Економија
Конкуренцијата на пазарот на трудот станува сè поостра
Митко Јовановски | Авторот е новинар во Економија и бизнис
Економија и бизнис | печатено издание | 15 март 2024г.
Кој е националниот ИД-број за задржување на работниците?
Недостигот на работна сила претставува главен проблем за многу држави во регионот и во Европа за да го одржат сопствениот економски раст. Oдлевањето на работоспособното население кон повисокоразвиени економии предизвикува сериозни последици за земјите во Западен Балкан. Вишокот на невработени лица, што се броеше со неколку стотици илјади во секоја од земјите од регионот, се стопи поради забрзаната миграција и отворањето на европските пазари на трудот. Желбата за подобар и за поквалитетен живот го поттикна масовниот бран на иселување од Балканот. Домашните економии се соочуваат со проблемот да најдат квалификувани работници во градежништвото, во угостителството, во преработувачката индустрија. Но, тоа што загрижува е податокот дека сè повеќе заминуваат и високообразовани кадри од здравството и од информатичката индустрија.
Недостатокот на работна сила станува системско прашање за сите земји во Европа, кои се обидуваат да го олеснат пристапот за прием на нови работници. По примерот на земјите од Европската Унија и земјите од иницијативата Отворен Балкан, од почетокот на март се либерализираше пазарот на работна сила меѓу Србија, Албанија и Македонија. Така, граѓаните од овие три земји ќе можат да се вработат во некоја од земјите на Отворен Балкан или оние кои веќе нашле работодавач со отворање на единствен ИД-број на ОБ што ќе го креираат електронски. Намерата е преку олеснет пристап да се овозможи полесно задоволување на барањата на компаниите за вработување на работници од соседните земји, кои и така беа присутни во нашава земја, но дејствуваа под плаштот на неформалната економија. Но, одговорот што недостасува во овој момент од носителите на економските политики, но и од стопанските субјекти е како да се задржат нашите работници во земјава.
Во Европа има остра конкуренција за работна сила
Олеснувањето на регулативата за прием на нови работници од соседните земји предизвика низа (неповолни) коментари кај дел од домашните компании кои почувствуваа сериозна конкуренција со спроведување на трилатералниот договор за отворање на регионалниот пазар на труд. За споредба, многу поразвиени земји во ЕУ со години се обидуваат да привлечат работници за потребите на националните економии. Како одговор на незадоволството на домашните земјоделци, француската влада го вклучи земјоделството во листата на сектори со хроничен недостиг на работна сила, што значи дека ќе се олесни вработувањето на илегални мигранти од трети земји кои веќе се во Франција. Оваа одлука ја соопшти лично францускиот премиер Габриел Атал и таа ќе важи за сточарите, за градинарите, за лозарите и за шумарите, а ќе важат истите правила кои веќе се применуваат за работниците во хотелиерството, во угостителството и во градежништвото. Германија, која има хроничен недостиг од работна сила, одобри план на недокументираните имигранти да им овозможи полесен пристап до курсевите за јазик и за интеграција. Италија воведе посебни дозволи за престој за да се поттикне легализацијата на работата за мигрантите кои веќе се во земјата. Шпанија користи билатерални договори со земјите од Северна Африка за примање на работна сила. Во поблиското опкружување и Хрватска го олеснува пристапот на работници од далечните азиски земји.
Вицепремиерот и министер за финансии Синиша Мали на Бизнис форумот Копаоник, што се одржа на почетокот на март, ги искажа големите очекувања на Србија од имплементацијата на системот за препознавање на заедничките работни дозволи меѓу Србија, Македонија и Албанија. Ова, според српските официјални лица, ќе придонесе за развојот на пазарот на трудот и флуктуацијата на кадрите од другите две земји, пред сè поради повисоките плати во Србија. Од македонските компании забележуваат дека Владата недоволно аналитички пристапила кон процесот на либеларизирање на пазарот на трудот меѓу земјите од Отворен Балкан. Нашите квалификувани работници од градежништвото ќе заминат во Србија и во другите европски земји каде што има недостиг од градежни занаетчии и каде што платите се повисоки. Со слични очекувања се и хотелиерите од Охрид, кои подолго време се соочуваат со недостиг на работници поради заминување во странство, посебно за време на туристичката сезона во Хрватска, а од минатите години и на албанското крајбрежје.
Македонската автомобилска индустрија изложена на одлив на работници
Во отворањето на регионалниот пазар на работници посебно би биле изложени домашните компании од автомобилската индустрија на чии висококвалификувани и обучени работници „типуваат“ и компаниите од Србија, каде што има бројни странски компании од автомобилската индустрија. Виктор Мизо, генералниот менаџер на Костал Македонија, забележува дека на социјалните платформи за вработување нема ниеден работник од Србија кој сака да работи во компанија во Македонија. Но, затоа има македонски граѓани кои би сакале да работат во Србија.
– Сега со Отворен Балкан им се нудат поголеми можности на нашите работници да заминат во соседството. Каде попрво би заминал некој работник од Куманово? Дали ќе одлучи да работи во Охрид и да патува неколку часа или ќе одлучи да работи за повисока плата во некои од компаниите во Ниш или во Нови Сад? Можностите што ги нудат српските компании и тие од Хрватска се многу поповолни. Таму платите во нашата гранка се повисоки за 50 отсто и компаниите од македонската автомобилска индустрија не можат да ги следат. И со сегашните плати сме на максималното ниво зашто за зголемување на платите е потребно да се зголеми и продуктивноста. Едноставно нема од каде да повлечеме работници од регионот. Не можеме да повлечеме напреден инженерски кадар од Албанија, односно од Валона и од Елбасан зашто нема таков стручен кадар. Потребно е да вршиме постојани дообуки на новите работници, а тоа бара време. Не знам како ќе се одрази на нашата индустрија, но процените се дека Македонија ќе има негативен ефект од профункционирањето на Отворен Балкан, ни изјави Виктор Мизо.
Проблемот со недостиг на работници, според Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика, не треба да се гледа само од економскиот аспект и помалите плати во Македонија. Одливот на работна сила е поттикнат и од други причини, смета тој.
– Првенствено, според мене, младиот човек сака сигурност − дека нема да биде изневерен при започнување на бизнисот и да биде заштитен при евентуални неекономски ризици: со плаќање на време, брзи судски спорови. Секако, поголемиот дел од тие што си одат од земјава принудени се да работат и други работи надвор од нивното образование и нивната стручност. Второ, младите луѓе сакаат на своите деца да им обезбедат квалитетно образование и подобри здравствени услуги за себе. Овде, да признаеме, не сме добри како држава. Конечно, луѓето сакаат да имаат квалитетен живот во сите области. Ако гледаме исклучиво од економски мотиви, ако некој знае и поседува добри вештини, и овде може да заработува пристојно во сите струки во приватниот сектор, вели Симовски.
За директорот на Државниот завод за статистика, почетокот за отворање на пазарот на работна сила во регионот е добра работа. Во иницијативата на Отворен Балкан ја гледа можноста да привлечеме и квалитетна работна сила од нашето поблиско соседство.
– Kолку и да е некоја земја подобра од нас според стандардот, ниe можеме да понудиме подобри услови за работа во некои сектори. Светот е глобален пазар и мораме да се навикнуваме на тој факт. Инаку ќе пропаѓаме во економска смисла. И најразвиените земји во светот го имаат проблемот со флуктуација на работници кои бараат нови животни предизвици, вели Симовски.
Според анкетата која беше спроведена од Организацијата на работодавачи на Македонија, 81,5 отсто од компаниите ја изразија загриженоста поради недостиг на работна сила. Ова укажува на потребата од преземање на итни мерки за подобрување на состојбата на пазарот на труд, вклучувајќи и олеснети можности за вработување на странски работници, посочуваат од ОРМ. Тие предлагаат и итни мерки за донесување на нов закон за вработување и работа на странци, зголемување на квотите за вработување на странски работници и поедноставна процедура за вработување.