Интервјуа

САКАМЕ ДА ПРИДОНЕСЕМЕ ЗА ЗДРАВИ И СРЕЌНИ ИДНИ ГЕНЕРАЦИИ И СЕМЕЈСТВА

Интервју со Бојан Георгиевски и со Ана Кимовска Георгиевска, основачи на Акантус Крафтс

Економија и бизнис | печатено издание | 15 август 2024г.

Бојан Георгиевски и Ана Кимовска Георгиевска се брат и сестра, двајцата активни учесници во семејниот бизнис на компанијата Дима Шпедиција. Основана во 1992 година, фирмата најмногу се занимава со царинско посредување и со шпедиција. Покрај тоа што Бојан дипломира Финансии и сметководство на Универзитетот Шефилд во Солун и магистрира Менаџмент на истиот универзитет, а Ана дипломира Менаџмент на Универзитетот Шефилд во Солун, па магистрира на Стратешки менаџмент и лидерство на Универзитетот Халмстад во Шведска, тие се вљубеници во уметноста и долги години активни и во таа област преку галеријата Акантус која си го проби својот пат во уметничките кругови кај нас. Од неодамна го проширија своето поле на дејност и во дигиталниот свет со креирање на Акантус Крафтс, платформа за применета уметност. Разговарам со нив за оваа нова иницијатива.



Бојан, вие сте претприемач, доаѓате од бизнис-секторот и бевте еден од инвеститорите и иницијаторите на проектот Акантус. По уметничката галерија АКАНТУС, сега заедно со Ана, се лансирате во нова, независна и дигитална платформа на македонската сцена, овој пат дизајн. Која е вашата водечка идеја?

Б. Георгиевски: Одлично се сеќавате. Едно од првите интервјуа кои ги имавме за Акантус беше токму со вас. Драго ми е што повторно сме во дијапазонот на вашиот интерес. Како што кажавте, нашиот нов концепт Акантус Крафтс, akantuscrafts.mk, е дигитална платформа, односно електронска продавница во чиј фокус се применетата уметност, уметничките ракотворби, но и сетови за креативно изразување наменети за секој кој има таков интерес.
Последново е новина на нашиот пазар. Едноставни се, наменети за домашна употреба, со комплет производи за изработка на некаква ракотворба. Може да е сет за ткаење, за везење или за леење на предмети од бетон или смола и не е потребно претходно искуство во таа техника.
Она што е интересно за овие сетови моментално во интересот на научни истражувања е дека тие покрај разонода нудат и развој на креативноста, па така придонесуваат за поединечниот личен развој. Кога слободното време го користиме работејќи нешто креативно се развива нашата општа креативност, па така може да наоѓаме креативни решенија не само при изработката на некоја ракотворба туку и при надминување на препреки во животот, професионален, општествен, па и љубовен би рекол.

Прекрасната галерија Акантус беше сместена во стар, автентичен дебармаалски простор, идеален за уметничка галерија. Овој единствен простор, независен од институциите, функционираше како галерија и понуди изложби на етаблирани имиња од нашата сцена и од надвор. Како вљубеник во уметноста, кое е вашето најдрагоцено искуство од овој проект?

Б. Георгиевски: Ова е многу тешко прашање. Пред сѐ ви благодарам за убавите зборови, драго ми е дека трудот кој го внесовме низ тие неколку години оставил убави импресии. Не би можел да издвојам поединечен настан, целото искуство со галеријата беше нешто што на некој начин ме дооформи како личност, ме насочи да барам креативни одговори, решенија, а и излези кога се неопходни.
Доколку би се фокусирал на дел од работата кој ми беше омилен, мора да кажам дека тоа беа подготовките на изложбите. Соработките со уметниците, разговорите со кураторите, разработката на концептот за изложбата, планирањето на отворањето, навистина тоа не се заборава.

Дали сметате дека комбинацијата од дигитална платформа и дизајн ќе привлече поширока публика? Дали можеби вашата веќе стекната и оформена галериска публика и клиентела природно ќе се префрли кон вашите дигитални активности?

Б. Георгиевски: Овој пат сме фокусирани кон поширока публика. Креативноста, секако, е градивен дел на уметноста, но таа не е ограничена само на уметноста. Речиси секој од нас има потреба од креативен израз, некои тоа го прават преку својата работа, некои во рамките на семејните или на општествените животи. Ние нудиме еден модус за едноставно насочување на таа креативност.

А. Кимовска Георгиевска: Сите денес живееме во дигитален свет и првично така ги добиваме информациите. Ретко некој да оди по продавници за да види производ, а откако е информиран за одреден производ оди да го купи или го нарачува дигитално. Тргнуваме од таа точка и од етаблираниот бренд во полето на уметноста кој веруваме ќе ни даде поддршка во ширење, поточно кон еден нов правец. Понатаму со организирање на креативни работилници планираме да ја зацврстиме врската со целната публика и на тие работилници да се запознаат со разни техники на креативно творење и со нашите производи.

Освен Јавна соба и Лабораториум, кои како физички простор опстануваат бидејќи се комбинација од повеќе содржини, ретки се примерите во Скопје кои во изминативе неколку години покажале иницијатива за инвестиција во современата дизајн сцена. Вашата дигитална дизајн галерија може да стане привлечна платформа за експонирање и за промоција на македонската креативна сцена. Дали сметате дека со овој тип на инвестиции ќе се сменат работите, дали има потенцијал за развој кај нас?

А. Кимовска Георгиевска: Веруваме дека има. Секојдневно гледаме подем во оваа бранша, гледаме разни начини на кои креативноста е присутна во настаните кои се организираат во градот. Да се има хоби, да се твори и да се продаваат ракотворби во концепт продавници е сè почесто. Токму поради ова се решивме на ваков чекор, да инвестираме во дигитализација на применетата уметност и креативни и дизајнерски производи. Овие производи е тешко да се продаваат во продавница, а луѓето немаат навика да одат во ументичка галерија ниту пак тие галерии се лесно достапни и познати на пошироката публика. Од друга страна, дизајнерите имале ограничени можности да ги промовираат нивните производи и да ги постават за продажба на соодветно место каде што може купувачите да ги најдат. На овој начин Акантус Крафтс го гледаме како еден мост преку кој ќе ги доближиме креативното творење и применетата уметност до пошироката публика од разни возрасти.

Вие како галерист имате учествувано и на меѓународни арт манифестации, со промоција на македонски дела. Имате ли планови за поширока експонираност на дизајнерите кои ги презентирате (регионално или пошироко), дали во иднина би вклучиле и дела на македонските современи уметници?

Б. Георгиевски: Промоцијата на македонската уметност во странство е моја долгогодишна желба, на тоа работевме и во Акантус, како што кажавте. Оваа посветеност планираме да ја задржиме и во Акантус Крафтс, особено во линијата за применета уметност во која ќе се продаваат дела од македонски уметници и дизајнери. Во оваа прва фаза започнуваме локално, но идејата е да се продава и меѓународно. Како следна фаза, откако Акантус Крафтс би застанала на нозе, планираме да направиме и електронска галерија за ликовна уметност, е-галерија Акантус, која би се продавала и меѓународно.

Ана, дополнително, ново поле на интерес на Акантус е идејата да организирате работилници и настани поврзани со развој на креативноста кај децата. Кое е вашето согледување од досегашните активности?

А. Кимовска Георгиевска: На пазарот согледуваме шанса од мали нозе на децата да им овозможиме да ја развијат и да ја насочат својата креативност, нешто што кај нас во минатото не е направено. Многу од нас возрасните целосно сме ја заборавиле или сме ја запоставиле својата креативност. Креативноста ни помага во секое поле од животот, кога нешто сами ќе осмислиме и ќе направиме тоа нè прави среќни и ни дава задоволство. Сакаме да придонесеме за здрави и среќни идни генерации и семејства, да им помогнеме на возрасните да ја разбудат својата креативност, а на дечињата да ја насочат креативноста и да ги одржат својата опуштеност, безгрижност и палавост во текот на растењето.

Уметничка галерија, дизајн платформа, интернационални продажби, па да се потсетиме, што симболизира името Акантус?

А. Кимовска Георгиевска: Тоа е име на растение, вид трн кој расте на Медитеранот. Само по себе и не е баш многу убаво, искрено, но неговиот лист е инспирација за уметноста и за дизајнот уште од антика. Првично, како инспирација за капитолот на коринтските столбови, подоцна за време на Византија и на романиката, па возобновен во ренесансата, го има и во дизајни на Вилијам Морис. Го имам сретнато во ентериер на стари градски куќи во Скопје и во Битола, ако се сеќавате на оние стари начини на фарбање на ѕидовите со шаблони, па дури и на современи тапети. Инаку неговото значење историски претставува бесмртност, истрајност и повторно раѓање.

ПРЕПОРАЧАНО