Економија
ПРОДОЛЖУВААТ НЕПОВОЛНИТЕ ЕКОНОМСКИ ИЗГЛЕДИ ЗА ГЕРМАНИЈА, економијата на еврозоната пораснала за 0,3 отсто во вториот квартал
14.08.2024
„Економската криза во Германија се поцврсто стагнира, а со тоа никој не може да биде задоволен“, изјави германскиот министер за економија Роберт Хабек, кој изрази загриженост по последните анализи на институтот ZEW. Вредноста на барометарот за очекувањата на финансиските експерти за овој месец се значително послаби од предвидувањата. Барометарот на Институтот во август во однос на јули покажува пад од 22,6 до 19,2 бодови, пренесува ДПА.
- Мерките кои до сега се преземени не се доволни за да се надминат високите камати и намалената побарувачка од странство, но и структурните проблеми кои ги имаме во Германија, изјави Хабек.
Претседателот на ZEW Ахим Вамбах како коментар за податоците од неговиот иститут изјави дека „економските изгледи за Германија се во колапс“.
Економијата на еврозоната пораснала за 0,3 отсто на квартално ниво во вториот квартал од оваа година, покажаа првите проценки на Евростат објавени денеска.
Економијата на Европската Унија, исто така, порасна за 0,3 отсто на квартално ниво во вториот квартал, по растот од 0,3 отсто во првиот квартал.
Германија, најголемата европска економија, падна за 0,1 отсто во споредба со истиот период минатата година. Во вториот квартал најсилен раст оствари полската економија и тоа за 1,5 отсто. Ирска има раст од 1,2 отсто, Холандија со 1,0 отсто и Литванија со раст од 0,9 отсто.
Најниска стапка на раст од 0,1 отсто забележале Романија и Португалија, додека австриската економија стагнирала.
фото freepic