Lifestyle

Оваа летна сезона со помалку лежалки на грчките плажи

Пред претстојната летна сезона Грција донесе нови прописи со кои се воведуваат построги правила за користење на плажите. Новиот закон предвидува 70 отсто од просторот на било која плажа да биде без лежалки за да им се остави повеќе место за одмор на туристите. Новите прописи предвидуваат за плажите во заштитените подрачја да  ослободат до 85 отсто, а лежалките се целосно забранети во еколошките подрачја.

Последните години имаше појава хотелите и другите објекти да го заземаат просторот на плажите, а туристите не можеа да пристапат на овие места покрај брегот. Грчките власти го менуваат начинот на доделување на дозволи и концесии за да се зголеми транспарентноста  и можноста државата да има контрола над компаниите кои стопанисуваат со плажите.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ги соопшти овие мерки и нагласи дека Грција сака да го намали метежот во туристичките места, поради однесувањето на сопствениците на ресторани кои зафаќаа поголем дел од брегот, објавија грчките медиуми.

Грција воведува и нова такса која треба да ги покрие штетите од екстремните временски услови. Годинава се очекуваат да бидат собрани 300 милиони евра. Сите гости од март до октомври ќе треба да ги пресметаат и овие трошоци за престојот во Грција, кои зависат од видот на сместувањето. Овој надомест се движи од едно до четири евра за ноќевање. Гостите кои се сместени во апартмани и во хотелите со една или две ѕвездички ќе плаќаат 1,50 евра, во хотелите со три ѕвезди три евра и со четири ѕвездички седум евра. Во луксузните хотели ќе се плаќа 10 евра за едно ноќевање, пренесе белградска „Политика“. 


фото freepic

 

ПРЕПОРАЧАНО