Економија
Угостителските услуги во Хрватска поскапеле за десет отсто
17.06.2024
Во мај годинава стапката на инфлација во Хрватска, мерена преку потрошувачките цени, се намали на 3,3 отсто, од 3,7 отсто еден месец претходно, објави Државниот завод за статистика на Хрватска.
Цените на стоките и услугите за лична потрошувачка во мај се зголемени во просек за 3,3 отсто, во однос на истиот месец лани. Во однос на април цените за услугите се зголемени во просек за 0,1 отсто.
По неколку месеци постепен пад, инфлацијата во Хрватска во март годинава стагнираше на 4,1 отсто на годишна основа. Од април, кога падна на 3,7 отсто, инфлацијата повторно е на надолна траекторија.
Во мај на годишна основа најмногу пораснале цените во рестораните и хотелите, за 10,7 отсто, а потоа следат цените на превозот со раст од 5,9 отсто.
Цените на алкохолните пијалоци и тутунот, како и во образованието се зголемени за 5,4 отсто, а во здравството за 5,3 отсто.
Цените на рекреацијата и културата пораснале за 3,8 отсто, комуникацијата за 3,2 отсто, храната и безалкохолните пијалоци за 2,8 отсто, а мебелот, домашната опрема и редовното одржување на домаќинствата за 2,4 отсто.
Според хармонизираниот индекс на потрошувачките цени, што го објави Евростат, проценетата годишна стапка на инфлација во Хрватска во мај се намали на 4,3 отсто, од 4,7 отсто еден месец претходно. Тоа е втора највисока стапка на инфлација во еврозоната по Белгија, каде што изнесуваше 4,9 отсто.
Просечната годишна стапка на инфлација во еврозоната во мај порасна на 2,6 отсто, од 2,4 отсто еден месец претходно, објави „Пословни дневник“.
фото freepic