Економија
Стапката на вработеност во Западен Балкан е на рекордно ниво
01.05.2024г.
Стапката на вработеност во Западен Балкан достигна рекордни 60,5 отсто во 2023 година. Диспаритетот во вработувањето во однос на родовата застапеност се уште постои во земјите во регионот, а тоа значи дека има 15 отсто помалку вработени жени во однос на мажите.
- Иако, вработеноста дава оптимизам, треба да бидеме внимателни во врска со причините за високата вработеност, изјави Мајлинда Брегу, генералната секретарка на Советот за регионална соработка, по повод 1 Мај, Денот на Трудот.
Долготрајната невработеност, нерегистрираните работници, загрижувачките трендови на емиграција и одлив на квалификувани кадри, се уште се главните предизвици за земјите од Западен Балкан. Причините за трајното заминување на работниците се нискиот животен стандард, послабата социјална заштита и високото ниво на корупција, посочуваат од РСС.
Политиките кои се насочени на задржување на работната сила во регионот стануваат поактуелни меѓу стопанските субјекти на ЗБ. Околу 40 отсто од домашните компании се свртени кон вработување на работници од Западен Балкан, а квотите за вработување на странски работници се повеќе растат, пишува „Еуроњуз“.