Економија

Македонскиот поштенски сообраќај се одвива со силна конкуренција и бројни проблеми!

Бројот на оператори во Македонија во домашниот поштенски сообраќај во 2023 година е непроменет и изнесува 35 правни лица. Од нив 34 даватели се со овластување за обезбедување на поштенски услуги на слободниот пазар и АД „Пошта на Македонија“, која има дозвола за обезбедување на универзална услуга.   Лани преку приватните оператори биле испорачани 7 милиони пакети, додека преку  Пошта – 158 илјади. Минатата година во поштенскиот сектор има намалување на вработеноста за 7,27 отсто, а кај универзалниот оператор намалувањето изнесува 9,2 отсто, беше објавено на денешниот  состанок  на Агенцијата за пошти.

Обемот на поштeнскиот пазар во 2023 година изнесувал 38,1 милион поштенски пратки и бележи раст од 6,37 отсто. Обемот кај давателите на поштенските услуги на слободниот пазар  бележи зголемување од 32,7 отсто. Според евиденцијата на Агенцијата за пошти, за 49,5 отсто се зголемени рекламациите од клиентите, а дури 64,4 отсто реагирале дека не е почитуван рокот за испорака, како и дека амбалажата им била оштетена.

-        Најголемата конкуренција во поштенскиот сообраќај во Македонија е кај доставата на пакетите. Без помош на државата и натаму ќе се влошува состојбата во „Македонскa пошта“, бидејќи нејзините расходи во последните 4 години се зголемени за 12 отсто, а забележа и загуба. Ова не е случај само во нашата земја. Во повеќето земји во Европа операторите  се со загуби во извршување на универзалните услуги. Без субвенции од државата тешко е да се одржи нивото  на добро извршување на универзалната услуга.   вели Олга Манчевска, раководител на Директоратот за регулатива и лиценцирање и правни работи.

На состанокот на домашните оператори беа посочени и другите проблеми кои се присутни на домашниот поштенски сообраќај. Од  учесниците во расправата беше посочено на потребата за спречување на плаќањето во готово за испорака на пакетите, за дорегулирање на е-трговијата согласно европските искуства. Беше посочено на  подигнување на нивото на е-трговијата, која  не треба да се одвива само преку фејсбук и инстаграм продавници. 

За проблемот што беше посочен од синдикалната организација на „Македонски пошти“ дека на косовско-македонската граница поминуваат поштенски пратки без царина во необележани возила, од  Агенцијата за пошти информираа дека  „тие веќе  алармирале до Министерството за внатрешни работи и Царината за позасилена контрола на меѓуграничниот промет на поштенски пратки“.  


фото МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано