Интервјуа
Фуна: Познавањето и користењето на квантитативни алатки е огромна предност во областа на финансиите
Интервју со Димитар Фуна, консултант за приватен капитал, припојувања и аквизиции во Англија
Економија и бизнис | печатено издание | април 2023г.
Г. Фуна, вие сте дипломец на Економскиот факултет во Скопје, кој своето образование го продолжи на престижниот Империјал колеџ во Лондон. Може ли да ни ја раскажете вашата досегашна приказна во поглед на образованието?
Д. Фуна: Моето образование го започнав на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје, кој можам да кажам дека, покрај одредени недостатоци, ме подготви одлично за останатите мои едукативни подвизи на врвни универзитети во странство.
За време на моите студии во Скопје имав можност да завршам краток курс на Харвард универзитетот во Бостон, САД. Тогаш прв пат целосно ги согледав бенефитите на студирање во интернационална и академски ригорозна средина.
Искуството од краткиот престој на Харвард дејствуваше како иницијална мотивација за моите магистерски студии во областа на финансиите на Империјал колеџот во Лондон. Можам да кажам дека како искуство претставуваше огромен предизвик и задоволство да се биде меѓу исклучително интелигентни професионалци од целиот свет, голем дел од кои денес имам чест да ги наречам пријатели, и да се совлада најсовремениот материјал и квантитативни методи од областа на финансиите и на сметководството. Самото опкружување, составено од интернационални студенти од најразлични академски и животни средини, не ви дава можност да останете во вашата зона на комфорот, односно треба да дадете 110 % од себе само за да бидете компетитивен.
Моментално работите како консултант во Англија. Конкретно во која област и како изгледа вашата работа?
Д. Фуна: Моментално работам како консултант во Кандесик (Candesic), компанија која е специјализирана во изработка на комерцијална длабинска анализа (CDD – Commercial Due Diligence) во областа на здравството и фармацевтската индустрија и за клиенти од областа на приватниот капитал (Private equity).
Самата компанија досега има работено на над 800 проекти чија трансакциска вредност преминува 25 милијарди фунти. На мое огромно задовлство, во кратко време имав чест да работам на над 20 проекти, вклучувајќи клиенти како Бејн капитал и Партнерс гроуп (фирми за приватен капитал со над 150 милијарди долари финансиска актива), како и Fortune 500 компании. Преку сите овие проекти, вкупната вредност на трансакциите за компаниите на кои сум работел длабинска анализа преминува над 3 милијарди фунти.
Во однос на самата работа, крајната цел на секој наш проект е да се даде одговор на инвеститорот дали треба да продолжат со аквизицијата на одредена (таргет) компанија или не. За да се даде одговор на ова прашање, потребни се комплексни и повеќедимензионални анализи на пазарот, конкуренцијата, потенцијалот за раст на компанијата и на индустријата и до кој степен е остварлив бизнис-планот на менаџментот за наредните 5 − 7 години. Голем дел од овие задачи се засноваат на квантитативни методи за предвидување на невозможното: иднината.

Што од ова можат да применат нашите компании во своето работење овде во Македонија?
Д. Фуна: Пазарот за приватен капитал и аквицизиции во Македонија е релативно неразвиен и во зачеток, но тоа значи дека нуди и огромни можности и потенцијал за оние кои ќе дејствуваат први. Во последниве години се забележува зголемена активност на интернационални играчи кои се заинтересирани за купување на македонски компании – сетете се на аквизицијата на Групер од страна на Делта (Србија). Следствено на тоа, сметам дека пазарот полека ќе се отвора и за институционални инвеститори на приватен капитал кои, за жал, мислам дека ќе бидат од регионот (Хрватска, Словенија, Србија), а не домашни, од Македонија.
Имајќи го предвид ова, сметам дека македонските компании треба да размислуваат за 3 клучни теми.
1Некогаш компанијата (или нејзиниот потенцијал) ги надраснува вештините и способностите на менаџментот – тогаш можеби е време да се размисли за надворешни партнери.
Македонските стопанственици треба да се отворени за можности кои ќе резултираат со продавање на целосната или дел од сопственоста на една фирма. Во огромен дел од времето, овие трансакции резултираат со зголемена додадена вредност и зголемување на богатството на сопственикот.
На пример, земете го синџирот на малопродажни маркети Гомекс од Србија. За време на кризата 2007 − 2009 година, фирма за приватен капитал инвестираше во Гомекс кој во тоа време генерираше ЕБИТДА од околу 200 000 евра. Години подоцна, со помош на странските партнери, Гомекс генерираше ЕБИДТА 7 − 8 милиони евра.
2Инвеститорите (како фирмите за приватен капитал) генерираат вредност за економијата, за компаниите во кои инвестираат, но и останатите засегнати страни како клиенти и вработени.
Фирмите (фондовите) за приватен капитал имаат клучна улога во целосниот екосистем на можности за финансирање на компаниите. Во периоди како моменталниот, каде што имаме значително зголемување на каматните стапки, на останатите оперативни трошоци како енергентите и платите, да се има партнер со „длабок“ џеб е огромна предност и придонесува кон стабилноста на компанијата. Па така, да се има таков партнер исто така води до:
• Капитал за финансирање на иницијативи за раст (нови производи, нови пазари...)
• Пристап до долгогодишна и надворешна експертиза
• Пристап до екстензивна мрежа на професионалци од сите области кои можат да резултираат со нови партнерства, аквизиции и останати бенефити.
3Работата на највисоките транши на менаџментот е да се носат одлуки засновани на податоци, а не да се фокусира на оператива и на микроменаџмент.
Странските компании кои јас сум имал можност да ги анализирам, без разлика на нивната големина (приходи од 60 милиони фунти до 1 милијарда и повеќе фунти), сите имале менаџмент кој е фокусиран на пробивање на нови пазари, развој на нови производи или диверзификација на синџирите на снабдување. Овие одлуки се базирани на ригорозни анализи и реални податоци за различните пазари. Не ретко, ова е област каде што консултантите можат да помогнат за изработка или валидација на тие анализи.
Поради околностите во кои работат македонските компании, за жал, многу често највисокиот менаџмент е фокусиран на микроменаџирање и длабоко навлезен во оперативата, а не се фокусира на областите кои генерираат најголема вредност – како стратешко планирање и егзекуција на стратешките цели и бизнис-планови. Спротивно на ова, правилно поставен и стратешки фокусиран менаџмент, значително ја зголемува атрактивноста (а со тоа и вредноста) на енд компанија од перспектива на надворешни инвеститори.
Глобалната економија поминува низ турбулентен период, тоа се должи на повеќе причини и има свој одраз на финансискиот сектор во светот. Како гледате на иднината, што ќе се случува со економскиот раст, со инфлацијата, со каматните стапки, со можностите за инвестирање, со ризиците?
Д. Фуна: Денешната финансиска и бизнис-клима, засилена од глобалната испреплетеност на компании, индустрии и држави, претставува вистински предизвик за која било фирма.
Реалноста е дека периодот на „евтини“ пари заврши и потрошувачите и фирмите мора да бидат подготвени да се справат со последиците на зголемените каматни стапки.
Одговорот на вашето прашање би го поделил на два дела: што нè доведе до овде и како понатаму.
Мое мислење е дека она што нè доведе до тука најпрво е екстремно експанзивната монетарна политика. Ваквата политика во комбинација со постпандемиска зголемена потрошувачка и зголемени ценовни притисоци на страната на понудата (енергенти, работна сила) доведе до значително зголемување на инфлацијата. Секако е валиден аргументот дека централните банки, особено ФЕД и ЕЦБ задоцнето реагираа на инфлаторните притисоци и покрај тоа што нивниот мандат е токму одржување на ценовна стабилност, дозволија инфлацијата да стигне далеку од досегот на нивното влијание. Ваквата задоцнета реакција доведе до преагресивно монетарно затегнување кое пак затекна одредени „неподготвени“ институции (на пример, Банката на Силиконската долина) чија непрофесионалност и непостоечки менаџмент на ризици доведе до моменталната криза во финансискиот свет.
Ако разговараме за како понатаму, треба да имаме предвид дека централните банки ќе продолжат и понатаму да ги зголемуваат каматните стапки. Вистинското прашање е до кога. Како резултат на зголемените каматни стапки бизнисите ќе мора да се попретпазливи со своите инвестиции, повнимателно да управуваат со ризиците и да се осигурат дека нивните синџири на снабдување се стабилни. Ова исто така ќе значи дека полуефикасните (односно полупродуктивните) компании нема да бидат конкурентни на пазарот – дигитализираните, добро управувани и организирани компании ќе бидат оние кои први (ако не и единствени) ќе го видат светлото на крајот од тунелот.

Добитник сте на награди од Народната банка и КХВ за истражувачки трудови. На кои теми беа наградуваните трудови и кои беа конкретните сознанија од истражувањата?
Д. Фуна: Двата трудови беа прилично различни и според темите на обработка, но и според методите на истражување. Сепак, и двата трудови резултираа со интересни заклучоци вредни за споменување.
Наградениот труд од страна на КХВ се базираше на предвидување на приносите од индексот МБИ10. Идејата беше да се користат одредени квантитативни методи – авторегресивен модел за да се предвидат приносите и да се генерира дополнителен профит, нешто што теоретски не би требало да е возможно доколку веруваме во Теоријата за ефикасни пазари. Во трудот заклучувам дека покрај тоа што е невозможно да се предвиди нивото на приноси, развиениот квантитативен модел во 60 % од случаите точно ја предвидува насоката на движење на индексот МБИ10. Поконкретно, моделот точно предвидуваше дали на одреден ден МБИ10 ќе генерира приноси или загуби. Па така, во ситуација на релативно ниски трансакциски трошоци и можност да се позајмува МБИ10 и продава (кратка позиција) – би можеле да се остваруваат натпросечни приноси.
За споредба, наградениот труд од НБРМ за 2021 година беше фокусиран на клучното прашање на доходна нееднаквост во Македонија, тема чија актуелност расте во периоди како моменталниот, кога даночните политики се во центарот на јавниот дискурс. Во трудот користам претходно недостапни податоци од УЈП за да ја пресметам вистинската дистрибуција на персоналниот доход во Македонија. Заклучоците се дека Македонија е многу понееднаква од своите соседи со тоа што најбогатиот 1 % од населението има исто толку доход колку најсиромашните 50 %.
Како гледате на потребата од знаења за користење на алатки за квантитативни истражувања во современи услови? Колку таквото знаење е предуслов за кариера во светот на финансиите?
Д. Фуна: Познавањето и користењето на квантитативни алатки е огромна предност во областа на финансиите, без разлика дали станува збор за кариерен развој или унапредување на компании. Затоа често и ќе забележите како компјутерски, машински или електроинженери се на врвни позиции во финансискиот свет. Јас би отишол понатаму и би рекол дека познавањето на овие алатки е клучно за успешна кариера во светот на финансиите.
Какви се вашите професионални планови за наредниот период?
Д. Фуна: Имајќи ја предвид брзината и динамичноста со која се движи и се менува светот, сметам дека е релативно тешко да се планира на долг рок, па дури и кога станува збор за лични и професионални планови и цели.
Јас отсекогаш сум бил мотивиран од мислата за континуиран напредок и развој, па дури и поставување на високи цели кои некогаш изгледаат и недостижни. Моментално сум фокусиран на идејата да „украдам“ што е можно повеќе знаење и најдобри практики од врвни професионалци во Лондон со кои сум во секојдневен контакт. Во мојата тековна позиција и опкружување сè уште чувствувам дека имам огромен простор за доедукација, професионално доразвивање и речиси неограничен број на можности за запознавање на нови бизниси и интересни и актуелни теми.
Но, исто така, за мене од исклучителна важност е и идеологијата на „враќање“ на заедницата. Во таа смисла чувствувам одредена потреба и одговорност да се обидам моето стекнато знаење и искуство, колку и минимално да е тоа во големата смисла на работите, да го пренесам и во нашата Македонија. Па така, во наредниот период би сакал поактивно да се вклучам во иницијативи кои, преку воведување на одредена надворешна и глобална перспектива, би придонеле кон развојот на бизнис-заедницата во Македонија.
Разговараше: Кирко Бошкоски