Економија

Филков: Потребни ни се нови, специфични и прилагодени решенија

Меѓународна конференција за антикорупција

Неодамна во Вилниус, Литванија се одржа Меѓународната конференција за антикорупција, најголемиот светски форум за борбата против корупцијата. На конференцијата учествуваа повеќе од 2 000 учесници од повеќе од 140 земји. Со помош и во организација на Амбасадата на САД во земјава, на оваа врвна конференција учествуваше и група составена од претставници на различни институции, каде што секоја од нив претставува значајна алка во борбата против корупцијата. Така имаше по еден претставник од Државната комисија за спречување на корупцијата, од Министерството за внатрешни работи, од Јавното обвинителство, од редот на судиите, од Стопанската комора како претставник на приватниот бизнис-сектор, од граѓанскиот сектор и од Амбасадата на САД. Во продолжение ви ги претставуваме нивните импресии и главните поуки од конференцијата.


Герман Филков, претседател на Антикорупциската невладина организација Центар за граѓански комуникации:

Собирањето на едно место на најважните светски борци против корупцијата нуди „пресек“ на состојбата со корупцијата преку конкретни примери за најновите начини, облици и форми на корупцијата, но и за борбата против неа. Поттикнува дискусии, идеи и барање поефикасни стратегии и решенија за справување на општествата со корумпираните луѓе.
Главниот недостаток на корумпираните е што најчесто дејствуваат индивидуално, за лично богатење, секако со помош на посредници. Спротивно на ова, главната предност на борците против корупцијата е што можат да дејствуваат здружено, водени од заедничката цел за добробит на целото општество.
Постои консензус дека против новите облици и форми на корупцијата не можеме да се бориме со старите стратегии и алатки. Потребни ни се нови, специфични и прилагодени решенија. Но, постојат два заеднички предуслови. А тоа е заедништво на сите чинители во општеството и искрена и ефикасна соработка и размена на информации и податоци меѓу земјите во светот.
Кај нас треба да се менува „разбирањето“ на корупцијата и борбата против неа – дека корупцијата ни ги јаде работните места, платите, животниот стандард, животите, сегашноста и иднината, а борбата против неа треба да ни биде во центарот на развојната агенда. Треба да се засили и да се прошири антикорупцискиот фронт во кој, на невладините и на медиумите, треба помасовно да им се приклучат и луѓето од државните институции, од бизнисот, од науката...

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано