Интервјуа
Илијевски: Индустријата на игри на среќа во моментов се наоѓа во една максимално незавидна ситуација
Групација на игри на среќа
Интервју со Васко Илијевски, групација на игри на среќа
Економија и бизнис, печатено издание, мај 2023г.
Кажете ни накусо за „личната карта“ на Групацијата (релативното значење на конкретниот бизнис-сектор за македонската економија, составот на Групацијата итн.).
Васко Илијевски: Со цел заеднички, проактивно да дејствуваме во насока на развој и унапредување на игрите на среќа во земјава, ja формиравме Групацијата на игри на среќа во која членуваат трговските друштва кои организираат игри на среќа во обложувалниците, автомат клубовите и казината.
Ние се залагаме за одговорен пристап кон игрите на среќа, за поволна бизнис-клима за индустријата, за безбедно опкружување за нашите играчи, како и за општествена одговорност кон заедницата во која работиме.
Едноставно кажано, ние се стремиме кон промовирање на најсовремените светски стандарди на игрите на среќа во нашава земја.
Одговорно можам да кажам дека доследно и во целост ги почитуваме законите и правилата и се залагаме за активно и организирано дејствување на Групацијата при носењето на закони од областа на игрите на среќа за подобрување на регулативата и на подзаконските акти и за спречување на нелегалните игри на среќа и развојот на сивата економија.
Важно е да истакнеме дека индустријата на игри на среќа е силен импулс за македонската економија. Преку своето директно работење со дејности од другите стопански гранки ги поттикнува бизнисот и производството, создава бруто-додадена вредност, вработувања, приходи и даноци за државната економија. Во индустријата за игри на среќа има вработено околу 10 000 лица, а индиректно од нејзиното функционирање зависат околу 54 000 вработени. Во буџетот годишно игрите на среќа обезбедуваат прилив од 280 милиони евра.
Откако постои нашата групација, активно работиме преку кампањи и програми да ги едуцираме вработените и играчите за неопходноста од почитување на законите и правилата и за важноста од одговорното приредување на игри на среќа.
Како ја оценувате тековната состојба со игрите на среќа?
Васко Илијевски: Индустријата на игри на среќа во моментов се наоѓа во една максимално незавидна ситуација.
Веќе неколку години сме сведоци на целосно политичко своеволие и насилство од страна на власта кога станува збор за нашата работа и нашата индустрија. Наместо дебата, конструктивна соработка со одговарање на предизвиците со кои се соочуваат играчите и индустријата, наместо градење партнерство, имаме целосно игнорирање и непрофесионален третман од страна на Владата.
За нас како Групација е несфатливо како и покрај апелите од евроамбасадорот Гир, австрискиот амбасадор Вуцас, претседателот Пендаровски и претседателот на Австрија Ван дер Белен европското знаменце да не се злоупотребува и важни закони да не се носат без дебата, предлог-законот за игри на среќа сѐ уште се наоѓа во Собрание, односно кај Комисијата за европски прашања.
Ние во повеќе наврати, со писмени дописи, прес-конференција и собир пред Собранието се обративме до пратениците и апелиравме нашите барања да бидат слушнати и тие да го отфрлат овој предлог-закон и да ја сфатат сериозноста на потенцијалната штета што може да ја предизвика.
Секако, и во оваа прилика би сакал да образложам во неколку чекори зошто предлог-законот кој го прифати Владата и стигна во Собранието ние како Групација го отфрламе и го сметаме за неевропски, неуставен и монополски.
Имено, за нас се апсолутно неприфатливи предлог-измените кои предвидуваат дислокација на нашите објекти, забрана за приредување игри на среќа на интернет, зголемување на давачките и надоместоците, како и измените на Законот кои задираат во веќе постоечките лиценци бидејќи тие значат згаснување на нашата индустрија.
Оддалечување на објектите за игри на среќа кои се претставуваат како наводна „заштита, унапредување или регулација“ на индустријата имаат цел да затворат една цела легална гранка. Ваквите решенија се спротивни на сите меѓународни и ЕУ-стандарди. Актуелниот закон има строга регулација во однос на заштита на малолетни лица, која може да се унапреди преку дополнителни ефикасни методи на превенција, на едукација и на засилена контрола.
Новото законско решение не им дозволува на постојните лиценцирани приредувачи на игри на среќа да приредуваат посебни игри на среќа преку интернет со што официјално се монополизира приредувањето игри на среќа преку интернет, а ексклузивното право на тоа ѝ припаѓа на државава.
Игрите на среќа на интернет се истите игри на среќа што веќе се приредуваат во лиценцираните објекти непосредно на терен, а интернетот како медиум никој нема право да го монополизира. Според нас, пазарот мора да се либерализира и да се овозможи приредување посебни игри на среќа преку интернет со соодветни процедури како што е пракса во светот.
Одбиваме да прифатиме и промени и решенија каде што се зголемуваат драстично и несразмерно посебните давачки и надоместоци, а со тоа и директно се рефлектираат на економската одржливост на нашиот бизнис.
Ние сме силно убедени дека зголемувањето не е направено врз база на реални финансиски анализи и, според нас, тоа ги преминува сите граници и се врши со задни намери кои повторно водат до згаснување на нашата индустрија.
Неприфатливи за нас се и предлог-измените во законот, кои задираат во веќе постојните лиценци. Врз база на овие лиценци приредувачите на игри на среќа ги изработиле своите пресметки и финансиски планови. Сакаме да потенцираме дека лиценците имаат точен рок на траење и каков било упад во наметнати давачки за време на траењето на лиценцата е противуставно и надвор од секоја логика и европска пракса.

Во моментов се соочувате со сериозен предизвик поради измената на законската регулатива. Кои се можните последици од предложените измени на регулативата?
Васко Илијевски: Постојано алармираме дека последиците кои овој штетен предлог-закон може да ги предизвика ќе бидат сериозни и тешки. Сите споменати деструктивни измени на законот значат затворање на нашата индустрија и цутење на сивата економија и на криминалот.
Актуелниот предлог-закон ќе значи оставање на улица на 10 000 луѓе кои чесно заработуваат и придонесуваат за општествово. Најавените измени ќе предизвикаат значителни економски штети за целава држава со тоа што ќе ја загрозат и работата на 54 000 граѓани кои соработуваат со нашата индустрија.
Доколку згасне нашава индустрија, забележителна штета ќе претрпи и државава, што ќе значи 280 милиони евра годишно помалку средства во буџетот.
Можните последиците од донесувањето на ова штетно законско решение може да се согледаат и во нашето соседство, поточно во Албанија која во 2018 година стави крај на легалните игри на среќа, а потоа со тој потег отвори фронт за нелегалните игри на среќа кои ѝ создадоа сериозна работа на Полицијата бидејќи имаше апсења секоја недела поради дивите игри на среќа.
Кои се вашите предлози за надминување на овој проблем?
Васко Илијевски: Ние сме сериозна Групација која низ годините понуди многу решенија како да се унапреди целата индустрија по европски терк. Имаме решенија, сериозен правен тим и искуство од европски земји каде што работат нашите членки. Можеме да понудиме и понудивме вистински да ѝ помогнеме на Владата да дојде до подобар закон, но таа продолжи со игнорирање на нашите барања.
Јасно сакаме да дадеме на знаење дека доколку целта на носење на нов закон за игри на среќа навистина е заштита на младите, треба да се работи на едукација и целосно сме подготвени да помогнеме преку финансирање и реализација на проекти и програми за едукација на младите.
Дополнително, доколку сакаме да ги заштитиме младите, предлагаме да се зголемат казните за затекнато малолетно лице во објектите каде што се приредуваат игри на среќа и да се предвидат казни за родителите или старателите на малолетниците кои се затекнати таму.
Што може да се направи за да се подобри амбиентот за работење на игри на среќа?
Васко Илијевски: Прво и најважно е да се донесе законско решение кое е во согласност со европските регулативи, кое е плод на отворена дебата и е прифатливо и одржливо за сите засегнати страни. Конструктивно законско решение ќе значи подобрување на целокупната клима во државава кога се во прашање игрите на среќа, придобивки за стопанството и за граѓаните.
И оваа можност ќе ја искористиме да се обратиме до надлежните и да порачаме дека ваков важен закон не може да се донесе без дебата, со игнорантски однос кон оние кои се најзасегнати од него. Групацијата на игри на среќа стои на располагање со својата експертиза, искуство од терен и меѓународни контакти да биде дел од процесот на изработка на законско решение кое е квалитетно, според светски стандарди и доликува на земја која својата иднина ја гледа во Европската Унија.