Lifestyle

НЕДЕЛА НА ДИЗАЈНОТ ВО ПАРИЗ

Лидија Георгиева

дизајнер, вонреден професор

Сензорни искуства, иновативни концепти, предмети – скулптури, место каде што коегзистираат модерниот свет и културното наследство, собир на професионалци од сите сфери на дизајнот – креатори, производители, трендсетери, сопственици на бутици, стоковни куќи, хотели, архитекти за внатрешно уредување, новинари – од 6 до 13 септември, на неколку клучни пунктови во Париз се случуваше Париската недела на дизајнот, одбележана со низа настани, изложби, фестивали и промоции

 

Незаобиколно место во овој богат настан, еден од најзначајните саеми за дизајн во светот, е салонот „Мезон е Обже“ ( MAISON&OBJET ), со селекција на интернационални изложувачи од сите категории на дизајнот, преку 67.000 посетители оваа сезона и 8 хали, каде што секоја хала беше посветена на посебна тематика. За креативците најинтересен беше просторот „Нау“ (NOW), што ги презентира најновите движења во независната креација. Од океанот на изложувачи, информации и случувања на овој еминентен салон, во раскошот на креација и техницитет, иако е невозможно да се именуваат сите, ќе го издвојам холандскиот бренд „Кравт“. Искрено препорачувам да го посетите нивниот вебсајт www.cravtoriginal.com, не само поради исклучителното мајсторство со кое се изработени нивните дизајни, туку и поради оригиналноста на идеите и етичкиот концепт во пристапот кон работата. Покрај тоа што имав можност да ги фотографирам дизајнерските решенија на изложувачите, за концептот и развојот на салонот разговарам со Јелена Павловиќ. Таа неколку години работи во организаторскиот тим на „Мезон е Обже“ и е одговорна за меѓународни медиуми и прес.


Секоја сезона презентирате една водечка идеја како резиме на доминантите тенденции. Кој е концептот овој пат?
Основен концепт оваа сезона се тенденциите на т.н. шеринг, односно споделување на информации, емоции, простор. Влегуваме во ера на креативна споделба со другите. Во просторот обмислен како опсерваторија на „Мезон е Обже“ имаме книга со тенденции, каде што ги има најновите влијанија што имаат дејство врз креацијата во декорација и дизајн. Водечка мисла е истражување во динамиката на креативно споделување, процес што ја обликува иднината на добронаклонет свет. Ова движење е ставено во перспектива од три креатори кои на различен начин ги илустрираат новите навики и вредности што го реконфигурираат севкупниот начин на живот. Винсент Грегоар за Нели Роди се занимава со споделба на информација преку дигиталната култура, видеоигри, музика, храна, уметност, интерактивните светови нè поврзуваат и го менуваат нашиот начин на живот. Франсоа Бернард ја истражува поврзаноста која креира иновативни соодноси меѓу човекот и предметот и споделбата на емоции, а Елизабет Лериш се занимава со споделба на зборови, со идејата дека писмата и зборовите опстојуваат во дигиталниот свет и се појавува нов јазик на знаци.

Што беше презентирано на „Мезон е Обже“ оваа сезона, како беа поделени изложбените простори?
Хала 1 е простор наречен „Етно шик“ со инспирации од Азија и од Африка. Декор со многубројни етнички инспирации, овде предметите, намештајот и текстилот имаат душа. Креациите ги негуваат традиционалните вештини и изработка, со концепти инспирирани од минатото, рециклирани и модернизирани. Заедно тие сочинуваат понуда за купувачите кои се чувствителни на историјата на предметите и во потрага по ексклузивност и оригиналност.
Втората хала е посветена на текстил за домовите, а третата хала е „Готвење и дизајн“, односно сѐ што е во врска со уметноста на живеење околу трпезата. Како рефлексија на еволуцијата на современиот начин на живот, трпезата станува модерна и оригинална. Во просторот „Историја на вкусовите“, посветена на убавите и креативни продукти и зачини, се слави уживањето во храната.
Четвртата хала е декоративен простор посветен на класичниот мебел, но со стилско освежување и со мајсторска изработка. Понуда од висока гама за убавите бутици, декоратери и архитекти во потрага по оригинални решенија и парчиња со вредна изработка.
Петтата хала има два дела, првиот дел е простор посветен на декорација со традиционален стил, рустичен, со природни материјали. Репрезентација на материи, бои и форми што динамично еволуираат со современите тенденции во оригинални колекции. Вториот дел е посветен на урбаната декорација – висококвалитетна и богата понуда на креативен и функционален мебел, шик и рафиниран.
Шестата хала е за додатоци за покуќнина, декоративни предмети, предмети за деца, амбиентални мириси и спа. Тоа е еден вид огромен концепт продавница на салонот со еклектична понуда на убави предмети, разни високотехнолошки гаџети, конектирани предмети како за возрасни, така и за деца.
Какви се реакциите на посетителите, дали се задоволни?
Реакциите на посетителите се многу позитивни бидејќи ја чувствуваат креативната енергија на нашиот саем. Им се допаѓа тоа што на исто место можат да видат дизајн креации од целиот свет. Овој пат имаше многу млади дизајнери, нови изложувачи, така што публиката можеше да ги открие новите брендови што досега немале можност да ги видат – како на пример павилјоните на тајландските и на филипинските дизајнери.

Салонот е во процес на експанзија. Како се случи тоа?
Од основањето на саемот, секоја година бројот на посетители расте, а денес е зголемен за 50%. Со цел уше повеќе да се доближиме кон актерите во полето на дизајнот од целиот свет, „Мезон е Обже“ реши да отвори салон во Сингапур, првата едиција беше од 10 до 13 март минатата година, а во Мајами ќе се презентираме од 12 до 15 мај 2015 година, во Конвеншн центарот. Овие саеми се особено привлечни за изложувачи кои сакаат да се прошират кон азискиот и северноамериканскиот пазар, кои се доста динамични региони. Исто така на овој начин ќе се привлечат посетителите кои немале можност да дојдат на Парискиот салон. Очекуваме 250 изложувачи, ќе бидат организирани неколку прес-конференции во Мексико, Сао Паоло, Рио и Мајами во текот на наредните месеци, за да се најави лансирањето на овој саем. Во склад со идејата за шеринг, размена на информации и добра, сервиси и искуства, нашата волја како организатори на салонот е да федерираме интернационална заедница, поврзана во текот на цела година низ салоните во Париз, Сингапур и Мајами, преку социјалните мрежи и специфични услуги за членовите на клубот на „Мезон е Обже“.

Во рамките на Париската недела на дизајнот беше промовиран и хотелот W, Париз – Опера. W хотелите и одморалиштата се луксузен синџир на хотели, генерално ориентирани кон помладата публика, лансирани првобитно во Њујорк, со заедничка тема на минималистички модерен декор. Распространети се во над 25 земји со повеќе од 50 хотели и се во полна експанзија на интернационално ниво. Верни на својата авангардистичка ориентација и силна имплицираност во универзумот на дизајнот, хотелот ја прослави ПНД давајќи карт бланш на тројца дизајнери. Меѓу нив, со декорација на просторот на лобито на хотелот, се презентираше и брендот Rue Monsieur Paris, со дизајнерот Марјан Денков, за чиишто активности и успех веќе пишувавме.

ПРЕПОРАЧАНО