М. Кучера Илиевска: Облакот на Оракл нуди комплетно портфолио на SaaS, IaaS- и PaaS-решенија. SaaS-решенијата нудат планирање на ресурсите на организацијата (ERP) и финансиски решенија, корисничко искуство (customer experience, CX) и способност за управување со човечкиот капитал. PaaS-инфраструктурата на Оракл го ползува веќе постојното искуство на фирмата во простор за развој на апликации и нуди едноставна интеграција на системи, целосна автоматизација на животниот циклус и способност да се воведат и имплементираат хоризонтални услуги, како на пример, аналитика, безбедност и усогласеност или блокчејн.
Во смисла на IaaS, инфраструктурата во облак на Оракл (Oracle Cloud Infrastructure, OCI) обезбедува повеќекратни конфигурации на складирање на податоците, пресметковни операции или мрежни јазли. Во 2020 година, ИДК IDC го објави глобалното истражување Industry CloudPath во кое анкетираше 935 клиенти на IaaS за нивното задоволство со врвните понудувачи на IaaS. IaaS на Оракл, OCI, освои највисока оцена за задоволството и најголемо годишно зголемување на оцената од сите понудувачи на IaaS. Исто така 86 % од испитаниците рекоа дека очекуваат средствата што ги трошат на Оракл IaaS и OCI во иднина да растат.
Во рамките на портфолиото на Оракл постои множество решенија што директно се осврнуваат на бројните предизвици со кои се соочуваат организациите во ЦИЕ, како што е прикажано во овој преглед Технологија во фокусот.
(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2021/јануари 2022г)