Интервјуа

ВЕРУВАМ ДЕКА МОЖАТ ДА СЕ ИЗГРАДАТ МОСТОВИ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И МЕЃУНАРОДНИТЕ ПАЗАРИ ОД КОИ СУМ ДЕЛ

Интервју со Марија Попоска – главен маркетинг-менаџер на швајцарскиот стартап Пурпоз (Pyrpose) за одржливост и инвестирање во обновливи извори на енергија

Економија и бизнис | печатено издание | 15 октомври 2024г.

Базирана во Женева, а распространета низ сите континенти, групацијата Ричмонт (Richemont) е водечка во доменот на луксузни производи. Импресивен е списокот на куќи кои се во нивна сопственост, тоа се престижни куќи кои се препознатливи според нивната извонредност и уникатност како во изработката на накит (Картие), часовници (Пјаже), така и во модата и модните додатоци (Алаја, Клое). Во мојата кариера имав неколку професионални интеракции со професионалци од оваа групација и секогаш сум ги ценела дизајнерските куќи кои се дел од ова семејство. Од друга страна, пак, сè почесто моите пријатели тука, а особено оние кои живеат надвор од земјава, преминуваат од големи корпорации во мали структури, понекогаш нивни проекти и стартапи. Знаењето стекнато во престижна и компетитивна средина е драгоцено, но инвентивноста и динамиката во стратапите се начин за да ги употребиш твоите вештини ефикасно и максимално.
На овие теми задоволство ми е да разговарам со Марија Попоска која со својата упорност и талент успеала да го пробие селективниот ѕид во оваа групација и да се здобие со драгоцено искуство работејќи за нив. Денес го применува во интересен и возбудлив стартап кој се занимава со нашата сегашност и иднина.



Како успеавте да влезете во престижната групација Ричмонт?

М. Попоска: Мојот пат до Ричмонт беше сè само не едноставен. Тоа беше долго патување, со многу неуспешни апликации за работа. Во меѓувреме, додека чекав одговор од нив, добив понуди (и ги одбив) од Филип Морис, Нестле (Nestlé) и Бос (Boss) во Швајцарија. Сакав да бидам дел од Ричмонт, многу ме интересираше како тие успеваат да ја одржат традицијата на престиж и на наследство, а воедно да ја спојуват неа со е-трговија, со врвни технологии и со одржливост. Откако се соочив со неколку одбивања, конечно бев поканета на интервју директно кај менаџерот на позицијата за која имав аплицирано. За само една недела добив понуда. Мојата упорност конечно се исплатеше и сфатив дека трудот и решителноста што ги вложив низ годините не беа залудни.
Бидејќи бев вработена во главната канцеларија на Ричмонт, предизвиците беа уште поголеми, но и наградувањето е многу подинамично. Знаењето и искуствата што ги собрав ми овозможија да пораснам и лично и професионално, па со текот на работењето пораснав до соработка со извршни директори во Швајцарија, на Блискиот Исток и во Кина. Прифаќањето на нови предизвици беше суштински дел од моето професионално патување, потврдувајќи дека истрајноста и подготвеноста за учење можат да доведат до извонредни можности.
Јас верувам дека успехот доаѓа кај оние кои остануваат истрајни и упорни.

Кои се разликите во работењето во голема корпорација и во стартап?

М. Попоска: Во големите корпорации, процесите за работа се многу појасно дефинирани. Постојат повеќе нивоа на одобрување за конкретна задача и најчесто работата е под поголем административен надзор. Истовремено има помала флексибилност за брзи промени поради истите тие нивоа на одобрување. Cекоја улога на вработените е многу јасно дефинирана, што значи дека вработените се фокусираат на специфични задачи и одговорности. За речиси секој вработен постои поголема специјализација и усовршување во одредена област.
Во стартапите, работата е поагилна. Има многу моменти кога одлуките треба да се донесат брзо и секој член на тимот има големо влијание врз резултатите. Постојат многу ситуации кога треба да се донесе многу битна одлука за краток временски период, а кога си во стартап времето е драгоцено. Секој ден се трудиш да завршиш што повеќе задачи и да донесеш што повеќе битни одлуки.
Од друга страна, стартапите се помали, а тоа бара поголема одговорност и мултифункционалност од вработените. Исто така во стартап вработените се соочуваат со поголем ризик бидејќи компанијата може да доживее оперативни и финансиски предизвици. Меѓутоа, ако тимот е сложен и сите заедно работат кон иста цел, со иста мотивација и се поддржуваат еден со друг, потенцијалот и успехот на вработените може да биде многу поголем отколку во корпорациите.

Која е главната активност на стартапот и која е вашата позиција?

М. Попоска: Главната активност на Пурпоз (Pyrpose) е овозможување на секој оној кој е заинтересиран за иднина на нашата планета да инвестира во зелени градежни проекти за обновлива енергија во Швајцарија, со цел да се поддржи енергетската транзиција.
Мојата позиција е главен марекетинг-менаџер − клучна за поддршка на растот и на развојот на стартапот. Моите задачи вклучуваат секојдневно планирање и имплементација на маркетинг-стратегија. Во исто време треба да се носам со неколку улоги бидејќи, иако сум одговорна за маркетинг, исто така сум вклучена и одговорна за привлекување на нови клиенти, одржување комуникација со постоечките инвеститори, создавање дизајн за реклами и дизајн за веб-страници и копирајтинг. Воедно го развиваме етаблираниот бренд на господинот Кевин Киер (Kevin Kyer), како концепт лидер за одржливост и многу други задачи за кои во корпорациите има специјално вработени луѓе за секоја од нив. Дали е тешко? Да. Дали е напорно? Речиси секој ден. Дали сум задоволна? Апсолутно. Посебно кога знам дека придонесувам и работам за доброто на планетата, можам да работам со часови и да не забележам како поминало времето.

Кои се еколошките принципи на стартапот во кој сега работите и кој е основачот?

М. Попоска: Стартапот каде што сега работам, Пурпоз (Pyrpose), е основан од Кевин Киер, Американец, кој 10 години работеше за Јаху, градејќи дигитални платформи во Женева. Зад себе тој има четири успешни стартапи. Пурпоз му е веќе 5-ти, така што тој има многу големо искуство со дигитални платформи и со стартапи.
Основните еколошки принципи на овој стартап се врзани за намалување на емисиите на стакленички гасови и инвестирање во обновливи извори на енергија. Нашата мисија е да се обезбеди зелена иднина за луѓето, а во исто време тие да профитираат од тоа преку поддршка на градежни проекти со еколошки придобивки.

Кој е односот на корпорациите кон проблемот на одржливост, а кој на стартапите? Дали тука има гринвошинг (greenwashing)?

М. Попоска: Големите корпорации многу често се обвинети за гринвошинг (greenwashing), односно промовираат одржливи вредности само за маркетинг-цели и добар имиџ на брендот, без реални еколошки акции зад тие зборови. Нормално, не се сите корпорации исти, некои од нив прават реални промени не само во фирмата туку и во светот. Други компании промовираат планови за одржливост, меѓутоа тие планови се нецелосни или не се воопшто реализирани. Исто така улогата на ЕСГ-рејтингот (ESG [environmental, social and governance]) е многу битна за корпорациите. Високиот ЕСГ покажува дека компанијата активно гледа кон иднината и инвестира во своите иницијативи за раст. Па затоа, во одлуките за инвестирање и стратегиите за корпоративна одржливост тој рејтинг е многу битен.
Исто така корпорациите имаат многу поголем буџет за еколошки проекти и за кампањи за одржливост. Тие можат сами да финансираат големи инцијативи со уште поголем медиумски опфат. Но, истовремено, да продолжат со практики кои ја загадуваат околината и не се одржливи.
Стартапите, од друга страна, имаат појасна мисија за одржливост и многу често работат транспарентно и со вистински еколошки иницијативи. Нивната помала големина им овозможува да бидат потранспарентни и да имплементираат вистински, мерливи цели за одржливост. Стартапите, особено оние кои се фокусирани на одржливи решенија, често се појавуваат специјално за да ги решат еколошките прашања. На пример, многу стартапи за чиста, обновлива технологија развиваат иновативни решенија за заробување на јаглеродот, негово складирање на обновлива енергија и намалување на отпадот.
Транспарентноста во работењето на секој стартап често е и стратегија за да привлечат еколошки свесни инвеститори кои денес бараат вистински резултати во областа на одржливоста.

Дали во блиска или во далечна иднина имате желба да се имплицирате со професионална активност во која било форма и во нашава земја?

М. Попоска: Имам желба, секако. Значаен дел од мојот живот го поминав во странство каде што стекнав многу знаење и искуства, особено додека студирав на Универзитетот Бокони (L’Università Bocconi) во Милано, а потоа магистрирав во HEC во Лозана. Тоа богатство на искуство и на умеење, нетрадиционално размислување и приод кон работите, би сакала да ги донесам во Македонија. Без разлика дали преку партнерства или споделување на најдобрите практики, мислам дека гледам огромен потенцијал во придонесот за развојот на земјава. Би било неверојатно исполнувачки да го споделам она што го научив и да го поддржам растот на Македонија, особено на полето на одржлив бизнис и иновативни решенија. На долг рок, верувам дека можат да се изградат мостови меѓу Македонија и меѓународните пазари од кои сум била дел. Тука посебно би ја истакнала постојаната поддршка од моето семејство за што сум им премногу благодарна.


Разговараше:

Лидија Георгиева

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано