Интервјуа
Нашето партнерство се заснова на заеднички вредности, на заемна почит и на искрен дијалог
Интервју со Н.Е. Вероник Улман, амбасадор на Швајцарија
Економија и бизнис | печатено издание | 15 октомври 2024г.
Амбасадорке Улман, Швајцарија е клучен билатерален партнер на нашава земја во повеќе области. Оваа година славиме 30 години дипломатски односи. Гледајќи наназад, како ги оценувате досегашните дипломатски односи и врските што ги делат нашите две земји?
Амбасадор В. Улман: Оваа година е навистина посебна бидејќи славиме 30 години дипломатски односи меѓу Швајцарија и Северна Македонија. Нашето партнерство се заснова на заеднички вредности, на заемна почит и на искрен дијалог. Нашите билатерални односи се збогатени од значителната дијаспора со потекло од Северна Македонија која живее во Швајцарија.
Швајцарско-македонските односи започнаа во 1992 година кога Швајцарија обезбеди хуманитарна помош како одговор на потребите на луѓето кои беа погодени од социоекономската криза што ја погоди Северна Македонија во раните денови на нејзината независност. Дипломатските односи беа формално воспоставени во јануари 1994 година, а две години подоцна беше отворена Швајцарска канцеларија за соработка по што следуваше отворањето на Швајцарската амбасада во 2000 година. Со текот на времето, опсегот на нашата соработка значително се прошири опфаќајќи не само дипломатски дијалог туку и многу други области како што се миграции, безбедност, трговија, култура и соработка во областа на развојот.
Од 1996 година, Швајцарија има инвестирано околу 350 милиони швајцарски франци во поддршка на демократската и на економската транзиција на Северна Македонија, заштита на нејзината прекрасна природа и поддршка на реформите кои придонесуваат во процесот на европската интеграција. Горди сме на значителниот напредок што успеавме да го постигнеме со нашите партнери, но знаеме дека процесот на реформи сè уште не е завршен.
Оваа година ја прославуваме нашата годишнина преку настани кои сведочат за швајцарската посветеност кон унапредување на културната разновидност, одржливиот развој, заштита на животната средина и создавање можности за младите.
Швајцарската програма за соработка е темелот на помошта што се дава за реформските процеси во нашава земја. Кои се резултатите од досегашното спроведување на оваа програма и кои се приоритетите за следната програма?
Амбасадор В. Улман: Швајцарската програма за соработка се надоврзува на долгогодишниот ангажман во три главни области: одржлив економски развој, демократско владеење, води и одржливо управување со природните ресурси. Низ годините, заедно со нашите партнери постигнавме значителни резултати кои придонесоа за подобар квалитет на животот.
Во областа на доброто владеење, придонесовме за подобрување на функционирањето на Собранието преку формирањето на Парламентарниот институт, јакнење на кадарот и дигитализација на Собранието. Придонесовме и за унапредување на неговата независност преку воспоставување на независен буџет, како и за зголемување на неговата транспарентност и врски со граѓаните преку собранискиот телевизиски канал, веб-страницата на Собранието и формирање на регистар за граѓански организации. На локално ниво, Швајцарија беше клучна во обуката на стотици општински советници и во дигитализацијата на општинските совети. Преку форумите во заедницата го засиливме учеството на граѓаните во процесите на одлучување и финансиравме неколку инвестициски проекти кои одговорија на потребите на заедницата (детска градинка, управување со отпад, патишта, осветлување, противпожарна опрема и сл.).
Граѓанското општество игра клучна улога во демократијата, а Швајцарија ги поддржува граѓанските организации речиси две децении преку програмата Граѓанска мобилност (Civica Mobilitas) која обезбеди технички и финансиски средства за речиси 400 граѓански организации. Со оглед на тоа што културата е важна за јакнење на јавната дебата за општествените прашања и за прашањата на владеењето, низ годините имаме поддржано неколку организации од областа на културата и ќе започнеме нова повеќегодишна програма која ќе ја зајакне независната културна сцена на Северна Македонија, ќе ја унапреди нејзината одржливост, истовремено промовирајќи ги социјалната кохезија, инклузија и човековите права.
На полето на економскиот развој, швајцарската поддршка беше клучна во развојот на системот за дуално стручно образование и обука, кој сега вклучува над 500 компании и во последниве четири години веќе се запишани над 12 000 ученици. Исто така придонесовме во градењето на екосистем за стартапи и го подобривме пристапот до меѓународниот пазар за повеќе од 500 мали и средни претпријатија. Посветени сме да продолжиме да ги поддржуваме малите и средните претпријатија со тоа што им помагаме да се модернизираат со цел да станат поконкурентни и да ги исполнуваат стандардите што се бараат на странските пазари, вклучително и оние кои имаат цел да ја заштитат животната средина.
Во областа на животната средина и одржливите јавни комунални претпријатија, швајцарските инвестиции им овозможија на 350 000 луѓе пристап до чиста вода и пречистување на отпадните води. Инвестиравме во депонијата „Русино“ кај Гостивар за да ја санираме со цел да ги исполни меѓународните стандарди при што би се намалиле негативните последици по здравјето на луѓето. Ќе продолжиме да ја поддржуваме Северна Македонија во санацијата, односно во формирањето на пет регионални депонии во согласност со европските стандарди, а во партнерство со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Министерството за животна средина и просторно планирање. Исто така соработуваме со „Пакомак“ на поставување на инфраструктура за селекција и за собирање на отпадот од амбалажа што вклучува поставување и вендинг машини за пластични шишиња, за лименки и иглоа за одложување на останатиот отпад од амбалажа. „Пакомак“ веќе собира над 33 000 тони или 35 % од отпадот од амбалажа во земјата. Швајцарија, исто така, повеќе од десет години инвестира во заштитата на природата и на биодиверзитетот на земјата. Нашата поддршка придонесе да се воспостават заштитените предели Малешево и Осогово, притоа промовирајќи одржлив економски развој во регионот.
Во рамките на оваа силна соработка, Швајцарија е партнер со македонскиот приватен бизнис-сектор. Една од областите во кои сте активни е образованието, особено дуалното стручно образование и обука што се поврзани со потребите на приватните бизниси. Што можете да ни кажете за ова?
Амбасадор В. Улман: Партнерството со приватниот сектор е клучен аспект за еден успешен систем на стручно образование кој одговара на потребите на пазарот на трудот. Среќни сме што нашиот ангажман придонесе за тесна соработка меѓу приватниот сектор, средните стручни училишта и Министерството за образование.
Овој модел овозможува учениците да се стекнат со релевантни вештини кои одговараат на потребите на пазарот на трудот. Други клучни елементи за успехот на овој модел се рамнотежата меѓу теоретската и практичната обука и практичната работа во приватни компании.
Целосниот потенцијал на оваа реформа ќе се постигне откако Собранието ќе го усвои новиот закон за стручно образование и обука.
Швајцарија му помага и на македонското стопанство во извозот на земјоделски производи и во развојот на туризмот. Кои се успешните приказни на ова поле?
Амбасадор В. Улман: Земјоделството и туризмот се мошне важни гранки за одржливиот економски развој бидејќи тие креираат работни места и ги поддржуваат руралните заедници.
Швајцарската поддршка придонесе за воведување иновативни практики и исполнување на стандардите за извоз на земјоделски производи, овозможувајќи им на производителите пристап до меѓународните пазари. Македонските производители на лешник извезуваат премиум производи кои се користат на пример во правењето на швајцарско чоколадо, но и на други меѓународни пазари. Производителите почнаа да преминуваат кон органско производство усвојувајќи ги практиките на швајцарскиот стандард за органско земјоделие Био Свис (Bio Suisse). Оваа транзиција е од суштинска важност за заштита на биодиверзитетот во Северна Македонија и за исполнување на европските и на швајцарските стандарди за квалитет и за безбедност. Во изминативе неколку години, како резултат на овие напори, на европскиот пазар стигнаа висококвалитетни пиперки, лубеници без семки и калинки од Северна Македонија. Токму преку оваа поддршка, приближно 350 компании добија поддршка за модернизирање на нивните производствени процеси и извоз на производи на конкурентни пазари.
Швајцарија го поддржува и активниот туризам како важен економски потсектор кој се надоврзува на природните богатства на Северна Македонија и има потенцијал да ја подобри локалната економија. Активностите како што се планинарење, велосипедизам, алпинизам, параглајдерство и кањонинг не само што обезбедуваат уникатни понуди и искуства за патниците туку придонесуваат и за создавање нови можности за регионален развој. Поддршката на Швајцарија се фокусира на подобрување на инфраструктурата во руралните и во планинските региони, истовремено промовирајќи ги екотуризмот и активниот туризам. Овие иницијативи придонесоа да се стават националните паркови „Маврово“ и „Галичица“, заштитените предели Малешево и Осогово, Крушево и Охрид на картата на меѓународните туристички оператори кои работат на активен туризам.
За иднината на нашава планета многу е важно да се фокусираме на постигнување одржлив развој. Овде зборуваме за зелена економија, за циркуларна економија и сл. Посочете ни некои добри примери за тоа што прават швајцарските компании и што треба да направат македонските компании.
Амбасадор В. Улман: Швајцарија ги усвои начелата на циркуларната економија во средината на осумдесеттите години од минатиот век, особено во секторите како што се градежништвото и управувањето со отпад. Оттогаш е постигнат значителен напредок. На пример, во 2018 година биле рециклирани речиси 12 милиони тони остатоци од градежен отпад. Повеќе од половина од комуналниот отпад во Швајцарија се селектира и се рециклира. Сепак, треба да се подобриме, особено за текстилот, за пластиката и за биоразградливиот отпад.
Швајцарските компании се едни од водечките компании во спроведувањето одржливи практики кои придонесуваат за економската зелена транзиција. Некои од нив се присутни и во Северна Македонија. На пример, „Макстил“, лидер во челичната индустрија во сопственост на швајцарската компанија „Дуферко“, веќе практикува циркуларна економија. Тие во производниот процес користат рециклирано старо железо на кое, преку топење и преработка, му даваат нова вредност. На овој начин тие придонесуваат за зачувување на природните ресурси. „Баумер“ е уште една швајцарска компанија активна во Северна Македонија, која развива прецизни сензори кои се користат во областа на дигитализацијата, во роботиката, во фармацевтската и во други индустрии. Покрај производството, тие основаа Центар за истражување и развој во Северна Македонија, давајќи му можност на нивниот тим да работи на развој на врвни иновативни решенија кои се користат во различни области во светот.
Дел од овие добри практики можат да се реплицираат во Северна Македонија со цел да се поттикне зелената транзиција. Исто така клучно е приватниот сектор да ги исполнува новите европски стандарди за животна средина за да остане конкурентен на меѓународните пазари. На пример, намалувањето и рециклирањето на отпадот, повторната употреба на материјалите во сектори како што се градежништвото и преработувачката индустрија би имало значително влијание како врз животната средина така и врз потрошувачката на енергија притоа градејќи ја конкурентноста на економијата. Зелената транзиција не се однесува само на приватните компании, таа бара ангажман од сите актери, вклучително и државата, и политичарите, и граѓанското општество, и народот.
Важно е младите да се вклучат во процесите поврзани со зелената транзиција. Што прави Швајцарија за да поддржи такво вклучување овде?
Амбасадор В. Улман: Швајцарија преку различни иницијативи активно го поддржува вклучувањето на младите во зелената транзиција во Северна Македонија. Во рамките на нашата работа во стручното образование и обука, промовираме одржливи практики и настојуваме младите да се стекнат со вештините потребни за зелени работни места.
Во партнерство со неколку национални институции и со УНИЦЕФ успешно вклучивме 10 нови „зелени“ изборни предмети во наставната програма за средното стручно образование. Во соработка со Земјоделскиот факултет во Северна Македонија го поддржавме развојот на нова студиска програма Дигитално земјоделство која има цел да изгради знаења и вештини за одржливо производство на храна. Програмата беше воведена оваа година и на неа се запишаа 13 студенти.
Дополнително, преку Граѓанската мобилност (Civica Mobilitas) ги поддржуваме младинските организации кои дејствуваат во областа на животната средина. Работиме на обука на младите кои се политички активни и младите кои се активни во своите заедници.
И покрај овие напори сметам дека треба да направиме повеќе за јакнење на младите и да им дадеме простор, алатки и вештини да станат активни припадници на своите заедници и во приватниот сектор. Преку нашата нова програма за соработка ќе ги засилиме нашите активности на овој план.
Една од областите во кои Швајцарија предвидува поголем ангажман во нашава земја во иднина е да даде поддршка во борбата против корупцијата. Што се планира на тој фронт?
Амбасадор В. Улман: Швајцарија е посветена на зајакнување на борбата против корупцијата. Подготвивме нова програма чија цел е да се намали ранливоста на општините на корупција. Поради комплексноста на проблематиката неопходно е да се работи со повеќе чинители како што се надзорните институции, градоначалниците и администрацијата. Зголемената јавна свест, пристапот до информации и следењето на работата на општините се важни мерки што треба да ги преземат граѓанското општество и медиумите; објавување на отворени податоци, дигитализација на е-услугите и на процедурите и спроведување на препораките посочени од надзорните институции, тоа се мерките што треба да ги спроведат општините.
За крај, вие живеете овде веќе некое време. Што ви се допаѓа најмногу, а што најмалку?
Амбасадор В. Улман: Ова е тешко прашање бидејќи има многу работи што ми се допаѓаат во оваа прекрасна земја. Секако љубезноста, емотивноста и гостопримството на луѓето надополнето со добра кујна и вино и природа што остава без здив. Уживам во пешачењето во националните паркови на Шар Планина, на Маврово, на Пелистер, на Малешево... Прекрасни места со различна атмосфера, бои и мириси. Уживам да работам и со тимот на Швајцарската амбасада. Тие се многу професионални, посветени и ангажирани и веруваат дека швајцарската поддршка во Северна Македонија направила и ќе продолжи да прави разлика. Ова ми дава многу енергија да продолжам целосно да ѝ се посветувам на мојата работа.
Ви благодарам за тоа што се согласивте да ни дадете интервју.
Разговараше: Зоран Јовановски