Економија
Во вториот квартал американската економија оствари раст над очекувањата
26.07.2024
Американската економија оствари годишен раст од 2,8 отсто во вториот квартал годинава, а овие податоци се над очекувањата за раст на БДП за два отсто. Во првиот квартал економскиот раст на САД достигна 1,4 отсто.
Овие резултати се знак на отпорност на потрошувачите кон монетарната политика на Федералните резерви, од каде се најавува можно намалување на каматните стапки во наредниот период. Неодамнешните економски индикатори сугерираат дека американската централна банка успешно се справува со инфлациските притисоци. Според извештајот за индексот за потрошувачки цени за јуни, инфлацијата во САД е околу три отсто, пренесува „Фајненшел тајмс“.
Податоците за тековниот месец за пазарот на труд во САД дополнително ги засили аргументите за скора промена на каматните стапки. Минатата недела претседателот на ФЕД Џером Пауел изјави дека последните три месечни показатели за инфлацијата се со „прилично поволно темпо“ на раст на цените.
Американската економија избегна да влезе во рецесија, која беше предвидувана од многу економисти. ФЕД се надева дека ќе ја оствари целната вредност за инфлацијата без да предизвика големи намалувања на работните места, пренесува „Бизнис.рс“.
фото freepic