Интервјуа

Трпески: Факултетот е „отворена врата“ на студентите за продолжување на нивното образование на високорангирани универзитети во светот

Предраг Трпески

Декан на Економскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“

Вие сте декан на Економскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Факултетот постои веќе 72 години. Погледнато наназад, што покажува историјата на факултетот?

П. Трпески. Времето поминато во активна научно-истражувачка работа и целосна посветеност на едуцирање на високообразовани кадри од областа на економијата и бизнисот е само сведок дека Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е високообразовна институција која е нераскинлив дел од севкупниот развој на македонското општество. Во изминатиов период, кој зафаќа една временска рамка од повеќе од седум децении, наставниците и соработниците на факултетот, преку исклучителна посветеност на научно-истражувачката работа, создаваа ново знаење и образоваа кадри кои се достојни за почит. На Економскиот факултет – Скопје, гледано историски во изминативе седумдесет и две години, работеле наставници кои биле респектирани не само во земјава туку и надвор на поранешните југословенски простори. Од основањето на факултетот во далечната 1950 година, па до денес нашата високообразовна институција на Република Северна Македонија ѝ даде неколку премиери, гувернери, академици, десетици министри, заменици-министри, вицегувернери, како и илјадници врвни менаџери и десетици илјади професионалци вработени во јавниот и приватниот сектор. Сето ова покажува дека факултетот повеќе од седум децении е стожер на процесите кои го одбележуваат економскиот, но и пошироко општествениот развој на Република Македонија.
Сето ова денес го издвојува Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје како уникатен, препознатлив бренд на современа високообразовна институција од областа на економијата и на бизнисот во земјава.

Покрај наставно-образовната и научно-истражувачката дејност, Економскиот факултет – Скопје игра значајна улога во креирање на економските политики и севкупниот општествено-економски развој. Како ја објаснувате ваквата улога на факултетот во повеќе од седумдецениското постоење?

П. Трпески. Економскиот факултет – Скопје од своето основање во 1950 година на свој „грб“ има понесено голем товар. Два моменти од оваа историска димензија од 72 години се особено битни: периодот веднаш по формирањето на факултетот и периодот по осамостојувањето.
Имено, тој е првата високообразовна институција која ги образовала првите кадри од областа на економијата од формирањето на македонската држава, од АСНОМ, па во периодот што следувал. Историјата кажува дека првите дипломирани економисти почнале да извршуваат значајни функции и биле носители на клучни општествени процеси веќе од средината на педесеттите години од минатиот век. Во годините што следувале, факултетот бил неодвоив од севкупниот економско-општествен развој на земјава.
Вториот момент е период непосредно пред, но и по осамостојувањето. Првиот премиер на експертската влада на независна Македонија, како и првиот министер за економија и развој беа од редовите на професорскиот кадар на факултетот. Факултетски професори активно партиципираа во конципирање на стабилизациската економска политика веднаш по осамостојувањето, како и во создавањето на севкупниот финансиски систем и монетарното осамостојување на земјава. Во годините што следуваа, па сѐ до денес, имајќи предвид дека голем број вработени на факултетот извршуваа многу значајни државни функции од сферата на економијата, улогата на факултетот е неспорна во креирање на севкупниот економски амбиент и конципирање на клучните економски политики, на фискалната и монетарната политика во земјава. Практично, сите досегашни креатори и реализатори на клучните макроекономски политики, на фискалната и монетарната политика во земјава, потекнуваат од Економскиот факултет – Скопје било да се студенти било вработени во улога на професори на факултетот. Речиси и да нема некој позначаен државен стратешки документ од областа на економијата во чија изработка не бил вклучен факултетот директно како институција или пак индиректно преку своите вработени.

Како е позициониран денес факултетот на чие чело сте? Што го издвојува во однос на другите економски факултети?

П. Трпески: Од денешна перспектива не е спорно дека Економскиот факултет – Скопје е најдобро рангираната високообразовна институција која едуцира професионални кадри од областа на економијата и на бизнисот, дека е респектиран и почитуван во општеството токму поради својата историска димензија, својата традиција, стекнатото искуство и посветеноста во работењето, но и поради јасната определба за континуиран развој на наставно-образовниот процес и научно-истражувачката работа во идниот период. Денес факултетот е препознатлив во домашното окружување, ама со задоволство можам да кажам дека позицијата се подобрува и во меѓународното окружување преку подобрување на наставно--образовните процеси, зајакнатото влијание преку својата научно-истражувачка работа, поголемата вмреженост во заеднички проекти со реномирани институции од земјава и странство, меѓународната размена на наставно-образовниот кадар и студенти, учеството во креирање и реализирање разни национални проекти, стратегии, економски политики итн.
Практично дејноста која ја извршува Економскиот факултет – Скопје има широк спектар и токму тоа мноштво на активности кои факултетот се стреми да ги извршува на највисоко можно ниво го издвојуваат од останатите високообразовни институции од областа на економијата и бизнисот во Република Северна Македонија. Но, нашата парола е дека секогаш може подобро, па оттука целите кои ги поставивме во последниот стратегиски план кој го усвоивме на почетокот на оваа година, а се однесува за развој на факултетот во наредниот петгодишен период, се прилично високи, а задачите кои ќе мора да ги извршиме не баш лесни.

На факултетот денес егзистираат седум наставни програми на прв циклус студии. Што го детерминираше изборот токму на овие седум програми и дали тие ги задоволуваат потребите на институциите од приватниот и јавниот сектор?

П. Трпески: На Економскиот факултет – Скопје постојат седум студиски програми кои покриваат повеќе области од научните полиња економски и организациски науки со што практично во целост одговараме на потребите на приватниот и јавниот сектор за создавање на квалитетен високообразован кадар. Јас не познавам некоја друга високообразовна институција во земјава која ги покрива овие научно-истражувачки полиња на начин и со квалитет каков што имаме ние. Она што во оваа прилика сакам да го истакнам е дека од оваа академска година ќе започнеме со настава на нови студиски програми кои претставуваат квалитативна надградба на претходните програми и се конципирани според наставните програми по кои се одвива наставата на високорангирани универзитети во светот, а тие се: е-бизнис, економија, маркетинг, менаџмент, меѓународна трговија, сметководство и ревизија и финансии. Со имплементирање на новите студиски програми, ние всушност ја остваруваме целта што ја имавме поставено, а тоа е нашите наставните програми да бидат компатибилни со програмите од врвни светски универзитети, но не само содржински туку и методолошки преку воведување на нови наставни методи и искористување на предностите кои ги носат новите дигитални технологии. Според сегашната конципираност на наставните програми, факултетот е „отворена врата“ на студентите за продолжување на нивното образование на високорангирани универзитети во светот. Голем е бројот на наши студенти кои по дипломирањето своето образование без никакви проблеми го продолжуваат на реномирани универзитети од Европа и САД, а во овој контекст вредно е да се потенцира дека добар дел од нив студиите ги завршуваат со висок успех.

Каква е соработката на Економскиот факултет на меѓународен план, но и со бизнисите и јавниот секторот во земјава?

П. Трпески: Факултетот, особено во последниве неколку години, особено внимание посветува на изградба на здрави фундаменти на соработка на домашен и меѓународен план и во оваа насока имаме постигнато резултати кои ги задоволуваат нашите поставени цели. Во основа се работи за две различни сфери на соработка. На меѓународен план соработката е повеќе во насока на реализирање на нашите академски цели, а тие се размена на наставно-научен и соработнички кадар, како и размена на студенти со универзитети од странство, учество во реализирање на меѓународни научно-истражувачки проекти, воспоставување на наставни дисциплини и студиски програми преку трансфер на искуства од доброрангирани универзитети итн. До сега имаме склучено договори зa размена на наставно-научен и соработнички кадар, како и размена на студенти со преку 45 универзитети, а не е мал бројот на универзитети со кои сме веќе вклучени во заедничка реализација на научно-истражувачки проекти. Она што би сакал особено да го издвојам е остварувањето на една од нашите цели, а тоа беше на нашиот факултет да воведеме програма на англиски јазик во соработка со некој реномиран светски универзитет. Нашите напори дадоа плод во 2020 година кога благодарение на Амбасадата на САД во Република Северна Македонија ние успеавме да воспоставиме соработка со Државниот универзитет од Индијана, кој според Шангајската ранг-листа е меѓу првите 50 рангирани универзитети во светот. Во партнерство со овој универзитет, ние го започневме процесот за воспоставување на постдипломски студии на англиски јазик од областа на МБА во стратегискиот менаџмент на човечки ресурси кој започна со работа во академската 2021/2022 година. Убеден сум дека ова за нас ќе биде драгоцено искуство кое понатаму ќе го искористиме за воспоставување на нови партнерства со универзитети од Европа и САД и воспоставување на заедничка студиска програма на англиски јазик и на прв циклус на студии.
Соработката со приватниот и јавниот сектор пак е и во сферата на академската соработка каде што настојуваме нивните добри практики да ги интегрираме во нашите наставни програми, а и нивни претставници да се вклучат во наставата на нашиот факултет за да ги споделат практичните искуства, но и соработка во делот на реализирање на практична настава и стекнување на искуства на нашите студенти во институции од бизнис-секторот и јавниот сектор. За таа цел, до сега имаме склучено меморандуми за соработка со преку илјада институции од двата сектори од нашава земја, а сето ова се реализира преку нашиот Центар за кариера кој успешно функционира повеќе од десет години и кој практично претставува „отворена врата“ на нашите студенти кон приватниот и јавниот сектор уште во текот на нивното студирање. Впрочем, уште со самото запишување на факултетот ние ги поттикнуваме нашите студенти да почнат да размислуваат како да ја градат сопствената кариера преку воспоставување на активни врски со деловната заедница изразени преку најразлични форми на практична настава.

Како професор, вашата оценка за економската наука и генералната насока во која се развива таа?

П. Трпески: Денес економската наука има достигнато едно многу високо ниво на акумулирани знаења со кои практично може да одговори на сите предизвици кои ги наметнуваат последниве кризни состојби предизвикани од пандемијата на ковид-19, како и поновите кризни ситуации предизвикани, пред сè, поради порастот на цената на електричната енергија, цената на нафтата на светските пазари, инфлацијата, како и негативните импликации кои ги има војната во Украина врз националните економии.
Неспорно е дека периодот од појавата на пандемијата на ковид-19, па навака, значително ги промени траекториите на развојот на економската наука и го подигна кумулативот на економски знаења. Во сите кризни ситуации кои претходно ги наведов, а се случија во последниве две години, креаторите на економските политики одговорија многу брзо, а мерките кои ги презедоа беа ефикасни. Негативниот шок кој го предизвика пандемијата на ковид-19 на страната на понудата, но и на страната на побарувачката што беше нешто ново за економската наука, за релативно кратко време беше надминат благодарение на знаењата кои се систематизирани во економската наука. Сега се соочуваме со нова економска криза предизвикана пред сè од порастот на цените на нафтата и нафтените деривати и електричната енергија, како и војната во Украина, што е закана од појава на стагфлација, кога едновремено во економијата егзистираат инфлација, зголемена невработеност и негативни стапки на раст на бруто-домашниот производ. Но, ваква слична ситуација е веќе видена во седумдесеттите години од минатиот век и мислам дека земјите успешно ќе се справат и со оваа економска криза на соодветен начин. Впрочем, економските политики на ниво на поодделни национални економии се должат на економската наука денес, а тоа ни дава право да кажеме дека денес економската наука има доволно акумулирано знаење за да одговори и на оваа криза.

Пред извесно време премиерот посочи дека вие сте еден од неговите советници. За што точно станува збор?

П. Трпески: Премиерот Ковачевски го состави неговиот советнички тим и му благодарам што мене ме виде во него. Всушност, се работи за надворешен советник по економски прашања, активност која ќе ја извршувам во наредниов период со максимална посветеност и стручност.

Како гледате на економските случувања во светот што влијаат на македонската економија?

П. Трпески: Македонија е отворена и увозно зависна економија така што турбуленциите кои се случуваат на светските пазари на нафта и нафтени деривати, и на електрична енергија имаат силен импакт врз трошоците на домашното производство и се создава ценовен притисок. Од друга страна, војната во Украина дополнително ја влошува актуелната состојба во светот, пред сè во Европа, па оттаму индиректно и во Република Северна Македонија. Трансмисијата на негативните ефекти врз македонската економија ќе бидат индиректни бидејќи земјава има многу мала трговска размена со Украина и Русија, која е пониска од 2 %, а исто така странските инвестиции од овие две земји се незначителни и се околу 1,5 % од вкупните странски директни инвестиции во 2020 година. На повидок е и криза (можеби не од големи размери) за храна. Во исто време, делови од Кина се во целосно затворање поради најновиот сој на ковид-19, а кинескиот извоз значително забавува. Ако извозот од Кина во 2021 година имаше раст од високи 30 % во споредба со претходната година, оваа година, во април, извозот има раст од само 3,9 % со тенденција на понатамошно намалување.
Очевидно е дека во светски рамки ќе биде многу турбулентно бидејќи на повидок се неколку кризи кои егзистираат паралелно, но и се потхрануваат една со друга: криза на инфлација, енергетска криза, криза за храна, криза поради ковид-19 и криза на климатски промени. Поради климатските промени, оваа година се очекува да е многу топла, што ќе доведе до зголемена побарувачка на електрична енергија, а сето тоа е проследено со криза во продукцијата на струја во светски рамки. Очевидно дека станува збор за многу комплицирана ситуација која, ако потрае подолго, може да предизвика далекусежни негативни последици по националните економии на развиените земји, а трансмисијата врз македонската економија би била брза и од поголеми размери.

Како ги оценувате состојбите во македонската економија во домашен контекст, во смисла на клучните трендови, опасности, решенија, економски политики итн.?

П. Трпески: Мислам дека македонската економија не била во потешка ситуација од осамостојувањето, па до денес. Големиот раст на цената на нафтата и електричната енергија значително влијаат врз трошоците на фирмите и вршат ценовен притисок што резултира во повисока инфлација. Ова е проследено и со пораст на цената на трудот (зголемување на минималната плата и пораст на просечната плата) што претставува дополнителен притисок врз цените. Но, инфлацијата во еден дел е резултат на порастот на трошоците, ама во еден добар дел е и од психолошка природа бидејќи на голем дел од производите, а особено кај услугите, цените растат несразмерно на порастот на трошоците. Доколку ваквата ситуација се одржи подолго време и доколку економскиот раст на европските економии, особено на германската економија, значително забави, можно е да се случи шок на страната на агрегатната понуда и појава на стагфлација, а тоа е состојба кога во економијата има висока инфлација проследена со намалување на вработеноста (зголемена невработеност) и стагнантни, па дури и негативни стапки на раст на бруто-домашниот производ. Кризата како резултат на инфлацијата веќе ја имаме, енергетската криза како криза на глобалниот енергетски сектор која би се пренесла во Република Северна Македонија е извесна, кризата за храна како глобална закана нема да нè одмине, што во крајна инстанца бара еден многу сериозен пристап од креаторите на економските политики. Сега за сега има многу добра координација меѓу фискалната и монетарната политика и, имајќи ги предвид светските трендови, ние добро се справуваме со инфлацијата. Владата најавува и нова енергетска стратегија што барем на среден рок би решила некои проблеми со снабдувањето со електрична енергија. Останува да виси во воздух прашањето на можната стагфлација во македонската економија, која може и да не се случи со исправен пристап и добро координирани мерки на креаторите на економските политики, Владата на Република Северна Македонија и НБРМ, и тоа под претпоставка дека нема да се случи некое позначајно намалување на економската активност на големите европски економии, пред сè мислам на германската економија со која сме најмногу интегрирани. На краток рок мора да се дејствува преку експанзивна фискална политика за да се финансираат мерки преку кои ќе се намалат негативните економски ефекти, додека стабилноста би се реализирала преку монетарната политика. Без нови задолжувања не би можеле да се справиме со оваа многу комплексна ситуација, а би се раздолжувале во подобри времиња. Но, неспорно е дека на среден и долг рок неопходни се опсежни структурни промени кои би овозможиле одржливост на македонската економија.

Што би им порачале на годинашниве матуранти?

П. Трпески: Да го следат својот сон и да инвестираат во себе бидејќи само инвестициите во човечки капитал се трајни и никогаш нема да ги изгубат. Вратите на Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се широко отворени за сите матуранти кои сакаат да учат, да стекнуваат нови знаења и се спремни да се менуваат себеси и да го сменат окружувањето во кое живеат. Нашата цел е да создадеме дипломирани економисти кои ќе бидат креатори на нивната, но и на нашата заедничка иднина.


 

Разговараше: Зоран Јовановски

(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2022г.)

ПРЕПОРАЧАНО