Интервјуа
Акциите се реален и опиплив имот, чувањето готовина станува сè поскапо
Мега интервју со Коста Костадиновски и Билјана Станковска Арсова, основачи на Капитал Ассет Менаџмент и Капитал Финансиски Центар
Економија и бизнис | печатено издание | 15 април 2024г.
Капитал Финансиски Центар е друштво за финансиско советување и едукација, кое го претставуваат финансиски советници со долгогодишно искуство во областа на финансиите. Преку одржување едукативни настани, овозможуваат граѓаните да дојдат до соодветни информации за начинот на функционирање на пазарите на капитал и на инвестициските фондови.
Капитал Ассет Менаџмент е единствено друштво на пазарот за инвестициско советување и индивидуално управување на портфолио на хартии од вредност, овластено од Комисијата за хартии од вредност, кое го претставуваат професионални портфолио менаџери, лиценцирани инвестициски советници со долгогодишно домашно и меѓународно искуство на пазарите на капитал.
Вие сте во бизнис што треба да им помогне на лицата кои имаат расположливи средства за инвестирање. Кои опции за инвестирање, генерално, им стојат на располагање?
Костадиновски: Во последниве десет-петнаесетина години, во државава многу динамично се развиваа небанкарските финансиски институции кои, во континуитет, ја зголемуваат својата присутност меѓу луѓето и фирмите. Поголеми износи на средства, секако, најсоодветно е да се вложуваат на берзите во Македонија и во странство. Тие нудат извонредно добри опции на секакви инструменти. Ние најмногу работиме со акции, меѓутоа за наши клиенти држиме и обврзници во земјава и во странство.
Што покажува досегашниот начин на однесување и во што најмногу инвестираат физичките лица од земјава? Зошто е тоа така?
Станковска Арсова: Најголем дел од заштедите граѓаните традиционално ги чуваат во банкарски депозити. Тоа е нешто што го научиле од своите родители бидејќи можностите за вложување во други финансиски инструменти, како што се акциите, немаат повеќе генерациска традиција. Во Америка или во западноевропските држави едноставно капитализмот е систем кој функционира повеќе векови во континуитет, додека кај нас имавме долгогодишна транзиција кон капитализам и овие можности за вложување во акции се присутни на пазарот многу пократок период. Затоа најголем дел од граѓаните едноставно ги немаат информациите за можностите кои им ги нуди пазарот на капитал.

Каква е состојбата кај правните лица?
Костадиновски: Вишокот средства кои ги генерираат фирмите најчесто се на трансакциски сметки во банките и тука се забележува потреба од посоодветно управување со финансиите. За една фирма која работи во одреден сектор, без разлика дали е трговија, производство или услуги, препорачливо е дел од добивката на годишно ниво континуирано да ја инвестира во акции од сектори кои не се поврзани со нивната област на дејствување. Дополнително, купувајќи акции од европски и од американски фирми се ублажуваат ризиците кои ги носат овдешните збиднувања. Со овие портфолија имаме извонредно добри искуства, пред сè, поради континуираното вложување.
Квалитетот на одлуките за иднината на сопствените пари, меѓу другото, зависи од нивото на финансиска едуцираност. Каква е вашата оценка за нивото на финансиската писменост на македонските граѓани? Дали тоа е една од причините за поголемата ориентираност за вложување во недвижнини и слично?
Станковска Арсова: Токму потребата од информации и од знаење од оваа област беше наша клучна мотивација да ги основаме друштвата Капитал финансиски центар и Капитал ассет менаџмент. Преку првото друштво граѓаните да дојдат до соодветни информации за тоа како функционираат небанкарските финансиски инструменти и каква полза може да остварат за себе, а со соодветно и професионално вложување во акции, преку другото друштво, да остварат солидни добивки. Во изминативе години има значително зголемен интерес за финансиска едукација, што се гледа и по зголемениот број учесници на работилниците кои редовно ги одржуваме во сите градови во државава. Нашата цел е луѓето да разберат дека акциите се реален и се опиплив имот. Станува збор за делови од сопственоста на компаниите, од кои произлегуваат права како што се право на учество во добивката, право на дивиденда, право на сопственост и право на учество во донесување одлуки за компанијата. Едноставно кажано, станува збор за финансиски инвестиции кои овозможуваат приход, сопствеништво и влијание во одредена компанија. Основата на сопственоста која произлегува од акциите се бизнисот и имотот на компанијата. Ова значи дека секоја фирма што е организирана како акционерско друштво, всушност, има свој имот и свој бизнис. Кога некој купува акција, купува дел од тој имот и од тој бизнис. Секој имот, како што се недвижностите на компанијата, опремата, технолошките уреди и брендот, има своја реална пазарна вредност. Купувањето акции значи и сопствеништво и на физичкиот имот на компанијата. Берзите претставуваат одлична инфраструктура преку која, на многу лесен и на едноставен начин, секој поединец или фирма може да се стекне со акции или со други финансиски инструменти.
Што е она што вие како Капитал асет менаџмент може да им го понудите на граѓаните, а за нив ќе донесе дополнителна вредност?
Костадиновски: Личен портфолио менаџер кој за клиентот ги извршува сите потребни анализи, го следи пазарот на дневна основа и избира соодветни акции во кои ќе бидат вложени неговите пари, водејќи сметка за сигурноста, за профитабилноста и за дивидендите.
Како успевате да им дадете персонализиран финансиски совет на вашите клиенти, имајќи предвид дека секој од нив има свое ниво на „апетит“ за прифатлив ризик?
Костадиновски: Имаме индивидуален пристап со секој клиент затоа што секој има различни финансиски можности и потреби и различен капацитет за преземање ризик со цел остварување на поголем профит. Затоа правиме детална анализа за профилот на клиентот и во согласност со резултатите структурираме персонализирано портфолио.
Какви стручни референци се потребни за некој да може да се занимава со вашиот бизнис?
Костадиновски: Комисијата за хартии од вредност, како регулатор на пазарот на капитал, издава соодветни лиценци за работа базирани на тестирање на стручни знаења, искуство и интегритет. За успех во оваа работа најважно е непосредното искуство. Низ годините нашиот тим се стекна со искуство, работејќи за инвестициски и пензиски фондови, брокерски куќи и банки. Изминативе 20 години сме поминале низ секакви моменти на пазарите, големи економски и берзански експанзии и профити, но и низ кризни периоди. Искуството нè научи дека кризите ги даваат најдобрите можности. Клучно и важно е што секогаш сме им испорачале додадена вредност на нашите клиенти.

Зошто сите луѓе не вложуваат во акции, односно не инвестираат на берзите?
Станковска Арсова: Луѓето интуитивно го избегнуваат ризикот од осцилации на берзите и тоа е клучната причина зошто се плашат да инвестираат. Берзите имаат своја динамика на движење, одат нагоре и надолу, но во најголем дел од времето остваруваат позитивни резултати. Статистиката вели дека во долгорочните вложувања на берзите добивки се случуваат во 78 % од времето. Историјата покажува дека девет пати е поверојатно да имате добивка од 15 или повеќе проценти отколку да бидете во минус од 15 или повеќе проценти годишно. Затоа ги охрабруваме луѓето да почнат со инвестирање во акции и постоиме за правилно да ги водиме во процесот на вложување на берзите, додека нивниот целосен фокус е на нивниот професионален ангажман, без разлика дали се доктори, адвокати, спортисти, уметници, занаетчии, бизнисмени…
Колкав процент од македонските граѓани поседуваат акции?
Станковска Арсова: Бројот на граѓани кои поседуваат акции во Македонија, според информациите од Централниот депозитар за хартии од вредност, е помал од 3 % од вкупниот број жители во државава, а можностите се отворени за сите. Доминантен дел од оние 97 % кои не ги користат акциите воопшто не се запознаени дека може да се стекнат со акции од најдобрите домашни и странски компании и да ги уживаат придобивките од акциите како што се дивидендите и капиталните разлики. Кај правните лица бројката е уште помала, под 1 % од вкупно регистрираните фирми. Токму тука е суштината на нашето постоење да ги запознаеме луѓето со придобивките од ваквите вложувања и на правилен начин да ги внесеме граѓаните на берзите.

Какви совети им давате на бизнисите што генерираат повисок профит?
Костадиновски: Има луѓе кои поседуваат стабилни бизниси и тие генерираат слободни парични текови, а на самите бизниси не им се потребни нови и свежи пари, односно генерираат вишок. Тие менаџери знаат да прават пари во својот бизнис, но бидејќи во даден момент немаат потреба од дополнително вложување, парите треба да ги ставаат во функција со цел да им продуцираат добивки и дивиденди надвор од постоечкиот бизнис. Притоа ќе го намалат ризикот од сопствениот бизнис вложувајќи ги парите во акции од стабилни и големи компании.
Цената на чувањето готовина станува сè поскапа. Од една страна, имаме натпросечна инфлација која веќе неколку години по ред е составен дел од економската реалност, а од друга страна каматните стапки во банките се пониски од инфлацијата со што долгорочното чување готовина станува целосно економски неоправдано. Поради ова, следејќи ја новата реалност, советуваме и стимулираме активност со парите – или вложување во бизнис или во делови од бизнис преку акции. Парите ја губат куповната моќ и долгорочните и среднорочните пари треба да се пласираат во имоти – акции кои нудат ефективна заштита од инфлација, остваруваат раст на нивната вредност, генерираат добри добивки и исплаќаат високи дивиденди.
Разговараше: Зоран Јовановски