Економија
ГЕРМАНСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ЕКОНОМИЈА ПРЕДЛАГА ПЛАН ЗА ИЗЛЕЗ ОД КРИЗАТА
25.10.2024
Сојузниот министер за економија Роберт Хабек го претстави планот за излегување од кризата во која се најде германската економија. Планот што го претстави Хабек е документ од 14 страници, што од германската јавност беше препознаен и како предизборна програма на Партијата на зелените.
Централната точка на планот за излез од кризата е давањето на инвестициски бонуси за германските компании, а од медиумите беше именуван како „германски фонд“. Средствата во износ од десет отсто од новите вложувања треба да ги добијат сите компании, без разлика на големината и дејноста.
Според сознанијата на Хабек кои се потпираат на најновите економски извештаи, вложувањата на домашните компании во опрема и технологија се значително намалени во првата половина од 2024 година, пишува „Дојче веле“.
Планот на Хабек би требало да се реализира за период од пет години, но не се наведува сумата со која би била опфатена со инвестицискиот фонд. Пред неколку месеци Сојузното здружение на германските индустријалци објави дека во моментот недостасуваат околу 400 милијарди евра за финансирање на инвестициите во јавниот сектор во следните десет години.
Покрај инвестициите во германските компании, германскиот министер пишува и за вложување на 100 милијарди евра за железницата и патиштата, 70 милијарди евра за изградба на градинки, училишта и факултети и 60 милијарди евра за дигитализација.