Економија
ФАО: Цените на храната се највисоки во последните шест месеци
07.06.2024
Цените на храната во светот во мај пораснаа и го достигнаа шестмесечното максимално ниво, соопшти Организацијата за храна и земјоделство во ОН (ФАО).
Индексот на светските цени на прехранбените производи за мај се зголеми на 120,4 поени во споредба со април кога изнесуваше 119,3 поени, објави ФАО.
Растот на цените на житарките и млечните производи го покрија падот на цената на шеќерот и растителните масти, додека индексот на цени на месото е непроменет, пренесе „Танјуг“.
Индексот на цените на житото се зголеми за 6,3 отсто на 118,7 поени, бидејќи е забележан месечен раст на цената на сите видови жито, особено на пченицата. Остриот месечен пораст на цените на житото се должи на загриженоста за неповолните услови за жетвата во 2024 година.
Индексот на цените на млечните производи во мај во просек изнесувал 126 поени, што е за 1,8 отсто повеќе во однос на април.
Падот на светските цени на шеќерот се должи на веста дека успешно започна жетвата на шеќерна репка во Бразил. Индексот на цените на месото е практично непроменет во однос на април, бидејќи е зголемен за само 0,2 отсто на 116,6 поени.
фото freepic