Економија
Колку ќе изгуби Германија доколку ја напушти Европската Унија?
19.05.2024г.
Германија би претрпела голема економска штета доколку ја напушти Европската Унија. Излегувањето од ЕУ ќе предизвика тешка економска криза и трајна загуба за просперитетот на германското население, се наведува во извештајот на истражувачите од Германскиот економски институт (ИВ).
Крајната десничарска партија Алтернатива за Германија (АФД) се залага за делумно „реорганизирање“ на европската интеграција. Според нивното мислење, ЕУ би требала да биде само економска групација во која ќе има полабави врски со поединечните држави. Истражувачите од институтот со седиште во Келн проценува дека за пет години по излегувањето од ЕУ, Германија може да очекува реален пад на бруто домашниот производ од 5,6 отсто или намалување за 690 милијарди евра, објави агенцијата ДПА.
Околу 2,5 милиони работни места може да бидат изгубени за период од пет години. Влијанието од излегувањето на Германија од ЕУ би било поголемо од тоа на Велика Британија во 2016 година. Бројките се темелат на сценариот од минатото, но трошоците од германското напуштање на Унијата би биле високи, поради поврзаноста со другите економии и користењето на заедничката валута - еврото.
Одлуката за напуштање на ЕУ придонесе за намалување на економскиот раст во Велика Британија, а фунатата изгуби од нејзината вредност во однос на еврото. Владата во Лондон склучи нови договори со Австралија и Нов Зеланд. Но, во периодот до 2035 година се очекува мал долгорочен ефект за британската економија од 0,08 отсто раст на БДП од договорот со Австралија и 0,03 отсто од договорот со Нов Зеланд.
- Овие придобивки за британската економија се занемарливи во споредба со проценетите загуби од пет до 10 отсто со Брегзит, напишале авторите на студијата на Германскиот економски институт, пренесува „Сеебиз“.
фото freepic