Интервјуа
Labena Ventures лансираше регионален стартап акцелератор кој отвора пристап до 100 милиони евра достапни за инвестирање
Разговаравме со директорот на Лабена, Борут Чех
Борут Чех, ко-директор на Лабена (во средина) заедно со ко-директорите Недељко Милосављевиќ и Боштјан Чех
Фото: Стефан Јовановиќ
Компанијата Лабена ја лансираше првата регионална акцелераторска програма, Labena Ventures Programme, фокусирана на поддршка на понатамошниот развој и комерцијализација на стартапи со значаен пазарен потенцијал. Фокусот е на иновативни решенија, со потенцијал за практична примена, кои би можеле да го забрзаат напредокот во биотехнологијата, фармацевтска индустрија и здравството.
За програмата, начинот на аплицирање и какви се очекување од оваа програма, разговаравме со директорот на Лабена, Борут Чех.
Labena Ventures лансираше регионален стартап акцелератор во областа на здравството, биотехнологијата и фармацијата. Што го прави овој акцелератор различен од сличните иницијативи?
Чех: Labena Ventures е првиот корпоративен акцелератор во Централна и Источна Европа со фокус на полето на биотехнологијата, медицината, фармацевтската и прехранбената индустрија и заштитата на животната средина.
Компанијата Лабена, која е регионален лидер на пазарот на лабораториска опрема од овие области, има 30-годишно искуство во биотехнолошката индустрија во развивање и тестирање на биолошки лекови и генски терапии за фармацевтски компании и партнери од целиот свет. Нашето искуството во доменот на развој и трансфер на технологија ни овозможува од уникатна позиција да ги разбереме иновативните технологии во овие области и да најдеме најсоодветен начин како да се претстават пред инвеститорите.
Нашата акцелераторска програма ќе работи низ 17 земји во Централна и Источна Европа, покривајќи огромен регион со население од 110 милиони луѓе. Ова е можност помалите нации со исклучително знаење и иновативни идеи да добијат внимание од инвеститорите и платформа за комерцијализација.
Кој може да аплицира и како овој акцелератор ќе им помогне на стартапите?
Чех Конкурсот е отворен за сите кои имаат иновативна идеја или технологија од областа на биотехнологијата, медицината, фармацевтските производи, прехранбената индустрија или заштитата на животната средина.
Заинтересираните стартапи и тимови се поканети да ги достават своите апликации на нашата веб страна до 22 мај. На најуспешните апликации ќе им биде даден пристап до преку 80 индустриски експерти специјализирани за практични решенија и развој на бизнисот, како и пристап до мрежа на потенцијални инвеститори со над 100 милиони евра достапни за инвестирање.
Натпреварот не е ограничен само на етаблирани стартапи и тимови но задолжително е тимот што аплицира или стартапот да ги има решено сите сопственички прашања поврзани со соодветната интелектуална сопственост.
Учесниците добиваат пристап до систем за поддршка кој вклучува одлични ментори и модерна опрема.
Кажете ни за критериумите за избор, како ќе се одвива процесот на селекција?
Чех: За да се квалификуваат за програмата, апликантите мора да имаат постигнато лабораториски доказ за концепт, со минимално ниво на технолошка подготвеност не помала од три. Потенцијалот на тимот и нивните деловни можности ќе се оценуваат врз основа на различни критериуми, како што се областа на примена на решението, пазарниот потенцијал и тимската компатибилност.
Жирито ќе ги оценува апликациите врз основа на однапред одредени критериуми, како што се областите на примена, потенцијалот за интелектуална сопственост, пазарниот потенцијал и многу повеќе. Вистинскиот тим, вистинската технологија и вистинскиот тајминг за лансирање на решението на пазарот се исто така важни показатели за успехот на стартапот. Решенијата мора да достигнат одредено ниво на развој за да се разгледаат за програмата. Ќе бидат избрани до 40 тимови кои на почетокот на јуни ќе бидат поканети на bootcamp во Словенија.
Што опфаќа програмата низ која поминуваат стартапите?
Чех: По селекцијата, следи тридневен bootcamp во Словенија со комплетно покриени трошоци, каде поканетите претставници на избраните тимови ќе бидат дел од интензивно искуство на учење и соработка со врвни експерти од соодветните области во кои работат тимовите.
Во процесот ќе бидат избрани 10 екипи кои ќе влезат во тримесечната акцелераторска програма во која ќе соработуваат со менторите на скалирање на нивната идеја. Менторите се од целиот свет, а во континуитет работиме на проширување на листата на врвни експерти со кои соработуваме.
Конечно на Демо денот стартапите добива можност да ги претстават своите идеи и технологии пред потенцијални инвеститори, да ги прошират деловните мрежи, да создадат партнерства и да добијат пристап до потребните технички и финансиски ресурси.
Крајот на нашата програма не значи крај на патувањето бидејќи стартапите и тимовите влегуваат во програмата "Alumni Growth" каде што ние продолжуваме да им помагаме.
Како ја гледате македонската стартап сцена?
Чех: Стартап сцената во Северна Македонија е во подем и има голем потенцијал за развој на нови технолошки компании во земјата. Македонската влада го поддржува развојот на стартапи преку различни иницијативи. Покрај тоа, постојат неколку инкубатори и акцелератори, кои даваат поддршка во развојот на бизнисот и создавање мрежа на контакти.
И покрај овие позитивни движења, македонската стартап сцена сè уште се соочува со одредени предизвици, како што се недостигот на пристап до финансии и инфраструктурни недостатоци. Сепак, има позитивни трендови и реално е да се очекува дека македонската стартап сцена ќе продолжи да расте во годините што доаѓаат.
Кои се целите и како се очекува оваа иницијатива да направи промени на регионалната стартап сцена?
Чех: Нашата цел е да ја олесниме врската помеѓу иноваторите и потенцијалните инвеститори. Ја препознаваме значајната улога што иновациите ја играат во подобрувањето на квалитетот на животот и благосостојбата на поединците ширум светот, и посветени сме да помогнеме преку вмрежувањето на патот од идеја до иновација, реализација и на крајот до комерцијален успех.
Оваа програма цели кон зајакнување на иновациите и претприемачкиот екосистем во земјите од Централна и Источна Европа преку поврзување во мрежа на партнери која вклучува претприемачи, глобални компании, инвеститори, универзитети, истражувачки и технолошки центри и научната заедница па и регулаторни тела.