Сицилија е зафатена од екстремна суша која ги погоди фармерите кои се соочени со недостиг на вода за напојување на животните, а производството на пченица е намалено за 70 отсто.
Локалните фармери се жалат дека некои од реките целосно пресушиле,. Без вода се и бунарите за напојување на стоката. Поради високите температури е намалено и производството на сточна храна, а фармерите стравуваат дека ќе бидат принудени да ги продадат животните, ако состојбата не се промени пред почетокот на новата земјоделска сезона.
На Сицилија се произведува околу 20 отсто од вкупното производство на пченица во Италија. Властите на Сицилија се загрижени и за производството на маслиново масло и праски.
Метеоролошката агенција на Сицилија проценува дека просечната температура на островот е над 40 степени. Во некои делови од островот летово има околу 60 отсто помалку врнежи од сезонскиот просек, пренесува „Бизнис.ба“.