Економија
Германија се соочува со највисоката невработеност
28.04.2024г.
Слабоста на германска економија почнува да се рефлектира и на пазарот на работна сила, а бројот на невработените до крајот на годината може да го достигне највисокото ниво по последните десет години, предупреди економскиот институт ИВ во нивното најново истражување.
Се проценува дека до крајот на годината невработеноста во Германија ќе достигне 2,8 милиони лица. Експертот за пазарот на труд во ИВ Холгер Шаефер изјави дека годинава посилно се чуствуваат последиците од економската кризата, пренесува „Независне новине“.
- Компаниите не најавуваат зголемен број на вработувања до крајот на годината. Бројот на новопријавените слободни работни места е намален во март и е на најниско ниво во последните пет години, нагласи Шаефер.
Стапката на невработеност во Германија ќе се зголеми годинава на шест отсто, прогнозираат од институтот ИВ. Германската влада очекува невработеноста да изнесува 5,8 отсто и ќе биде повисока за 0,1 процентен поен во однос на минатата година. Во 2025 година невработеноста треба да се намали на 5,7 отсто.
Германската економија лани се намали за 0,3 отсто, но бројот на вработените се зголеми за 340.000 или за 0,7 отсто. Експертите од ИВ ова зголемување го објаснуваат со настојувањето на компаниите да ги задржат квалификуваните работници, во страв од недостиг на работна сила во блиската иднина поради неповолните демографски движења.
- Колку повеќе трае слабоста на германската економија, се повеќе е извесно дека бројот на вработените ќе биде прилагодуван од страна на компаниите, бидејќи континуираниот пад на продуктивноста ќе ја поткопа конкурентноста на компаниите, предупредува Шаефер, пренесува „Бизнис.рс“.
фото freepic