Економија
Флaнeс: Клучната пречка е имплементацијата на ефективните алатки за борба против корупцијата и неказнивоста
Меѓународна конференција за антикорупција
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јули 2024г.
Неодамна во Вилниус, Литванија се одржа Меѓународната конференција за антикорупција, најголемиот светски форум за борбата против корупцијата. На конференцијата учествуваа повеќе од 2 000 учесници од повеќе од 140 земји. Со помош и во организација на Амбасадата на САД во земјава, на оваа врвна конференција учествуваше и група составена од претставници на различни институции, каде што секоја од нив претставува значајна алка во борбата против корупцијата. Така имаше по еден претставник од Државната комисија за спречување на корупцијата, од Министерството за внатрешни работи, од Јавното обвинителство, од редот на судиите, од Стопанската комора како претставник на приватниот бизнис-сектор, од граѓанскиот сектор и од Амбасадата на САД. Во продолжение ви ги претставуваме нивните импресии и главните поуки од конференцијата.
Метју Флaнeс, Амбасада на САД:
Клучно сознание за мене, кога помислувам на регионалните и на глобалните елементи на корупцијата, е поимот „стратешка корупција“ или нејзиното користење како оружје, алатка на надворешната политика. Дополнително владите, невладините организации и новинарите треба да ја постават рамката на постапување пошироко од она што значи „борба против корупцијата“ и наместо тоа да следат дали субјектите од јавниот сектор ја остваруваат нивната мисија.
Неколку дополнителни импресии:
− Клучни се заедничките, регионални напори, особено на Балканот; криминалците и корумпираните лица не се чувствуваат ограничени од националните граници, од политичката припадност или од јазичните бариери.
− Како што истакна една колешка од делегацијата од Северна Македонија, земјата во легислативната рамка има бројни ефективни алатки за борба против корупцијата и неказнивоста. Клучната пречка е имплементацијата.
Конечно, високо изразената загриженост на гласачите на Балканот во однос на корупцијата претставува можност што треба да се искористи. Во врска со тоа, САД ќе продолжат да работат со оние кои се борат против корупцијата во Северна Македонија и кои сакаат да изградат просперитетно и динамично општество какво што заслужува секој граѓанин. Се потпираме на граѓаните да бараат интегритет од нивната влада и да бараат последици за оние кои ја изигруваат довербата на јавноста.