Економија
ПАКОМАК: Веруваме во светла иднина на Македонија!
ЦЕНТАР ЗА ЦИРКУЛАРНА ЕКОНОМИЈА
Економија и бизнис | печатено издание | 15 мај 2024г.
Концептот на циркуларна економија дефинира 5 до 6 бизнис-модели кои имаат заеднички именител − намалување на отпадот што го создаваме и ефикасно користење на природните ресурси. Еден од најлесно применливите модели е рециклирањето на отпадните материјали во нови суровини и тоа ние како Пакомак го промовираме и активно работиме веќе повеќе од 13 години. Наши клиенти се над 800 компании од земјава, компании кои заедно во одредени индустрии имаат над 80 % од пазарниот удел. Пакомак веќе 14 години успева да ги исполни националните цели за рециклирање на отпадот од пакување, иако тие секоја година се зголемуваат за 5 %. Ако во 2011 година бараната стапка на рециклирање беше 12 %, сега за 2024 година ние треба да однесеме на рециклирање 65 % од отпадот од пакување од нашите клиенти, а тоа е над 33 000 тони отпад за рециклирање.
Посебно сме горди што ние сме единствени кои го собираме стаклениот отпад низ целава земја и успеваме да собереме над 6 500 тони секоја година, а тоа е над 40 % од вкупниот стаклен отпад од амбалажа што се создава во Македонија и е во ранг на земји со многу подолго постоење на системи за собирање и многу побогати од нашава земја и нашава компанија.
Со поставувањето на повратните вендинг машини за собирање пластични шишиња и алуминиумски лименки, очекуваме да собереме над 10 милиони парчиња во 2024 година. Тоа е аналогно на 350 шлепери пијалаци спакувани во амбалажа од 1,5 литри и 0,5 литри! Циркуларното економско работење е во нашата суштина и горди сме што тоа е препознаено од Комората, но уште позначајно ни е што истражувањата меѓу граѓаните и бизнисите покажуваат дека целокупново општество нè препознава како компанија која се грижи за поздрава животна средина. Сигурни сме дека ќе имаме позитивна синергија со останатите компании во Центарот за циркуларна економија при Комората и тоа ни беше главен мотив за членство. Веруваме во светла иднина на Македонија!