Економија

Индонезија со економскиот раст ја претекна Кина

Бруто-домашниот производ на Индонезија силно порасна во вториот квартал благодарение на потрошувачката на домаќинствата и инвестициите, покажаа официјалните податоци, кои укажуваат дека најголемата економија во Југоисточна Азија ја надмина Кина во однос на растот.

Активноста во индонезиската економија е зголемена од април до јуни за 5,05 отсто во однос на истиот период минатата година, а речиси иста стапка на раст е забележана и на почетокот на годината, покажуваат податоците на Индонезискиот завод за статистика.

На тримесечно ниво активноста е зголемена за 3,79 отсто. Потрошувачката на домаќинствата во празничната сезона скокнала за 4,93 отсто во однос на истиот период лани, а државната потрошувачка за 1,42 отсто.

Инвестициите на компаниите се зголемени за 4,43 отсто. Извозот пораснал за 8,28 отсто на годишно ниво, а увозот пораснал речиси за ист процент.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во април процени дека индонезиската економија ќе порасне за пет проценти оваа година, а речиси иста стапка на раст очекуваат и во 2025 година. Тоа би значело дека Индонезија во групата на азиски економии во развој и економии во развој ќе биде претекната само од Индија, чиј БДП треба да порасне за 6,8 отсто оваа година и за 6,5 отсто во 2025 година.

Според пресметките на ММФ, кинеската економија треба да порасне за 4,6 отсто годинава и за 4,1 отсто во 2025 година. 


Извор МИА

фото freepic

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано