Интервјуа

За прв пат работата на занаетчиите е ставена на исто рамниште

Интервју со Драган Христов, дизајнер и куратор на ЛАБ дизајн маркет

Економија и бизнис | печатено издание | 15 април 2024г.

Концерти, театарски претстави, диџеј сетови, божиќен базар, промоција на книги, неделни работилници за занаетчиство и за садење цвеќиња, соработка со Амбасадата на Швајцарија, кафетерија, изложбен простор, за само неколку месеци од отворањето не престануваат активностите во просторите на Лабораториум. Се чини дека во Скопје едвај се чекаше да се случи простор како овој – алтернативен, совршен за неверојатен диверзитет на настани. Со вткаена синергија и автентичност, тука секој кој бега од баналноста на истата понуда насекаде може да си најде излегување збогатено со креативна содржина.
Тоа го потврдува и (ќе си дозволам да го наречам) манифестот кој може да се види на видеото на овој, како што е напишано, ЕДукативЕН КУЛтурен ЦЕНТАР.
„(...) некогаш се чувствувам како да не припаѓам, ми треба простор каде што ќе се поврзам со луѓето, но и со некој неочекуван, сакам да научам нова вештина, но не знам што (...)
Ми треба простор во кој се чувствувам како дома (...) каде што ќе биде гласно колку што сакам, каде што нема да бидам само посматрач, каде што можам да заработувам од мојата уметност, но без да ја загрозам мојата креативност, каде што мојот моден избор ги крши бариерите, каде што можеш да бидеш храбар, место кое постојано се менува, каде што ќе ги тестирам моите граници (...) Каде што можам да слушнам приказна од различна перспектива, фабрика за идеи која ќе стане реалност (...)“
Во рамките на овој простор неодамна беше сместен и ЛАБ дизајн маркет, во организација на Драган Христов, дизајнер и куратор на ЛАБ дизајн маркет. Задоволство ми е да разговарам со него и со Дејан Милевски, еден од основачите на Лабораториум.



Драган, вие неодамна го збогативте со нова содржина просторот на Лабораториум. Возбудлив концепт. За што се работи?

Д. Христов: Се работи за проект што е подготвуван многу одамна, а започна реално да се конкретизира минатото лето. По покана на Дејан и на Весна Милевски − иницијатори на Лабораториум, го конципиравме Лаб дизајн маркет како простор што му е потребен на градот од една страна, а од друга страна како поддршка и место за дизајнерите и за занаетчиите. Идејата беше едноставна, да се направи центар за едукативни и креативни активности каде што ќе се даде предност на изработувачите, на рачната работа. Сметам дека најдобриот начин на поддржување во креативниот сектор е продажбата, па така се роди Лаб дизајн маркет кој не само што е изложбен и продажен салон туку воедно функционира и како заедница на дизајнерите и на занаетчиите кај нас.

Лаб дизајн маркет е селекција од колекциите на 17 етаблирани македонски дизајнери и занаетчии. Кој беше критериумот?

Д. Христов: Учеството во Лаб дизајн маркет е отворено за сите изработувачи, а комисија во соработка со Фешн револушн Македонија (Fashion Revolution Macedonia) одлучува според критериуми како дизајн, комерцијалност на производите и одржливост и етика во производството. Моја лична заложба е сите учесници да ги исполнуваат условите и критериумите еднакво, но и еднакво да придонесуваат во заедницата. За прв пат работата на занаетчиите е ставена на исто рамниште, во ист простор со дизајнерите и во тоа ја гледам предноста и уникатниот модел на Лаб дизајн маркет. Спојот на изработувачите со дизајнерите, можностите за соработка што Лаб дизајн маркет ги отвора се сосема нов пристап што се разликува од досегашните галерии, поп-ап-настани и концептуални продавници.

Ваков простор е платформа која е стимулативна и за новите дизајнери. Дали имате место и за новите таленти од областа на дизајнот?

Д. Христов: Секако. Имаме посебно подготвена програма, акцелераторски менторства што ќе им ги пренесат знаењата и искуствата од постарите етаблирани дизајнери на младите и ќе ги подготват за работа во креативните индустрии. Програмата е надоврзување на поранешни проекти што сум ги работел и мислам дека во овој простор ќе се вклопат одлично и ќе придонесат за неговиот планиран развој.

Сега засега просторот нема конкуренција во градот, па иако неколку слични обиди не опстанаа, долго време се чекаше на алтернативен простор каде што ќе може да се најдат дизајни од македонски автори. Кои се плановите за развој и дали досега ги имавте посакуваните реакции од публиката?

Д. Христов: Засега реакциите на публиката се одлични и ги надминуваат очекувањата, а тоа се рефлектира и на продажбата.



Целиот прилог од печатеното издание можете да го прочитате на следниот ЛИНК

ПРЕПОРАЧАНО