Интервјуа

Ѓеоргиев: ДИШЕЊЕТО И ЖИВОТОТ СЕ СИНОНИМИ!

Интервју со Владимир Ѓеоргиев, клинички психолог, јога учител, тренер за личен развој

Економија и бизнис | печатено издание | март 2023г.

Јога − пракса за хармоничен развој и благосостојба на телото, на умот и на духот


Како најдобро ќе го пренесете вкусот на некоја прекрасна торта или сладолед на некој кој никогаш не вкусил? Сите придавки и метафори се недоволни во споредба со реалното доживување, па на крај секако најдобро е кој сака да спознае, да си проба. Јогата е многу повеќе од торта и сладолед, таа е комплетно неселективен прирачник за добросостојба, секој може да практикува и да научи, во рамките на своите можности.
Првите сеќавања кои ги имам за практикување јога датираат од минатиот век, бев гимназијалка. Не би знаела да кажам зошто одев редовно, никој не ме тераше, но точно го паметам она чувство на огромна моќ и благосостојба кога се враќав дома. Без да навлегувам во драгоцените сугестии за однос кон себе и генерално кон нештата во животот, тој трезор е како животен суплемент, моќен сојузник, јавно/тајно оружје, придружник низ уникатниот животен пат кој секој од нас добил дар да го изоди, таков каков што е.
Изминативе десетина години по подолга пауза со голема радост се вратив на практикување на јогата и можам да кажам дека секоја сеанса е ново искуство, нова можност да се научи нешто за себе, да се спознае некоја алатка за подобро живеење или едноставно човек најкомотно на свет да се опушти и да си седне во самиот себеси. Никој, освен ние самите, не може да ни ја овозможи таа привилегија на патот кон слободата.
Мојот ценет и долгогодишен јога даскал (како што некогаш милува да се нарече себеси) е Владимир Ѓеоргиев, кој по струка е клинички или медицински психолог, долгогодишен јога учител и терапевт. Последниве 15 години сè повеќе работи како тренер за личен развој и психолошко советување дома и во странство.


Денес често го сретнуваме терминот мajндфулнес (mindfulness) − свесност, умност, но имам впечаток дека се работи за какофонија од различни толкувања. За што, всушност, се работи, како вие би го превеле на македонски?

В. Ѓеоргиев: „Мajндфулнес“ медитативната задлабоченост е термин употребен од Џон Кабат-Зин (Jon Kabat - Zinn), професор по медицина и креатор на Центарот за свесност и медитација во медицината, здравствената грижа и општеството при Медицинскиот факултет во Масачусетс, САД.

Всушност, се работи за древната јога и будистичка медитативна пракса наречена Випасана (Vipassana), соголена од соодветната филозофска и религиозна пракса. Буквален превод на Випасана од пали јазикот е внатрешна визија или поглед кон внатре.

И Випасана праксата и мајндфулнес медитацијата се практикуваат исто − се тренира вниманието да се задржи подолго време сега и тука, со едноставно набљудување на телото, на дишењето, на мислите, на емоциите, без притоа да се суди или оценува тоа што се набљудува на кој било начин.
На македонски најдобро би се превело како свесност или присутност − присутност на умот каде што е и телото. Тоа е и значењето на санскритскиот збор јуџ (yuj), коренот од каде што доаѓа зборот јога, а значи: впрегнување, соединување на умот и на телото во едно.

Кои се бенефитите од редовно практикување на медитација? Зошто ова е интересно за науката? Гледаме дека има испитувања на Харвард, на Стенфорд...

В. Ѓеоргиев: Бенефитите од редовното, нагласувам редовното практикување на медитативна свесност, присутност, се огромни. Не само што кај практикантите има подобрување на расположението, намалување на стресот, подобар контакт со себе, едно себеосознавање, а со тоа и осознавање на другите, туку ефектите од практикувањето медитација се следат и на телесните, физиолошки параметри. Да напоменам само неколку: нормализирање на срцевиот ритам и крвниот притисок, подлабоко и посмирено дишење, активирање на нервус вагус што значи опуштање и „сварување“ на напнатоста и на стресот, подобрено варење на храната, дури и подобрено држење на телото. За повеќе информации за корисните ефекти препорачувам да се „изгуглаат“ навистина огромниот број на научни истражувања од најеминентните светски универзитети.

Кои се бенефитите од редовна примена на техниките за дишење, односно Пранајам?

В. Ѓеоргиев: Дишењето и животот се синоними! Не постои ништо што е живо, а да не дише, нема ништо што дише, а да не е живо!
Всушност, не постои ништо што е побитно за човекот од дишењето. Кој не верува нека се обиде да лежи во богатство, во изобилство од храна, пијалаци и сè друго што посакува, без да дише 5 мин. Но, повеќето не се свесни за ова. Начинот на кој дишеме ќе биде и начинот на кој живееме. Ако дишеме стегнато, плитко и забрзано, таков ќе ни биде и животот. И обратно. Мислам дека во сечие искуство е сознанието дека одредена ментална состојба е најинтимно поврзана со начинот на дишење. На еден начин дишеме кога сме уплашени, на сосема друг начин кога сме опуштени, на трет кога спиеме длабоко. Или уште поедноставно − ние луѓето живееме и работиме на кислород. Седумдесет проценти од енергијата за движење, мислење и слично доаѓа од кислородот, а само 20 до 30 % од храната и од пијалаците.
Сè, ама буквално сè кај човекот се подобрува со редовно практикување на правилно дишење. Во Јапонија постои доктор по медицина, Икуо Хома, кој повеќето заболувања ги третира само со правилно дишење, со различен ритам.

Најголемата клише заблуда за јога е дека ако не си флексибилен, не можеш да вежбаш. Втората заблуда е дека „не можам јас да седам во место и да гледам во една точка, не е тоа за мене“. Што препорачувате за оние кои мислат така?

В. Ѓеоргиев: За тие кои така мислат препорачувам да пробаат пред да мислат. Можеби телото и умот поинаку ќе мислат. Јогата е ненадмината и единствена, комплетна „ол инклузив“ пракса за хармоничен развој и фитнес (благосостојба) на телото, на умот и на духот!
Инаку, седење во место и гледање во една точка не е целта на јогата и на медитацијата. Целта е постојана свесност, присутност во текот на целиот ден, во сè што правиме. Тоа нè прави посвесни, поосознаени луѓе кои имаат сè подобар контакт со себе, со другите луѓе и со реалноста. За таа цел, неопходно е во иницијалните фази на тренингот на вниманието да се седи мирно и прибрано. Ќе откриете една неверојатна работа − постоите и кога не мрдате со телото и умот!

Денешната бизнис-клима е многу напната и стресна. По ваш избор, која би била најдобрата препорака за релаксирање на умот и на телото?

В. Ѓеоргиев: Погледнете го зборот бизнис (на англиски − business). Доаѓа од „to be busy“ (busy − бизи) − да се биде зафатен, односно, според Оксфорд ленгвиџ речникот, да имаш многу работа толку многу што немаш време за уживање...
Но, и работата може да биде уживање, особено доколку е работењето како игра, а не како тешко измачување.
Напната и стресна бизнис-клима не постои сама по себе. Има напнати и стресни луѓе кои создаваат напната и стресна клима и не само во бизнисот. Затоа, каде и да ме поканат во врвните компании во Македонија, за мојот тренинг за личен развој искрено им велам: со тренингот за свесност мора да се почне од топ менаџментот, па кон сите други затоа што топ менаџментот ја креира климата во која ќе се одвива бизнисот.
Малкумина ми веруваат дека дали во нешто ќе влеземе со стрес или без стрес е наш избор, а не надворешна околност. Избор кој, за жал, го правиме од навика, а потекнува од учењето со имитирање.
Поголема, повисока свесност за себе, за другите и за околината, која се стекнува со редовно практикување јога и медитација, е начин како со радост, а не со стрес да се живее и да се работи.


Разговараше: Лидија Георгиева, дизајнер, редовен професор

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано