Lifestyle

НОВАТА ПРВА КЛАСА НА ЕР ФРАНС “ЛА ПРЕМИЕР”

Даниела Парат Јовановска

 

ЛУКСУЗ ВО ВОЗДУХОТ


Авион лета кон Њујорк. Одеднаш станува една русокоса која патува во економска класа, доаѓа во делот за прва класа и седнува. Стјуардесата го гледа ова и ја замолува русокосата да ја покаже нејзината карта. Потоа таа ѝ кажува на русокосата дека има платено за економска класа и дека ќе мора да седи во задниот дел. Русокосата и одговара: „Јас сум русокоса, убава сум, одам за Њујорк и останувам тука!“ Стјуардесата оди во пилотската кабина и му кажува на копилотот дека една русокоса седи во прва класа, а има карта за економска класа и не сака да се врати назад на своето седиште. Копилотот оди кај русокосата и се обидува да ѝ објасни дека поради тоа што таа има купено карта за економска класа, ќе мора да го напушти делот за прва класа и да се врати во своето седиште. Русокосата му одговара: „Јас сум русокоса, убава сум, одам за Њујорк и останувам тука!“ Копилотот му вели на пилотот дека веројатно ќе треба да повикаат полиција за да ја уапси оваа русокоса жена кога ќе слетаат. На тоа пилотот одговара: „Русокоса велиш? Јас ќе се разберам со неа. Оженет сум со русокоса. Јас го зборувам јазикот на русокосите“. Тој се враќа кај русокосата, ѝ шепнува нешто и таа вели: „О, извинете“, станува и се враќа назад на своето седиште во делот за економска класа. Стјуардесата и копилотот зачудено го прашуваат пилотот што ѝ кажал за да ја натера да се премести без проблем. „Ѝ реков дека првата класа не оди за Њујорк.“ (н.з. авторката на текстов е русокоса).


Русокоса или бринета, жена или маж, секој сака да лета во најлуксузниот дел на авионот – во првата класа. Вообичаено, авиокомпаниите пуштаат во сообраќај авиони кои имаат прва класа на долгите меѓународни летови. На кратките дестинации обично, иако не секогаш, сообраќаат авиони со две кабини, економска и бизнис класа.
Неодамна, веб-страницата за патувања Флајтфокс објави листа на 24 најдобри авиокабини на прва класа од целиот свет. При составувањето на листата, земени се предвид многу елементи, почнувајќи од конфигурацијата на седиштата, пристапноста до патеката за поминување, приватноста на просторот на патникот, па сè до видот на шампањ кој се служи, дали патникот добива пижами и на какви чиничиња се сервира кавијарот. Титулата крал на небото ја понесе Сингапур ерлајнс, второто место го освои авиокомпанија Катај Пацифик од Хонг Конг, а авиокомпанијата Емиратс беше трета.
Меѓу неколкуте европски авиокомпании кои се најдоа на листата на Флајтфокс е и Ер Франс, која неодамна направи големо подобрување на кабината за прва класа и претстави производ за кој верува дека ќе може да се носи со најдобрата понуда на авиопревозниците од Азија и Блискиот Исток.
Националната авиокомпанија на Франција им дава француски имиња на сите свои класи. Првата класа на Ер Франс е наречена „Ла Премиер“, бизнис класата се нарекува “Афер“, премиум економската класа е „Премиум воајажер“ и економската класа е „Воајажер“.


Новата Ла Премиер прва класа е инвестиција од 50 милиони евра со која постепено ќе се опремат 19 авиони Боинг 777 300 и Ербас А380 на Ер Франс. Во секој од овие авиони ќе има само по четири индивидуални патнички простори од првата класа или вкупно 76 простори во сите авиони заедно.
Луксузот на првата класа на Ер Франс се огледува во секој детаљ. Кабината повеќе наликува на „приватен салон“ или на луксузна соба во хотел со пет ѕвездички, отколку на кабина во авион. Индивидуалниот простор од 3 метри квадратни нуди седиште со можност за масажа, 24-инчен телевизор со ХД екран и приватна гардероба. Потпирачите за глава се обложени со висококвалитетна кожа и се украсени со втиснато крилесто морско коњче, логото на оваа авиокомпанија. Седиштето е обложено со дебел, мек твид, а разните прегради се обложени со велур, што му дава печат на изразена софистицираност на индивидуалниот патнички простор. Ла Премиер е отелотворение на француската елеганција, изразена преку изборот на текстури и материјали.
Доколку сакате да се одморите, тогаш, како што велат во Ер Франс, спиењето во еден од нивните Ла Премиер апартмани е ексклузивно доживување во секој поглед. Седиштето за момент се претвора во целосно рамен кревет, долг два метри. Потпирачите за раце целосно се склопуваат, со што се обезбедува простор широк 77 сантиметри. Кога патникот е подготвен да оди на спиење, стјуардесата поставува душек врз седиштето, за беспрекорен комфор. Патникот добива мека перница и прекривка Софител. Перницата е ставена во мека памучна навлака за врвна мекост, што гарантира совршен сон.


За поголема приватност, сите Ла Премиер апартмани имаат прегради кои целосно се склопуваат, како и дебели завеси коишто се придржуваат со кожни врвки. Овој уникатен концепт му овозможува на патникот самиот да одлучи дали сака да биде целосно или делумно изолиран. Откако завесите ќе се затворат, патникот има чувство како да е сам дома, целосно затворен во приватна кабина.
Во случај да се сретнете со некого во авионот и би сакале да поразговарате со него - нема проблем. Спроти седиштето е поставен удобен отоман на кој може да се смести гостин, со маса на расклопување со големина 60x60cm на средина, на која може да се постави вечера или пак пијалаци. Всушност, апартманот може да се менува во согласност со желбите на патникот. Овој простор може да се претвори во приемна соба, ресторан или работна соба.
Но, луксузот не завршува тука. Храната е една од главните атракции. Оброците се A la carte, што значи дека ќе јадете што сакате и кога сакате, а менито го составуваат врвни готвачи на познати ресторани во Франција. Исто така, се нуди голем избор на вино, ликер и шампањ, а за поголема разновидност, листата се менува на секои два месеци. За луксузот да биде комплетен, сите оброци се послужуваат во порцелански садови од Бернадот и прибор и чаши од Кристофле.
Покрај во убавата храна, патниците можат да уживаат и во други погодности. Доколку не планирате да работите во текот на летот, првата класа нуди и првокласна забава. Пред секое седиште има телевизор, односно персонален интерактивен ХД екран со далечински управувач на допир, со филмови по избор, телевизиски емисии и видео игри. Исто така, до секое седиште има приклучок за лаптоп или друга електроника, како и аудио избор на музички листи.
Како заокружување на првокласниот третман, секој патник добива торбичка со козметички производи на престижниот бренд Живанши и тоалетни средства за лична хигиена. На патниците им се достапни и други погодности како што се папучи, торба за чевли и пижами.


Услугата „Ла Премиер на аеродром“ е достапна само на аеродромите Шарл де Гол во Париз и Шипхол во Амстердам. На Шарл де Гол на располагање ви е помошник кој ќе ви го пренесе багажот и ќе ве однесе до салонот Ла Премиер. Во салонот можете да уживате во лежерен оброк, да работите нешто седнати на удобно столче и работна маса или дури и да добиете бесплатен 30-минутен спа третман.
Во моментов, кабината Ла Премиер е достапна на 28 дестинации. Можете да тргнете на луксузно патување од аеродромот Шарл де Гол во Париз или од Шипхол во Амстердам, на елитни дестинации како што се Њујорк, Вашингтон, Лос Анџелес, Сингапур, Дубаи, Хонг Конг, Токио и други. Ако русокосата од почетокот на текстов сакаше да лета од Париз до Њујорк со Ла Премиер, ќе требаше да плати 7.100 американски долари.

ПРЕПОРАЧАНО