Економија
Почна изградбата на најдолгиот подводен тунел меѓу Данска и Германија
25.06.2024
Данска почна со изградбата на најдолгиот подводен тунел во светот под Балтичкото Море кој ќе ги спои со Германија. За неколку години тунелот Фемарнбелт ќе го скрати патувањето со траект од 45 минути на само седум минути со воз. Цената на проектот е околу осум милијарди долари, а покрај железничка врска тунелот ќе има и автопат со четири ленти.
Данскиот крал Фредерик X во понеделникот го отвори првиот дел од идниот тунел долг 18 километри под Балтичкото Море. Тунелот ќе ја поврзе јужна Данска со северна Германија и ќе придонесе за зелена транзиција на транспортниот сектор. Вкупната должина на тунелот изнесува 18 километри и ќе биде поставен на дното на морето во бетонска градба широка 40 до 50 метри и длабока од 12 до 15 метри.
Тунелот е клучна транспортна врска на Скандинавско-Медитеранскиот коридор, која е транспортна мрежа која се протега на 5.000 километри од Средоземното Море до Финска. Планираната железничко-автомобилска мрежа ќе го скрати патувањето од Хамбург до Копенхаген од пет на помалку од три часа.
Сообраќајот во подводниот тунел ќе се одвива во одвоени тунелски цевки, по една во секоја насока. Ќе има и лента за итни случаи, а тунелот ќе биде надгледуван со камери од контролниот центар во Копенхаген, пренесе РТС.
фото freepic