Lifestyle

КНИГА ШТО ЈА ПРЕПОРАЧУВАМ: „Капитализмот и слободата“

Горан Петревски | Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ

Размислувајќи за тоа која книга да им ја препорачам на читателите на Економија и бизнис, се најдов во тешка дилема соочен со долгиот список на книги кои претставуваат задолжително четиво за секој кој се труди да биде подобар човек. И навистина ги жалам сите оние кои го пропуштиле задоволството да се напијат од волшебниот сок на „Хамлет“, „Кандид“, „Дон Кихот“, „Мртви души“, „Записи од подземјето“, „Волшебниот рид“, „Хазарски речник“, „Последните селани“ итн. Оттука мојата општа порака до читателите на Економија и бизнис е: заменете ги мобилните телефони и интернетот со книга и ќе почувствувате огромна промена во себе, а светот ќе го гледате со поинакви очи. А сето тоа е лесно – треба само да го отфрлите оној глупав изговор „немам време“!
Сепак, во оваа прилика ќе ја препорачам книгата „Капитализмот и слободата“ (Capitalism and Freedom) на големиот економист Милтон Фридман. Не, не сакам да ве исплашам: не се работи за научно дело од кое ќе ве заболи главата, туку станува збор за популарна книга која е лесна за читање, а нуди скапоцени идеи. Верувам дека, штом ја прочитате оваа книга, сосема поинаку ќе гледате на улогата на државата (владата) во економијата и на односот меѓу поединецот и државата.
Книгата претставува популарен водич во либералните идеи според кои државата не е никакво посебно тело, туку таа е само збир на поединците кои ја сочинуваат. Тоа значи дека државата во никој случај не може да биде над поединецот, ниту пак постои нешто што би го нарекле државен или национален интерес; односот меѓу државата и поединецот не може да се сведе на односот меѓу родителот и детето; државата не е некаков добротвор кој им дава нешто на поединците, ниту господар кому треба да му се потчиниме ниту пак божество кое треба да го обожаваме.
Напротив, основната порака на оваа книга е дека најголемата закана за слободата на поединецот е преголемата концентрација на моќта (власта) и затоа луѓето треба да спречат државата да се претвори во Франкенштајн. А тоа може да се постигне само со ограничување на надлежноста на државата, која ќе се грижи само за спроведување на законите и на приватните договори и за заштита на редот и мирот. Сите други активности треба да му бидат препуштени на приватниот сектор, односно државната интервенција никако не може да биде замена за слободниот пазар, конкуренцијата и претприемништвото. Оваа книга ни служи како потсетник на големата, но подзаборавена вистина: слободата е најскапото нешто што го имаме.

ПРЕПОРАЧАНО