Економија

Заедничка акција за постигнување на целите за одржлив развој

пишува: Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП

Фокус на Северна Македонија 


Се наоѓаме на половина пат од крајниот рок утврден за остварување на Агендата 2030. Седумнаесетте цели за одржлив развој се одраз на нашата колективна посветеност кон борбата против актуелните предизвици. Од една страна, несакани вести се дека „светот не е на пат да ги оствари целите за одржлив развој“, но, од друга страна, причина за оптимизам ни дава „препознавањето дека се потребни суштински промени – во посветеноста, во солидарноста, во финансирањето и во дејствувањето – за светот да тргне на подобар пат“. Според зборовите на администраторот на УНДП г. Штаинер: „Во свет дефиниран од несигурност треба да го обновиме чувството на глобална солидарност за да се справиме со нашите меѓусебно преплетени, заеднички предизвици.“

Имајќи ја предвид оваа потреба од зајакнување на чувството и идејата за солидарност во модерниот свет, солидарноста беше тема во фокус на нашата Канцеларија во Северна Македонија во текот на 2023 година во која отворивме општа дискусија во општеството за важноста и за значењето на солидарноста за остварување на развојните цели. Во рамките на овој процес соработувавме со еден од водечките тинк-тенкови во земјата со цел заеднички да го објавиме првиот Зборник за солидарноста: „Од надминување кризи до одржлив развој“, со придонес од еминентни професори, практичари, млади научници и студенти. Заеднички промовиравме нови идеи и нови начини на размислување што ќе бидат од корист не само за нас како Програма за развој на Обединетите нации туку ќе бидат од помош и за јавните институции во земјата.
Во септември 2023 година се одржа меѓународниот Самит посветен на глобалните цели за одржлив развој (ЦОР), со аспирации да го премости јазот меѓу амбициите што произлегуваат од овие цели и нашиот тековен напредок кон остварувањето на целите. Пред самитот, Северна Македонија беше една од земјите која имаше развиено сопствен извештај во рамките на Самитот, дијагностика на трендовите и приоритети на остварување на целите за одржлив развој. Инвестирањето во човечкиот капитал, создавањето на попристојни работни места, зајакнувањето на научното истражување, поодржливото управување со природните ресурси, подобрувањето на одржливоста на економијата, осигурување дека сите одлуки се носат на инклузивен, одговорен и партиципативен начин, се само некои од приоритетите кои ги нотираше извештајот.
Оваа 2024 година, со цел промовирање и актуелизирање на потребата за исполнувањето на целите за одржлив развој, воспоставивме практика на собирање идеи од граѓаните, од луѓето, за да го слушнеме нивното мислење со цел да дизајнираме подобри политики кои ќе ни овозможат да се справиме со развојните предизвици на денешнината. Од оваа причина ги поканивме сите заинтересирани претставници на академската заедница, практичари, ентузијасти, млади луѓе и студенти да дадат мислење и идеи за преземање активности со цел да осмислиме како да ја придвижиме Агендата 2030 и да ја подобриме тековната состојба во нашето општество. Овој процес резултираше со развојот на публикација која е објавена на нашата веб-страница, а содржи 17 текстови, сите тематски фокусирани на начините на кои може да го забрзаме остварувањето на целите за одржлив развој во Северна Македонија. Есеите нудат идеи, иновации и нови предлози како да ја надминеме состојбата статус кво и да трасираме пат за остварување на целите.
Вредно да посочам е што ние како УНДП работиме во оваа насока, дека го поддржуваме создавањето на Националната развојна стратегија, стратешки документ чија цел е да ги исцрта визијата и патот за развој на државата и на општеството во наредните 20 години. Уникатна карактеристика на овој процес е акцентот на активното учество на граѓаните. Преку организирани форуми со илјадници граѓани сакавме да ги чуеме нивните желби, очекувања и потреби и тие да се вградат во Стратегијата. Секако, покрај граѓаните учествуваа граѓански организации, експерти, претставници на политичките партии, на институциите во земјата и затоа веруваме дека Стратегијата ќе ѝ даде на земјата сеопфатен програматски поттик за забрзување на остварувањето на Агендата 2030 и приклучувањето кон Европската Унија.
Усвоивме интегриран и сеопфатен пристап кон заложбите за родова еднаквост, особено од аспект на зајакнување на институционалните капацитети за борбата против дигиталното родово засновано насилство, како и за исполнување на обврските преземени на национално и на меѓународно ниво за превенција и за борба против родово засновано насилство. Во таа насока помогнавме во формирањето на советодавни центри за жртви на родово засновано насилство во три општини кои нудат сеопфатен опсег на услуги како превенција, советување и кризна или посттрауматска интервенција. Успехот на овие услуги кои се од критична важност се должи на ефективната меѓуопштинска соработка и блиски партнерства меѓу општините и граѓанскиот сектор.
Постојано иницираме активности за промовирање политики кои поддржуваат создавање на пристојни работни места, претприемништво, креативност и иновативност, со што даваме помош за бизнисите да опстојат и да ги задржат работниците. УНДП придонесе повеќе од 22 000 луѓе да излезат од сиромаштија преку поддршка за нивното активирање на пазарот на труд, додека 3 500 лица поминале обуки за вештини со цел да се подобрат нивните перспективи за вработување.
Исто така помагаме во унапредување на квалитетот на животната средина. Еден од најзначајните предизвици со кои се соочува земјата е загадувањето на воздухот и затоа УНДП спроведе низа интервенции со посебен фокус на станбениот сектор. Воспоставивме функционален систем во една скопска населба за интервенција во 129 домаќинства кои ги заменија со наша поддршка старите неефикасни грејни уреди и спроведоа низа мерки за подобрување на енергетската ефикасност како енергетски ефикасни фасади на куќите, промена на прозорци, врати итн. Овие интервенции ќе се надградат и ќе се спроведат уште во пет градови во земјата.
Ние сме искрено убедени дека ЦОР се агенда за акција за напредок во Северна Македонија, нашиот патоказ за развојот на државата, но и програма во која треба да инвестираме со цел да ја унапредиме агендата за национален/регионален развој и процесот на пристапување во ЕУ. Патот кон остварувањето на ЦОР е долг и полн со пречки, но мораме да го изодиме заедно. Нека оваа публикација биде сведоштво за моќта на заедничкото дејствување – декларација дека со здружување на силите, на мудроста и на ресурсите можеме да го забрзаме напредокот кон свет во кој никој не е запоставен. Целите за одржлив развој „ги претставуваат надежите, сништата, правата и очекувањата на луѓето од целиот свет“, истакна генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, и нашата примарна цел е ЦОР повторно да добијат примат при креирањето политики во Северна Македонија.
Ние како УНДП сме ви благодарни што одлучивте да се приклучите на патот кон остварување на заедничките цели за одржлив развој.


Промовирање на активностите на УНДП за подобрување на економскиот амбиент во земјава, за остварување побрз економски развој, за заштита на животната средина, итн.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано