Економија

Дали кинеските инвестиции се враќаат во регионот?

Дејан Азески | Авторот е историчар, новинар и публицист

Сега е веќе јасно дека речиси целиот настан Експо 2027 на кој Вучиќ му придава големо значење ќе биде финансиран и граден од кинески банки и компании. Со оглед дека и кај нас се споменуваат нови странски задолжувања исто како во Црна Гора, логично е да го поставиме прашањето дали почнува нова кинеска економска офанзива на Балканот.


Минатонеделната посета на кинескиот претседател Шји Џјинпинг на Белград отвори многу политички прашања и секако едно економско. По дебаклот на кинеските кредити во Црна Гора и неможноста од нивно реализирање во Македонија, во моментот кога се мислеше дека тие засекогаш се испратени во историјата, еве како се враќаат на голема врата.

Српскиот претседател Александар Вучиќ очигледно успеа еден тотално прозападен настан Експо 2027 да го злоупотреби токму за да ги врати во игра кинеските пари. Па така новиот национален стадион и многуте други придружни инфраструктурни зафати во главниот град во голема мера ќе ги градат или барем ќе ги финансираат токму Кинезите.

ШТО Е ДОГОВОРЕНО КОНКРЕТНО?
Кинескиот претседател Шји Џјинпинг и српскиот претседател Вучиќ, всушност, потпишаа заедничка изјава за продлабочување и за подигнување на сеопфатното стратешко партнерство меѓу Кина и Србија.
„Кога станува збор за оваа нова почетна точка, односите меѓу Кина и Србија навистина сакаат да имаат уште посветла иднина, ние сме подготвени да работиме со Србија, да го продолжиме духот на нашето челично пријателство, да се посветиме на нашето пријателство и да го изедначиме. Подобро ќе работиме заедно со Србија, за да ги браниме нашите фундаментални и долгорочни интереси, а кога станува збор за различни меѓународни случувања, сакаме да ја изградиме таа заедница со заедничка иднина, а тоа е дел од нашите напори да придонесеме кон заедницата за заедничка иднина на целото човештво“, изјави претседателот на Кина.
Дополнително владите на Србија и на Кина потпишаа 29 договори и меморандуми за соработка меѓу двете земји.
Српскиот претседател Александар Вучиќ посочи дека Србија купила пет брзи возови од Народна Република Кина и уште девет за локалните железници. Тој изјави дека за Србија би било чест доколку кинеските железнички компании отворат производствен капацитет во Србија.
Вучиќ рече дека имало разговори со кинеска компанија за летечко такси, како и разговори со производител на електрични автомобили од Народна Република Кина.
Тој ѝ се заблагодари на кинеската делегација за донацијата од 200 милиони јуани (26 милиони евра).
Зборувајќи за пругата Белград − Будимпешта, Вучиќ рече дека Србија ќе го заврши својот дел до крајот на годинава, а Унгарија до 2026 година.
Двајцата претседатели разговараа и за нови авиокомпании.
„Ги добивме сите дозволи од нашите кинески пријатели благодарение на претседателот Шји за тоа. Ќе летаме директно од Белград до Шангај и Гуангжу, односно до големи и важни места и индустриски и технолошки центри во Народна Република Кина, а ќе го спасиме и овој лет што го имаме за Пекинг“, рече Вучиќ.

ТАЈМИНГОТ НА ПОСЕТАТА СО СИМБОЛИЧНО ЗНАЧЕЊЕ
Шји Џјинпинг дојде во Белград на 25-годишнината од бомбардирањето на зградата на кинеската амбасада од страна на НАТО, во рамките на првата посета на Европа во последниве пет години, и ќе престојува во уште две земји, Франција и Унгарија.
Шји Џјинпинг во Белград отвори и Кинески културен центар, изграден на местото на бомбардираната кинеска амбасада во која на 7 мај 1999 година беа убиени тројца кинески новинари.
Според аналитичарите, ова е силна геополитичка порака за тоа во кој правец Србија планира да ја води надворешната политика и тоа на само шест месеци пред историски важните претседателски избори во САД и, секако, во период кога, за жал, војнички се прекројува картата на Европа.



Приказната со летечкото такси

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави по средбата со кинескиот претседател Шји Џјинпинг дека му се смееле кога рекол дека во Белград ќе воведе летечко такси и дека Србија веќе разговара со една кинеска компанија со цел ваков превоз да се воспостави до 2027 година кога во Белград се одржува ЕКСПО.
„Засега нема да го откријам името на фирмата, но е една од најпознатите во светот, па не е тешко да се дознае која е. Разговараме и со производител на електрични автомобили од Кина, кој исто така е заинтересиран за влез во нашата земја“, кажа Вучиќ.
Тој потсети дека Србија купила повеќе од десет возови од Кина и кажа дека го замолил Шји Џјинпинг да ја разгледа можноста за нивно производство во Србија со цел да можат да ги купуваат и други европски земји.



 

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано