Економија

Гајдова: Единствено недостасува соодветна имплементација на законите

Меѓународна конференција за антикорупција

Неодамна во Вилниус, Литванија се одржа Меѓународната конференција за антикорупција, најголемиот светски форум за борбата против корупцијата. На конференцијата учествуваа повеќе од 2 000 учесници од повеќе од 140 земји. Со помош и во организација на Амбасадата на САД во земјава, на оваа врвна конференција учествуваше и група составена од претставници на различни институции, каде што секоја од нив претставува значајна алка во борбата против корупцијата. Така имаше по еден претставник од Државната комисија за спречување на корупцијата, од Министерството за внатрешни работи, од Јавното обвинителство, од редот на судиите, од Стопанската комора како претставник на приватниот бизнис-сектор, од граѓанскиот сектор и од Амбасадата на САД. Во продолжение ви ги претставуваме нивните импресии и главните поуки од конференцијата.


Габриела Гајдова, судија на Апелациониот суд Скопје:

На Меѓународната конференција за борба против корупција во Вилнус, Литванија, слушнавме меѓународни искуства и можеме да заклучиме дека РСМ има легислативна и институционална рамка која овозможува ефикасна борба против корупцијата. Единствено недостасува соодветна имплементација на законите.
Проблем во борбата против корупцијата е неказнивоста и благата казнена политика. Според искуствата споделени на Конференцијата, неказнивоста се решава со поставување стручни кадри со интегритет на клучни позиции во полицијата и во јавните обвинителства како надлежни за откривање корупција и во судовите како надлежни за санкционирање на сторителите и конфискација на имотот стекнат со коруптивното дело.
За успешно откривање на корупцијата потребно е мотивирање на укажувачите да пријават корупција и обезбедување нивна заштита во текот на кривичната постапка, како и соработка со медиумите кои практицираат истражувачко новинарство.
За законито завршување на судските постапки нужна е транспарентност: јавни судења за граѓаните да ги видат доказите и да ги слушнат жртвите на корупција и јавно објавување на одлуките за јавноста да се запознае со причините за донесената одлука.
Тоа ќе се постигне со обуки на новинарите и на правосудните органи како заеднички да се борат против корупцијата, доследна примена на законите кои обврзуваат јавно објавување на судските одлуки и дисциплинска одговорност за судиите кои ги прекршуваат тие закони.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано