Економија
ВО ПРВИТЕ СТО ДЕНА ПОЧНА ДА СЕ ПРИМЕНУВА НОВИОТ КОНЦЕПТ ЗА ПОВИСОК РАСТ, беше истакнато денеска на првата трибина од Платформата 100 % за тебе
17.10.2024
Поддршка на реализација на реални инвестиции е основната на која се заснова концептот на новата Влада за повисок економски раст и повисок животен стандард, кој е пресликан и во буџетот за 2025 година, a којшто е во фаза на подготовка, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денeска на првата трибина од Платформата 100 % за тебе.
- Квалитетен и подобар животен стандард не подразбира само пораст на платите, туку подобрување во сите сегменти, односно тоа значи и подобра економија, подобро здравство, инфраструктура, рече министерката.
Таа додаде дека во изминатите години видовме концепт којшто се темелеше на потрошувачка, за кој се потрошија стотици милини евра, а немаше ефект. Според министерката се зависи од концептот и дека е најважно работите да се гледаат суштински и реално.
Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, истакна дека внатрешните контроли во рамки на службата се тековни активности, дека тоа е секојдневна работа на Царинската управа.
- Бидете убедени дека новото раководство многу внимание посветува на внатрешната контрола. Управата е обемна институција со 1200 вработени, со многу внатрешни испостави и многу гранични премини. Насоката е дадена, редот, работата и дисциплината се единствените критериуми според кои ќе се цени, за се друго ќе има санкционирање како што и се случи, рече Николовски.
Министерството за економија и труд со реорганизацијата на институциите имаше најмногу промени во надлежностите, но и и покрај овој голем предизвик во изминатите 100 дена бевме посветени на поддршката на бизнисите и домаќинствата, и на заштитата на животниот стандард на граѓаните, кажа министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
- Додека од една страна спроведувавме мерки за поддршка на бизнисот, во исто време бевме соочени со зголемување на цените на мало. Во таа насока, прво донесовме одлука за замрзнување на маржите за училишниот прибор со што им излеговме во пресрет на домаќинствата кои имаат ученици со намалување на нивните трошоци за оваа намена, и секако во пресрет на почетокот на академската година со оваа мерка излеговме и во пресрет на студентите за трошоци за потребниот школски прибор. Ја објавивме Есенската потрошувачка кошница и ги ограничивме маржите на 10% и во трговијата на големо и во трговијата на мало на 73 групи на основни прехранбени производи, кажа министерот.
Според анализите на Министерството за економија и труд, како што кажа Дурмиши, првичните анализи од терен, кажуваат дека цените на производите од есенската кошничка се намалиле во просек од 5% до 10%, при што кај некои производи намалувањето на цените е помало, или воопшто и го нема (како на пр. лебот, маслото за јадење и млекото), додека кај други производи истото е значително поголемо (на пр. месо, зеленчук и млечни производи (сирење и кашкавал).
Министерот за јавна администрација Горан Минчев смета дека не треба да се брза со законот за правична застапеност затоа што треба да се направи соодветно законско решение кое ќе биде долгорочно и применливо. Законот, според Минчев, треба да помине низ јавна дебата со вклученост на експерти, а пред да биде донесен, да се добие и мислење од Венецијанската комисија.
- Нема да има вработувања на нестручен кадар само поради неговата етничка припадност. Не треба етничката припадност да се поврзува со мерит системот. Според него, етничката припадност не е единствената причина за лошиот рејтинг на дел од јавната администрација, туку причините треба да се бараат и во партиските вработувања во администрацијата, вели Минчев.