Економија
ММФ: НИCКИОТ РАСТ И ВИСОКОТО ЗАДОЛЖУВАЊЕ ЈА ЗАГРОЗУВА ИДНИНАТА НА СВЕТОТ
17.10.2024
Нискиот економски раст, намалување на трговијата и високото ниво на задолжување ја загрозува иднината на светот, изјави Кристалина Георгиева, претседателка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Повисоките потрошувачки цени на глобално ниво, судирите на Блискиот Исток и во Европа и незадоволителните среднорочни изгледи за економски раст се причините за претпазливост, наспроти очекуваното економско забавување и намалување на инфлацијата без да се навлезе во рецесија, посочува Георгиева.
Некои од главните светски играчи спроведуваат индустриска и протекционистичка политика, но тоа не е добар чекор, смета претседателката на ММФ.
Обраќањето на Георгиева претставува вовед во годишниот собир на ММФ и Светската банка кој ќе се одржи од 21 до 26 октомври во Вашингтон.
Глобалниот јавен долг до крајот на 2024 година ќе надмине 100 билиони долари, односно 93 отсто од глобалниот БДП, а до 2030 година ќе се приближи до 100 отсто од светскиот БДП, објавија неделава од ММФ, пренесува „Еуроњуз“.
фото freepic