Економија
Сеќавање на Роберт Солоу
Горан Петревски | Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ
Економија и бизнис | печатено издание | 15 март 2024г.
Неодамна нѐ напушти уште еден џин на економската наука – Роберт Солоу, добитникот на Нобеловата награда за економија во 1987 година за „исклучителниот придонес“ и за „драматичното влијание“ на неговото научно творештво. Во оваа прилика накратко ќе се осврнеме на неговиот придонес во Теоријата на економскиот раст, но и на неговата професорска улога.
Краток животопис
Роберт Мертон Солоу е роден во 1924 година, во Бруклин. Како одличен ученик, тој прескокнал две одделенија во средното училиште и во 1940 година, на возраст од 16 години, добил стипендија која му овозможила да студира на престижниот Универзитет во Харвард. Неговата првична намера била да студира биологија или ботаника, но потоа се префрлил на општествените науки. Кога наполнил 18 години, тој се пријавил во американската војска „за да се формира како личност“ и три години војувал на боиштата во Северна Африка и во Италија. Додека чекал да го примат во војската, Солоу ја запознал Барбара Луис со која излегол неколкупати, а потоа редовно се допишувал за време на воената служба. Тие се венчале во август 1945 година, една недела по неговото враќање дома, а нивниот брак траел сѐ до нејзината смрт во 2014 година. Токму по советот на Барбара, Солоу се префрлил на студиите по економија на Универзитетот во Харвард, кои ги завршил во 1947 година, две години подоцна магистрирал, а во 1951 година докторирал на тема од областа на нееднаквоста. За својот докторски труд, Солоу ја освоил наградата која се состоела од 500 долари и можност за објавување на трудот, но од непознати причини тој не ги добил парите ниту, пак, бил објавен неговиот докторат.
Академска кариера
Својата академска кариера Солоу ја започнал како асистент на Васили Леонтиеф (добитникот на Нобеловата награда за економија во 1973 година) кому му помагал во изработката на првиот инпут-аутпут модел. Во 1958 година станал професор на угледниот Масачусетски институт за технологија (МИТ), каде што најпрвин предавал Статистика и Економетрија, а според неговите зборови најголема заслуга за неговото префрлање во макроекономијата имал еден случаен „географски фактор“ – тоа што добил кабинет веднаш до оној на Пол Семјуелсон, еден од најголемите економисти по Втората светска војна. Така започнало 40-годишното пријателство меѓу двајцата врвни економисти исполнето со „секојдневни разговори за економијата, за политиката, за нашите деца и за зелките и кралевите (со значење: разговор за сѐ и сешто)“. Солоу се пензионирал во 1995 година, но, се разбира, продолжил да работи и долго време по пензионирањето.
Солоу бил вљубен во професорската работа и, според неговото признание, „никогаш немал и не сакал друга работа“. Во една прилика, тој изјавил дека повеќе сакал да им предава на бистри студенти отколку да пишува просечно интересни трудови. Како професор Солоу имал навика секоја учебна година да ги уништи старите материјали од предавањата со цел да ја преиспита исправноста на своите предавања. Солоу бил ментор на повеќе од 70 докторски дисертации при што токму тој ја вовел практиката докторските трудови да бидат составени од три посебни труда наместо да се изработуваат во вид на книга од неколку стотини страници. Ваквата форма на докторатите набргу станала правило на МИТ, а потоа била прифатена на сите американски универзитети.
Се разбира, неговата страст за предавањата ја препознале и неговите студенти. Така, според сведочењето на неговиот студент Алан Блајндер (исто така познат професор по економија и поранешен потпретседател на американската централна банка), сите поранешни студенти на Солоу го сметале за свој идол. Впрочем, најголема потврда на успешната професорска работа на Солоу е тоа што тој бил ментор на четворица добитници на Нобеловата награда за економија: Џозеф Стиглиц, Питер Дајмонд, Вилијам Нордхаус и Џорџ Акерлоф, кои Солоу ги сметал за „мојата гордост и радост“. Покрај нив, уште еден студент, Роберт Хорвиц (кому Солоу му бил ментор на дипломската работа), подоцна станал добитник на Нобеловата награда за медицина.
Научен придонес
Главниот научен придонес на Солоу се состои во областа на економскиот раст. Во втората половина на 50-тите години од минатиот век, тој објавил два многу значајни и влијателни труда: „Придонес кон Теоријата на економскиот раст“ (1956) и „Техничката промена и агрегатната производна функција“ (1957) со кои ги поставил темелите на современата Теорија на растот. Пред овие трудови, во економската теорија и во економската политика се сметало дека основните двигатели на економскиот раст се инвестициите во физички капитал (машини и опрема) и порастот на населението како извор на нови работници. Главниот заклучок од моделот на Солоу е дека штедењето и порастот на капиталот навистина водат кон поголемо вкупно производство, но дека тие не влијаат врз стапката на економскиот раст.
Во својот труд од 1956 година, Солоу направил пресврт во Теоријата на растот, тврдејќи дека технолошкиот напредок, а не трудот и капиталот, е главниот двигател на економскиот раст. Притоа под поимот „технолошки напредок“ Солоу ги подразбира технолошките промени, т. е. претворањето на производните фактори во производи и услуги, вклучувајќи го и подобрувањето на квалификациите и на вештините на работниците, подобрата организација на работата и поефикасните методи на раководење. Сите овие нешта се познати како вкупна факторска продуктивност или како „резидуалот (остатокот) на Солоу“. Исто така, во овој труд, Солоу направил важна иновации во теоријата со тоа што, наместо да се труди да ја опфати целата економија со примена на сложени модели составени од стотици равенки, тој изработил едноставен и елегантен математички модел во кој анализата се фокусира врз мал број фактори. Оваа истражувачка стратегија подоцна станала позната како „модели на играчки“. Една година подоцна, во својот емпириски труд, на примерот на американската економија 1909 − 1949 година, Солоу пресметал дека над 87 % од економскиот раст се должи токму на технолошкиот напредок.
Веднаш по неговата појава, моделот на Солоу предизвикал револуција не само во економската теорија туку и во политиката на економскиот раст затоа што носителите на економската политика започнале да посветуваат повеќе внимание на стимулирање на вкупната факторска продуктивност наместо на простото натрупување капитал и труд. Се разбира, во подоцнежниот развој на Теоријата на растот се појавија нови модели кои настојуваат да ги објаснат прашањата на кои моделот на Солоу не дава одговор (на пример, од што зависи, пак, техноолошкиот напредок), но останува фактот дека и ден-денес моделот на Солоу и понатаму служи не само како темел на Теоријата на економскиот раст туку и на многу други модели во макроекономијата.
Награди и признанија
За својата научна работа, Солоу бил добитник на бројни награди и признанија. Така, во 1961 година ја освоил наградата „Џон Бејтс Кларк“ за најдобар економист помлад од 40 години; во 1987 година ја освоил Нобеловата награда за економија со што станал дел од великаните на економската наука; во 1999 година бил награден со Националниот орден за наука; а во 2014 година го добил највисокото американско цивилно признание – Претседателскиот орден на слободата. Покрај тоа, Солоу бил член на Националната академија на науките и на Британската академија. Најпосле, тој извршувал и низа значајни функции како: член на Советот на економските советници на претседателот Кенеди (1961−1962), член и претседател на Одборот на директори на Федералната резервна банка на Бостон (70-тите години на минатиот век) и претседател на две врвни економски здруженија – Економетриското здружение (1964) и Американското економско здружение (1979).