Интервјуа

Од вештите раце на Талеви се раѓа уникатната убавина на охридскиот бисер

100 ГОДИНИ изработка на традиционалниот охридски бисер − Семејство Талеви

Економија и бизнис | печатено издание | 15 јули 2024г.

Охридскиот бисер е уникатна македонска приказна. Семејството Талеви е стара и позната охридска фамилија која го изработува традиционалниот охридски бисер. Годинава се навршуваат сто години од моментот кога семејството Талеви започнало да произведува бисери. Тоа е традиција за длабока почит. Заради тоа со Ване Талев разговараме за едновековната семејна традиција на изработување бисери.


Како гледате вие на овој редок јубилеј?

В. Талев: Ние, како фамилија, на овој јубилеј гледаме како на нешто најсвето и највредно бидејќи успеавме да опстанеме многу години со растежи и со падови во работата. Денес со гордост може да кажеме дека ја имаме и таа привилегија да бидеме директни следбеници на нашите претходници кои ја почнаа оваа, сега веќе едновековна традиција во изработка на охридскиот бисер кој стана препознатлив симбол на нашиот Охрид и на Македонија и придонесува за промоција на нашава земја како привлечна туристичка дестинација за гостите од сите делови на светот. Да се биде дел од оваа успешна приказна за нас, членовите од фамилијата Талеви, претставува огромна чест, но и одговорност зашто пред нас постои обврската да се зачува и да се унапреди угледот на семејниот бизнис што го започна мојот дедо Ване кој бил првиот мајстор за бисери во Охрид, во 1924 година. Секако, ќе најдеме начин да го одбележиме стогодишниот јубилеј на пригоден и на достоинствен начин и со тоа да им изразиме и благодарност на нашите претходници кои ни ги пренеле своите знаења и вештини за изработката на охридскиот бисер.


Можете ли да ни ја раскажете семејната историја за производството на охридскиот бисер од далечната 1924 година?

В. Талев: Тајната на правењето на емулзијата е откупена во далечната 1923 година. Требаше да помине една година за да може мојот дедо Ване и неговиот брат Михаил (Милчо) да ја подготват работата за производство на првите бисери во 1924 година. Приказната за изработката на бисери и фамилијата Талеви практично започнува со доаѓањето на еден Србин кој службувал како гардист во царската фамилија на Романови во Русија. По прогонот на приврзаниците на рускиот цар од страна на тогашните комунисти во Русија, прибежиште нашол во Охрид. Најверојатно, дружејќи се со луѓе кои припаѓале на благородничкото руско општество, дошол и до сознанија за начинот на добивање бисери со рачна изработка. Кога пристигнал овде во нашиот град видел можност да заработи со продавање на тајната за бисерите на мојот дедо кој и во тоа време се занимавал со златарскиот занает. Низ негови раце поминале многу вредни предмети од злато, од сребро и од дијаманти и веднаш ја препознал убавината и вредноста на изработката на бисери кои биле вистинска реткост во тоа време. Намерникот од Русија побарал многу пари за да ја предаде тајната за бисерите, но по неколку одбивања мојот дедо се согласил да плати 25 наполеони за да ја дознае техниката за нивна изработка. Но, дедо ми поставил услов за рускиот гардист − да не ја продава тајната на други лица во Македонија, што не било испочитувано од другата страна и тајната за изработката на бисерите ја предал и на друго семејство во Охрид.

Досега се напишани многу страници за начинот на кој е дојдено до тајната формула за подготовка на емулзијата со која се премачкуваат бисерите за да се добие препознатливиот охридски сјај. Што е тоа што ги прави поразлични од другите ѓерданите со бисерите и другиот накит направени од вештите раце на Талеви?

В. Талев: Специфичноста за нашиот бисер е што ниеден бисер во светот ги нема убавината и препознатливот сјај на рачно премачкано седефесто зрно. По своите карактеристики, нашиот бисер е најблиску до сјајот на вистинскиот бисер од школкa. Бисерите го добија името охридски бисери во 1935 година кога трговците од Битола и од Скопје доаѓале во нашиот град и најчесто велеле дека одат да купат охридски бисер. Секое зрно е премачкано со посебна емулзија. Работиме само со природни материјали. Четката со која ги обложуваме бисерите е направена од влакна од куна, од верверица или од опашка од коњ. Ја користиме емулзијата која го има истиот состав од 1924 година. Секој бисер се мачка со емулзија пет до десет пати, а времето меѓу два слоја е најмалку до еден час, за добро да се исуши. Охридскиот бисер е уникатен и поради емулзијата направена од рибино сребро добиено од охридската плашица. Има и многу други мајсторски тајни во рачната изработка и нанесувањето на емулзијата. Секако, убавината на бисерот зависи и од умешноста на мајсторот за да се добие идеално мазна површина на бисерот.

Продолжува ли семејната традиција во годините што доаѓаат? Што е тоа што треба да го поседува идниот мајстор на бисери?

В. Талев: Мојот татко е втората генерација која ја продолжува семејната традиција за изработка на бисерите. Јас сум посебно горд што татко ми успеа да го одржи дуќанот кој и денеска е отворен за вистинските љубители на убав охридски бисер. Јас сум третата генерација и со задоволство го носам името на мојот дедо Ване кој успеа да ни ја вгради неизмерната љубов да го изработуваме надалеку познатиот охридски бисер. За да се биде добар мајстор на бисери, пред сè, потребно е да се има внатрешна желба и искрена љубов да се изработуваат бисерите. Оваа работа бара целосна посветеност, љубов, трпение и вештина. Потребно е да се поседуваат и други човечки вредности. Човек кој е склон на некои пороци, како коцкањето и пијанството, не може да изработува бисери кои изгледаат толку чисто и префинето. Како дете го гледав татко ми како со денови поминува во семејната работилница за бисери, понекогаш и по 15 и 16 часа во денот. И мене ми требаше подолго време за да ја преземам работата во дуќанот. Со години го гледав татко ми со каква внимателност и концентрација поминуваше со четкичката кога ја нанесуваше емулзијата на зрната. До мои 27 години работев нешто друго, но еден ден во мене се јави желбата да ја земам четкичката во раце. Наеднаш целосно ме обзеде мирисот на емулзијата и останав долги години бисерџија. По долги години работа, сега во мене со еднаква силина се јавуваа чувството на радост и на восхит кога го изработив мојот прв бисер. Задоволство ми е што од пред три-четири години и мојот син Климент избра да продолжи да ја негува нашата семејна, а можам да со задоволство да кажам, и нашата македонска традиција по која сме препознатливи во регионот, во Европа и во светот.

Вашиот накит со охридски бисери го носат многу познати личности во Македонија, во Европа и во светот. Дали сте имале прилика лично да запознаете некоја од овие познати личности? Што е тоа што најмногу им се допаѓа на луѓето кај вашите рачни изработки?

В. Талев: Во нашиот дуќан доаѓале многу ВИП-личности кои купувале од нашите бисери за своите мајки, за сопругите или за своите најблиски роднини и пријатели. Задоволство ми е што бисерите изработени од фамилијата Талеви се дел од државните протоколи за размена на подароци со други државници. Нашите бисери биле подарувани од покојните претседатели Киро Глигоров, Борис Трајковски при нивните средби со кралицата Елизабета или принцезата Дијана. Еднакво ми се драги и секојдневните средби со туристите и со граѓаните кои со големо внимание и страст избираат кога купуваат ѓердан, обетка или нараквица. На секоја средба и разговори со нив им посветувам целосно внимание за да им помогнам при изборот на некој накит со бисери. Ако можам да издвојам некоја случка, тогаш тоа би било доживувањето со кинескиот амбасадор во Србија, кој со својата делегација беше на пропатување низ Охрид. Во дуќанот влезе со преведувачот, а другите луѓе од делегацијата чекаа надвор пред излогот. Амбасадорот зборуваше кратко и со нивната препознатлива внимателност и начин на комуникација се распрашуваше за многу детали за охридскиот бисер. Откако поминаа неколку минути во разговор, со погледот му даде знак на еден од неговите соработници да влезе во дуќанот. Тој извади од неговиот џеб едно „пенкало“, а на врвот имаше лупа и со неа гледаше во примероците од бисерите. По неколку минути ја крена главата и му кимна на амбасадорот во знак на одобрување. Тоа беше потврда дека бисерите се оригинални и квалитетни и гостинот од Кина без збор одлучи да купи четири комплети накит.

Живееме во време на широка комерцијализација на пазарот за накит. Како се справувате со нелојалната конкуренција? Постои ли опасност од „преземање“ на овој наш македонски бренд и како да го заштитиме? Како потрошувачите да препознаат оригинален охридски бисер?

В. Талев: Низ годините и сега се соочуваме со нелојална конкуренција. Законите за заштита на брендот се на наша страна. Меѓутоа, спроведувањето на тие закони е голема нула. Да нагласам дека бисерите од фамилијата Талеви се заштитени со географско потекло, а нивната вредност е потврдена со добивањето на Златен медал во Брисел на Еурека 2001 година. Постојат повеќе начини за да се препознае оригиналноста на охридскиот бисер. Купувачите кои доаѓаат во нашиот дуќан веќе имаат основни предзнаења за тоа како треба да изгледа рачно изработениот бисер. Сјајот и белината на зрното е еден од начините да се избере оригинален бисерен накит. Има и други начини на проверка на оригиналноста и за тоа редовно ги информираме и нашите купувачи.

Дали може да издвоите некој посебен примерок на бисер кој, според вас, има посебна убавина и вредност?

В. Талев: Низ долгогодишната работа имам изработено многу бисери кои имаат и своја различна вредност. Барањата на купувачите се различни во зависност од нивниот вкус и материјални можности. Најчесто туристите купуваат обетки, ѓердани или бисерни нараквици и нивната цена е различна и се движи од 100 до 300 евра. Но, има и обетки за 10 до 20 евра. Вообичаено бисерите се изработуваат во големина од пет до шест милиметри и за нивна изработка се потребни да се нанесат од пет до десет слоја емулзија. Мене посебно ми е уникатна изработката на двата бисера со големина од 12 милиметри. Тие се и наша семејна реликвија. За нивната изработка беше потребно да се нанесе емулзија над 1 100 пати! Нивната пазарна вредност е околу пет илјади евра.

Во Брисел, во 2001 година, охридскиот бисер на фамилија Талеви доби европско признание Златен медал врз чија основа Министерството за економија го сертифицираше вашето производство. Што треба да се направи за охридскиот бисер да стане и препознатлива европска приказна?

В. Талев: Златниот медал во Брисел е признание за нашата долгорочна и макотрпна работа. Во сегашната вредност и беспрекорна убавина на нашиот охридски бисер се вградени мнoгу труд, љубов и посветеност на повеќе генерации од нашето семејство. Вредноста на охридскиот бисер е во неговата рачна изработка и потребно е време за да се добие квалитетен производ. За изработка на евентуално поголеми серии од 800 до илјада бисери кои би се продавале низ европските продавници за накит е потребно време и, што е најважно, да има и квалитетен кадар. Но, и во такви услови би се изгубила уникатноста која ја има охридскиот бисер во овој момент. Се надевам дека ќе се оствари и заветот на нашиот дедо приказната за македонскиот бисер да продолжи да живее и да се шири во Европа и во најдалечните места во светот.


Разговараше: Митко Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано