Интервјуа
Мојсова Ќосева: Беф 2023 ќе донесе многу нови сознанија и предлози за подобрување на севкупните општествено-економски состојби на Балканот
Интервју со Нина Мојсова Ќосева | Соосновач и член на Одборот на директори Здружение за регионален развој Балкан економик форум
Економија и бизнис | печатено издание | септември 2023г.
Кажете ни нешто повеќе за почетоците на Здружението за регионален развој Балкан економик форум.
Н.Мојсова Ќосева: Здружението за регионален развој Балкан економик форум (БЕФ: <https://www.balkaneconomicforum.org>) е основанo во 2014 година во Атина, а во 2016 година седиштето на организацијата е префрлено во Скопје. Основна цел на БЕФ е развој и спроведување на иновативни стратегии и креативни решенија за тековните економски предизвици со кои се соочуваат земјите од Балканот за да се стимулира економски раст, зајакнување на регионалната соработка, на мирот и на безбедноста.
Причините за основањето на БЕФ се засноваат на врските што тесно ги поврзуваат земјите од Балканот, кои се вкоренети во историјата што ја споделуваме, заедничките општествено-економски предизвици со кои се соочуваме и аспирациите што ги имаме за благосостојба и повисок животен стандард за целиот регион.
Активностите на БЕФ се фокусираат на инклузивен пристап кој ги почитува универзалните човекови права и го препознава потенцијалот на секој поединец активно да придонесе за постигнување одржлив економски развој за општествената благосостојба на Балканот. Сите наши членови споделуваат заеднички интереси и иницијативи насочени кон подобрување на општествено-економскиот развој на Балканот, заеднички геополитички и регионални безбедносни интереси што, впрочем, јасно се одразува во нивните полиња на професионален интерес.
Мисијата на БЕФ вклучува: а) унапредување на регионалниот економски развој преку олеснување на создавањето различни можности за инвестирање; б) промовирање одржлив раст на вработеноста, на општествено-економската стабилност и заштита на природните ресурси; в) поддршка на образовни програми кои промовираат мултикултурна соработка, академско истражување и развој на бизнис-модел за унапредување на глобалната конкурентност; г) промовирање и меѓународното признавање на балканскиот идентитет преку подигнување на јавната свест за вредноста и придонесот на балканските земји за пошироката европска и глобална економија, како и за зачувување на неговото гордо мултикултурно наследство.
Што го прави БЕФ поразличен и поуникатен од другите слични здруженија во регионот? Која е вашата компаративна предност?
Н.Мојсова Ќосева: БЕФ соработува со експерти од јавниот и приватниот сектор, меѓународни лидери, високообразовните институции, студенти и финансиски институции за да го поттикне развојот на иновативни пристапи за привлекување нови инвестиции, технолошко прилагодување, подобрена ефикасност и економски развој и раст на Балканот.
Преку БЕФ, неговите членови ги користат своите расположливи ресурси и експертиза преку вмрежување, споделување искуства, како и научени лекции и градење нови партнерства посветени на активности за економски развој, чие влијание може да се процени според нивните мерливи резултати и додадена вредност за општеството.
Еден од елементите кои, секако, придонесуваат кон нашата компаративна предност е фактот дека БЕФ e заштитено трговско име во рамките на Канцеларијата на Европската Унија за хармонизација на внатрешниот пазар (European Union Office for Harmonization in the Internal Market) и е регистрирано во Регистарот за транспарентност на Европската Унија (European Union Transparency Register) како овластен лобист во Европскиот парламент и во Европската комисија.
Тука од особено значење е и организациската поставеност на БЕФ, кое има мрежа на т.н. амбасадори на БЕФ во: Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Унгарија и Романија, со намера до крајот на 2023 година да назначиме амбасадори на БЕФ и во Косово и во Босна и Херцеговина. Истовремено БЕФ има и свој претставник за односи со ЕУ со седиште во Брисел.

Една од вашите препознатливи активности е регионалната конференција Балкан економик форум. Која е основната мисија на годишните конференции Балкан економик форум?
Н.Мојсова Ќосева: Здружението за регионален развој Балкан економик форум својата прва конференција ја организираше во 2015 година во Атина: <https://www.balkaneconomicforum.org/initiatives/events/balkan-economic-conference-2015/>.
По префрлувањето на седиштето на БЕФ во Скопје, во сите нас тлееше желбата за искористување на позитивните сигнали кои ги добивме по првата конференција. Оттука, во 2021 година, организиравме онлајн конференција Балканот до Азија (Balkans to Asia) <https://www.balkaneconomicforum.org/initiatives/events/2021-balkans-to-asia-conference/> на која беа презентирани перспективите за воспоставување одржливи основи на засилена економска соработка меѓу земјите од Балканот и од Азија, имајќи ги предвид потребите за справување со предизвиците за позасилена економска соработка во контекст на новата светска реалност.
Имајќи ги предвид позитивните придобивки од овие две конференции, во 2022 година донесовме одлука да организираме серија годишни конференции Балкан економик форум кои ќе се одржуваат во различни земји од Балканот.
Имајќи ги предвид основните заложби и намери на БЕФ да создаде одржливо влијание врз промовирањето на економскиот раст, на регионалната соработка, на мирот и на безбедноста низ земјите од Балканот, основна цел на годишната конференција Балкан економик форум е да се искористат сите информации и идеи произлезени од годишните конференции и да се споделат со креаторите на економските политики со цел да се даде значаен придонес за поттикнување на реалните промени што треба да се случат во регионот на Балканот во периодот кој следува.
Дали може да ги споделите вашите импресии од конференцијата БЕФ 2022 која минатата година се одржа во Скопје?
Н.Мојсова Ќосева: Годишната конференција Балкан економик форум 2022 (Balkan Economic Forum 2022: <https://www.balkaneconomicforum.org/initiatives/events/balkan-economic-forum-2022/>) се одржа во Скопје (18.11.2022 година), во хотелот Дабл три од Хилтон (DoubleTree by Hilton), под покровителство на господинот Димитар Ковачевски, претседател на Владата на Република Северна Македонија. На конференцијата учествуваа некои од најзначајните имиња од домашната и регионалната економска елита, домашни и странски официјални лица, експерти и бизнисмени кои позитивно одговорија на повикот и го поддржаа настанот со своето присуство и со активности.
Работата на конференцијата се одвиваше во пет панели, а своите ставови со македонската и пошироката јавност на Балканот, Европа и светот (настанот се пренесуваше во живо преку линк), меѓу другите, ги споделија: Дубравка Шуица (потпретседател на Европската комисија), Оливер Вархеи (Еврокомесар за проширување на ЕУ), Емир Џикиќ (директор на Секретаријатот на ЦЕФТА), Жужана Кирали (заменик генерален секретар на Централноевропската иницијатива), Гжегож Зјелински (директор, раководител за енергија Европа, ЕБОР), Ричард Гривсон (заменик-директор, Виенски институт за меѓународни економски студии), Татјана Штерјова Душковска (генерален секретар, ВБ6 Коморски инвестициски форум), Хајнрих Фишер (раководител за енергетика и проектни финансии, Банкарска групација ЕРСТЕ, Виена), Анте Бабиќ (висок службеник за политика, ГД ЕНЕР на Европската комисија), Сандра Шваљек (заменик-гувернер, Централна банка на Хрватска), Joan Hoey (регионален директор-Европа и уредник, Тhe Economist Intelligence Unit, UK).
Балкан економик форум 2022 ни донесе многу знаења и пренесени лекции од некои од најзначајните економски лидери во Европа. Импулсот што најдолго ќе трае, се разбира, се новите пријателства и одличната амтосфера исполнета со многу, многу позитивна енергија!
Според вас, имајќи ги предвид одѕивот и впечатоците од БЕФ 2022, колку земјите од регионот се подготвени за регионална соработка, односно до кој степен регионалните лидери ги прифаќаат/примаат пораките од регионалните експерти и од стручната јавност?
Н.Мојсова Ќосева: БЕФ 2022 покани истакнати професионалци и експерти во соодветните области кои споделија свои спротивставени ставови, мислења и препораки за најзначајните општествено-економски предизвици кои наметнуваат неодложно решавање, дефинирајќи насоки за идни активности преку кои може да дојде до вистинска промена преку нови, иновативни стратегии кои произлегуваат од овој дијалог.
Подготвивме документ со главните препораки и резултати од конференцијата (https://www.balkaneconomicforum.org/wp-content/uploads/2023/01/BEF_2022_Key_Takeaways_FINAL.pdf), кој беше доставен до соодветните министерства на владите на земјите во регионот на Балканот за нивно запознавање и информирање. Свесни сме дека понекогаш експертските предлози се нестандардни и радикални, но големите системски резови и промени само така се возможни.
Оттука како БЕФ сметаме дека владите на земјите од Западен Балкан треба да работат на идентификување на клучните области и механизми за воспоставување регионална соработка која може да се спроведе и да произведе одржливи промени за граѓаните од сите земји. Според нашите анализи, тоа би биле следниве области: забрзан технолошки развој, дигитализација во клучните развојни сектори – особено во агробизнисот, подобрување на човечкиот и претприемничкиот потенцијал, зелен раст и климатски промени, подобрување на инфраструктурата и на инфраструктурната поврзаност, развој на регионалните пазари на струја и енергетско поврзување на регионот со ЕУ.
БЕФ е подготвен активно да се вклучи и да го помогне овој процес со целокупниот свој професионален потенцијал.

Какви се вашите планови за овогодинешната конференција БЕФ 2023?
Н.Мојсова Ќосева: Годишната конференција Балкан економик форум 2023 (https://www.balkaneconomicforum.org/initiatives/events/balkan-economic-forum-2023/) ќе се одржи во Тирана (17.11.2023 година), во хотелот Маритим плаза (Maritim Plaza), под покровителство на Централноевропската иницијатива. За разлика од минатата година, оваа година конференцијата Балкан економик форум ќе ја организираме во партнерство со 4 организации од регионот: Стопанската комора на Северна Македонија, ЕОС Матрикс и Европската бизнис-асоцијација од Скопје и НOA од Тирана, Албанија. Организациските партнери на БЕФ имаат обврска целосно да го осмислат концептот на панелите чии наслови самите ги предложија и да поканат најрелевантни говорници и панелисти во соодветните области.
Во моментов ги осмислуваме елементите на дополнителен настан, кој ќе го организираме веднаш по завршувањето на конференцијата, на кој коорганизаторите на конференцијата, во неформална атмосфера, ќе ги презентираат своите деловни активности и планови за иден развој и проширување во регионот на Балканот. Конференцијата планираме да ја проследат околу 200 претставници од регионот на Балканот и од околните земји (конференцијата ќе биде пренесувана и онлајн).
Убедени сме дека Балкан економик форум 2023 ќе донесе многу нови сознанија и предлози за подобрување на севкупните општествено-економски состојби на Балканот.
Кажете ни нешто повеќе за долгорочната стратегија на Здружението за регионален развој БЕФ. Што сакате да постигнете со оваа иницијатива?
Н.Мојсова Ќосева: За да помогне да се креираат силни трговски односи и деловни партнери кои ќе го спречат растечкиот спектар на етнички тензии поттикнати од сеќавањата на минатите конфликти на кои може да бидат ранливи ослабените општества на Балканот, БЕФ се обидува да даде нов поттик во регионот со непроценлива помош на своите членови кои се во позиција да го стимулираат и да го поддржат растот на новиот бизнис користејќи иновативни стратегии и пристапи.
Ја подобруваме регионалната деловна свест за нашите национални и меѓунационални активности со што обезбедуваме подобро искористување на нашите ресурси и развивање на пристап кон бизнис-заедниците на Балканот заснован на синергија со цел да генерираме придобивки како што се нови можности за инвестирање, подобрена конкурентност на глобалните пазари и регионално разбирање еден за друг.
Нашата крајна цел е БЕФ да стане регионална платформа каде што лидери од Балканот и од целиот свет, угледни личности од јавниот и приватниот сектор, професионалци и експерти, студенти, медиуми и други споделуваат идеи и предлози за најголемите економски предизвици што треба да се решат и да се надминат во регионот на Балканот.
Членовите и поддржувачите на БЕФ „сонуваат“ за Балкан кој се карактеризира со добро владеење, одговорен економски раст, одржливо вработување, еколошки одржлив развој, регионална соработка и проширување на образовните можности. За да се постигнат овие цели, патот кон иднината е остварување одржлив развој за нашиот регион. Тој нуди рамка за генерирање економски раст, постигнување социјална правда, управување со животната средина и зајакнување на одговорноста.
Разговараше: Зоран Јовановски