Интервјуа

Посветеноста и трудот се двете најбитни доблести за да се успее

Јан Стојановски I Освојувач на златниот медал на Европската олимпијада по физика

Економија и бизнис | печатено издание | 15 август 2024г.

Јан, најпрвин честитки за твојот голем успех, освојување на златниот медал на Европската олимпијада по физика. Мислам дека ја направи целава земја да се чувствува гордо со твојот успех. Какво беше чувството да се биде најдобар? Го очекуваше ли златниот медал?

Ј. Стојановски: Благодарам за честитките. Веќе четири години учествувам на Европската олимпијада по физика и секоја година се трудам да имам подобар резултат од претходната. Прво имав два бронзени медала, па сребрен, а оваа година како најискусен, а и најважно од сѐ, со многу среќа добив златен медал. За олимпијадава многу се подготвував, а и огромен труд вложија мојот средношколски професор, како и професори на Природно-математичкиот факултет. Моите очекувања веднаш по натпреварот не беа превисоки. Знаев дека имав добро решавано, но сепак сѐ до самото прогласување на медалите не се надевав премногу. Затоа кога ме прогласија за добитник на златен медал бев пресреќен. Гледајќи дека оваа ми е последна година од средното образование, презадоволен сум зашто не можеше подобро да се заврши мојата натпреварувачка „кариера“.

Набрзо по златниот освои и сребрен медал на Меѓународната олимпијада по физика. Кажи ни малку повеќе за самите натпреварувања, кој се натпреварува, каква е конкуренцијата?

Ј. Стојановски: Станува збор за врвни натпревари на светско ниво. Меѓународната олимпијада е најпрестижниот светски натпревар за средношколци. На неа обично учествуваат над осумдесет држави каде што секоја испраќа најмногу пет учесници. Таа веќе се одржува по педесет и четврти пат. Европската олимпијада е исто така една од најважните меѓународни натпревари по физика за средношколци. Таа, впрочем, може да биде и потешка од Меѓународната олимпијада. Обете олимпијади се состојат од два натпреварувачки дена. Се решава по пет часа на секој од деновите. Еден ден е наменет за теориски задачи, а другиот за експериментални проблеми. На Европската олимпијада, и покрај името, учествуваат земји како САД, Канада, Бразил, Хонгконг, Јапонија, Сингапур, Израел, Казахстан, Виетнам и други земји надвор од Европа.

Како и зошто те привлече токму физиката? Имаш ли омилен физичар?

Ј. Стојановски: Физиката, како и сите други природни науки, ме привлекува поради тоа што се труди да ги објасни природните појави околу нас. На систематски и доследен, но и на многу креативен начин ги опитува необјаснетите нешта во нашава вселена. Физиката, всушност, се истакнува меѓу останатите науки зашто таа е најосновна. Ако си замислиме дека вселената е шаховска табла, физиката би била онаа која сака да открие кои се правилата за тоа како се движат фигурите. Ако знаеме како се движат фигурите, можеме да заклучиме како би се одвивала и една цела партија, односно како би се одвивала сета вселена. Како омилен физичар би го одбрал Архимед, иако во денешен поглед тоа тој што го правел не звучи многу впечатливо. Сепак сметам дека најтешко е да бидеш прв во откривање нешто ново, а Архимед бил прв пронаоѓач на многу нешта без да има рамена на великани врз кои може да се потпира.

Имајќи ги предвид сите медали што си ги освоил досега, што е според тебе пресудно за да се успее? Што е она што би им го порачал на другите млади луѓе како тебе?

Ј. Стојановски: Посветеноста и трудот би рекол дека се двете најбитни доблести за да се успее. Исто така е важно успехот да не ни биде главна цел. Поттикот за работа не треба да доаѓа однадвор со тоа што се сопоставуваме со други за да знаеме колку сме успешни. Напротив, поттикот за работа треба да иде однатре. Успехот секој за себе треба да го мери според она колку тој самиот вложил труд и време да премине некој предизвик. Ако истрајно работиме на едно нешто кое навистина ни се допаѓа, не обѕирајќи се на тоа колку сме досега успешни, ќе успееме. По доволно време среќата ќе им се насмевне на вредните. Па дури и да не успееме во очите на останатите, најважно е ние да бидеме задоволни со нашиот напредок зашто тоа е вистински успех.

Во нашава земја многу се критикува образовниот сектор, но ти и сите оние ученици кои изминативе неколку недели освоија медали на меѓународни натпревари покажувате дека може да се успее. Заслуга за успехот имаат и наставниците. Како беше во твојот случај, кого би го издвоил во тој поглед?

Ј. Стојановски: Јас имам голема среќа што многу прекрасни луѓе биле дел од мојот животен пат. Уште од основно училиште мојот прв професор по математика беше причината зошто ја засакав математиката. Друг професор ми држеше подготвителни часови надвор од училиште. Еден од најзначајните наставници ми е професорот по физика кој не само што ме учи физика туку и општо ми помага да се справам со сите тешкотии кои ги имам. Затоа, и покрај учител, тој ми е драг пријател. Понатаму професорите на Природно-математичкиот факултет ни се посветија и дадоа сѐ да нѐ спремат достојно да ја претставиме Македонија. Важно е да напоменам дека сето ова што го правеа учителиве го правеа надвор од својата секојдневна училишна или професорска дејност.


Јан Стојановски со професорката Ирина Петреска, водач на тимот на Европската олимпијада по физика

Како ја оценуваш улогата на родителите, нивната поддршка? Колку и како ти помогнаа твоите родители за големите успеси што ги постигнуваш?

Ј. Стојановски: Родителите се најважни личности за едно дете. Има причина зошто децата се сметаат за одраз на своите родители. Татко ми е математичар и понекогаш со него влегуваме во дискусија за некој математички проблем. Мајка ми е задолжена за „административно-техничка“ поддршка. Таа ги следи административните процедури и датуми за натпреварите, некогаш помага при пополнување обрасци, преводи, нотарски заверки и ме вози на натпревари.

Како одеше организацијата на учеството и покривањето на трошоците за учество на меѓународните натпревари? Како би можело сето тоа да се организира? Што мислиш, како би можела да се обезбеди структурирана и систематизирана поддршка за супер талентираните ученици не само за учество на натпревари туку и воопшто? Кој сè би требало да биде вклучен? Државава, приватниот бизнис сектор...?

Ј. Стојановски: Многу е јасно според мене како треба да бидат поткрепени трошоците за учество на вакви истакнати меѓународни натпревари. Министерството за образование и наука има непосреден интерес да вложува во друштва и во организации кои ги промовираат природните науки. Како дел од тоа спаѓаат и натпреварите, а особено меѓународните натпревари кои ја претставуваат државава и нејзините најнадарени ученици. Кај сите други европски држави, кои се свесни за потребата на развој на науките, меѓународните натпревари се поддржани од нивните соодветни министерства. Бизнис-секторот секако дека може да биде од помош, но првенствено местото на покровител треба да го има Министерството за образование и наука. Министерството треба да има програма за талентирани ученици, да ги поддржува подготовките и учеството на олимпијадите. Во буџетот мора да има испланирани средства за покривање на трошоците за олимпијади. Тимовите тогаш ќе може да се фокусираат на подготовките.

Освоените златни медали на врвни меѓународни натпреварувања ги отвораат вратите на престижните светски универзитети и овозможуваат пристап до стипендии за студирање. Какви се твоите планови за универзитетските студии?

Ј. Стојановски: Да бидам искрен, многу е тешко да се одлучи кој е правиот чекор за понатамошно високо образование. Кај нас веќе постои длабоко вкоренет тренд за иселување на луѓето во странство сметајќи дека тоа е единствениот пат. Луѓе им го вреднуваат успехот на останатите според тоа на какви сѐ врвни универзитети се запишале. Па затоа има многу луѓе кои, според мене, од суета за да покажат колку се успешни, одат на факултети во туѓина. Ако некој сака вистински да научи нешто, не гледам зошто тој тоа не би можел да го стори дома. Но, сепак, во странство има подобри услови. За некои специфични полиња кај нас нема никакви ресурси. Странските дипломи се попризнати од нашите. Странските факултети ни нудат можности да создадеме врски со луѓе кои можат да соработуваат со нас во иднина, а исто така ни даваат можности да видиме нови знаења, искуства и методи поразлични од нашиве кои можеме понатаму да ги донесеме назад дома.

Каде се гледаш себеси професионално во иднина? Каков вид работа те привлекува, со што би сакал да се занимаваш?

Ј. Стојановски: Сега за сега би сакал да бидам научник истражувач. Најмногу ме привлекува да работам на некој нерешен проблем и да се обидувам да смислам начин како да го решам. Секако дека можат многу нешта да се сменат и да работам нешто сосема различно, но сигурно тоа би било поврзано со физиката, со математиката или со хемијата.

Како младо момче, што те интересира надвор од училишните ангажмани, што ти го привлекува вниманието во слободното време?

Ј. Стојановски: Мене многу нешта ме имаат интересирано, но најдолго нешто со кое се занимавам надвор од училиште е виолината. Свирам веќе тринаесет години. Иако свирам само „рекреативно“ и не сум посветен како музичар, музиката сепак ми причинува огромно задоволство. Често следам и предавања за некои научни прашања на Јутјуб. Покрај музиката, понекогаш возам велосипед. Тука се и другарите, секогаш гледам да најдам време за дружба.

Ти благодарам за интервјуто. Ти посакувам големи успеси во иднина и врвна професионална кариера. Се надевам дека и нашава земја ќе најде начин да овозможи твоето знаење да помогне за брз развој на македонската економија.

Ј. Стојановски: И вам ви благодарам многу за интервјуво.


 

Разговараше: Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано