Lifestyle
Пократска скијачка сезона за словенечките зимски центри
05.03.2024г.
Скијачките патеки на Крањска Гора утре ќе бидат затворени поради топлото време, а проблеми со недостиг на снег за скијање имаат и другите зимски центри во Словенија. Невообичаеното високи температури за ова време од годината ги разнишаа плановите на скијачките центри да ја надоместат лошата посетеност во првиот дел од зимската сезона.
Скијалиштето Церкна веќе е затворено, а патеките на Велика планина годинава не ни беа отворени.
На Крањска Гора има снежна покривка од 20 сантиметри, но управителите на скијачките патеки предупредуваат на невообичаените високи температури кои го отежнуваат одржувањето на скијачките терени.
Скијалиштето Церкна беше затворено на 22 февруари. На Мариборско Похорје има снег од 15 сантиметри, а во функција се три од 24 патеки. На Рогла снежната покривка на места достигнува до 30 сантиметри, но на располагање на скијачите се половина од вкупниот број на патеки.
Повеќе снег има на скијалиштата на Вогл, каде снежната покривка достигнува 140 сантиметри, но во „експлоатација“ се 12 километри од вкупно 22 километри скијачки патеки.
фото freepic